1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КОП27: Со полн гас во климатски пекол?

ЕМФ | агенции
8 ноември 2022

Ако и 27. климатски самит не го спаси светот, тоа сигурно нема да се должи на недоволно драстични предупредувања. На КОП27 владее атмосфера на тревога. Впечатливи слики користи особено шефот на ОН, Антонио Гутереш.

https://p.dw.com/p/4JBXF
Конференцијата за климата се одржува во Шарм ел Шеик, Египет
Конференцијата за климата се одржува во Шарм ел Шеик, ЕгипетФотографија: Gehad Hamdy/dpa/picture alliance

На конференцијата за климата КОП27 владее атмосфера на тревога: „Ние сме на автопат кон климатски пекол и згазнавме на педалот за гас“, предупреди генералниот секретар на ОН,Антонио Гутереш на пленарната седница на 27-та Конференција на ОН за климатски промени. Тој ги повика десетиците шефови на држави или влади во Шарм ел Шеик да дејствуваат: „Човештвото е пред избор - да работиме заедно или да пропаднеме“. Или ќе има „пакт за климатска солидарност или пакт за колективно самоубиство“, оцени Гутереш.

Конференцијата за климата се одржува во сенка на руската агресивна војна против Украина и придружните енергетски и прехранбени кризи. Гутереш нагласи дека глобалното затоплување има многу поголеми димензии од тоа. Климатските промени се „на друга временска оска“ и имаат „друг обем“.

„САД и Кина имаат особена одговорност“

Шефот на ОН забележува дека и покрај децениските разговори за климата, постигнат е премал напредок за планетата да се спаси од прекумерно затоплување. Земјите дејствуваа премногу бавно или само неволно, оцени тој: „Емисиите на стакленички гасови продолжуваат да се зголемуваат. Глобалните температури продолжуваат да растат. И нашата планета брзо се приближува до точката од која што климатскиот хаос е неповратен“, вели Гутереш.

Гутереш: Ние сме на автопат кон климатски пекол и згазнавме на педалот за гас
Гутереш: Ние сме на автопат кон климатски пекол и згазнавме на педалот за гасФотографија: picture alliance/dpa

Затоа тој повикува на пакт меѓу најбогатите и најсиромашните земји со цел да се забрза транзицијата од фосилни горива кон енергии поволни за климата. Исто така, мора да се осигура посиромашните земји да ги намалат своите емисии и да се справат со неизбежните ефекти од глобалното затоплување што веќе се случува. „Двете најголеми економии - САД и Кина - имаат посебна одговорност да работат заедно за да го направат овој пакт реалност“, опомена Гутереш.

„Живот во просперитет без да ѝ се наштети на климата“

За германскиот канцелар Олаф Шолц, преминот кон обновливи извори на енергија не е „само услов за напредна климатска, економска и еколошка политика, туку и императив на безбедносната политика“. Помалку суши и поплави, помалку конфликти околу ресурси, помалку глад и неуспешни жетви значат „поголема сигурност и просперитет за сите“, нагласи Шолц.

Германскиот канцелар Олаф Шолц дефинираше четири цели за климатската политика
Германскиот канцелар Олаф Шолц дефинираше четири цели за климатската политикаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германскиот канцелар дефинираше четири цели за климатската политика: „Робустна работна програма за намалување на емисиите“, повеќе поддршка за државите кои се најтешко погодени од последиците од климатските промени, придржување до националните климатски цели, според кои Германија сака да биде една од првите индустриски развиени земји што ќе стане климатски неутрална до 2045 година, како и технолошкото партнерство во развојот на енергијата од ветер, сончевата енергија и зелениот водород.

Климатските обврски да не бидат жртва на заканите од Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон не сака да ја занемари заштитата на климата и покрај руската војна против Украина. „Нема да ги жртвуваме нашите климатски обврски поради руската енергетска закана“, рече Макрон на КОП27.

Многуте кризи една по друга би можеле да доведат до тоа многумина да попуштат и да кажат: „Имаме други приоритети, климата може да почека“, вели францускиот претседател. Но, климатската вонредна состојба се случува денес, а не утре. Според Макрон, она што беше кажано на конференцијата за климата во Глазгов минатата година останува валидно - дури и ако светот веќе не е ист поради војната во Украина.

Макрон: Нема да ги жртвуваме нашите климатски обврски поради руската енергетска закана
Макрон: Нема да ги жртвуваме нашите климатски обврски поради руската енергетска заканаФотографија: Nariman El-Mofty/AP/picture alliance

Африканците бараат крај на тактиките на одлагање

Кенискиот претседател Вилијам Руто повика на прекин на „тактиките на одлагање“ во спроведувањето на климатските цели. Долгите преговори за климата, кои се одолговлекуваат со години, се „едноставно сурови и неправедни“, рече Руто, кој е и портпарол на африканската преговарачка група на самитот за климата во Шарм ел Шеик.

„Не можеме да си дозволиме веќе да трошиме време за заобиколување на вистинските проблеми“, додека климатските катастрофи во Африка веќе бришат човечки животи и ги уништуваат основните средства за живеење. „Климатските промени директно ги загрозуваат животите, здравјето и иднината на нашите народи“, потенцираше Руто.

Кенискиот претседател Вилијам Руто повикува на прекин на „тактиките на одлагање“
Кенискиот претседател Вилијам Руто повикува на прекин на „тактиките на одлагање“Фотографија: Monicah Mwangi/REUTERS

Комесарот на ОН предупредува од бегалци поради климата

Од почетокот на индустриската револуција, Земјата веќе се загреа за речиси 1,2 степени, а екстремните временски прилики поврзани со климата, како што се поплавите и сушите, веќе значително се зголемуваат. Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, на КОП27 апелираше да се преземе сѐ за да се избегне „катастрофална иднина за милиони раселени луѓе“. Лидерите мора да ги опремат земјите кои се на првите линии на фронтот на климатската криза за екстремни временски услови и да го ублажат влијанието на климатските ургентни состојби.

Според Организацијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), повеќе од 70 отсто од бегалците и раселените лица ширум светот доаѓаат од земји кои се особено изложени на последиците од климатските промени. Тука се вбројуваат Авганистан, Демократска Република Конго, Сирија и Јемен.