1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФинска

Конзервативците победија на изборите во Финска

ДР /агенции
3 април 2023

Тесната изборна трка во Финска заврши со победа на конзервативците. Социјалдемократската премиерка Сана Марин го призна поразот.

https://p.dw.com/p/4PcyK
Финска, избори, Петери Орпо
Петери Орпо, лидер на Национална коалиција, има најголеми шанси да биде нов премиер на ФинскаФотографија: ALESSANDRO RAMPAZZO/AFP

На парламентарните избори во Финска, првпат по 12 години, победи конзервативната партија Национална коалиција. Социјалдемократите на премиерката Сана Марин се дури на трето место, зад конзервативците и десничарската популистичка партија Финци.

По прелиминарното пребројување на сите гласови, конзервативците добија 20,8 отсто од гласовите и освоија 48 пратенички места. Десните популисти освоија 20,1 отсто и 46 мандати, а социјалдемократите 19,9 отсто и 43 пратенички места. Сана Марин го призна поразот. „Честитки за победникот на изборите“, рече таа обраќајќи им се на своите поддржувачи.

За коалиција се потребни најмалку три партии

Се смета дека лидерот на партијата Национална коалиција, Петери Орпо, сега има најголеми шанси да стане нов премиер на Финска, а со тоа и наследник на Сана Марин, која е на власт од крајот на 2019 година.

За мнозинство во парламентот, кој брои 200 места, се потребни најмалку три партии. Марин досега владееше со коалиција составена од пет партии.

За разлика од социјалдемократите, конзервативците не ја исклучија соработката со десничарските популисти.

Како што објави финскиот јавен сервис ИЛЕ, преговорите за коалиција најверојатно ќе бидат тешки за Орпо. Неговата партија се разликува од социјалдемократите по буџетската политика и ставот за националниот долг, а од десните популисти по односот кон имиграцијата и ЕУ.

Главна тема на кампањата - националниот долг

Во предизборната кампања особено важна улога имаа владините финансии. Критичарите ја обвинуваат досегашната премиерка дека значително го зголемила државниот долг. Приемот на Финска во НАТО, кој официјално ќе биде завршен за неколку дена, не беше тема на кампањата.