Ковачевски бара кревање на границите на Отворен Балкан
2 септември 2022Македонскиот премиер Димитар Ковачевски смета дека треба да се укинат границите меѓу трите земји-членки на иницијативата Отворен Балкан, Северна Македонија, Србија и Албанија. На отворањето на лидерскиот самит на иницијативата во Белград, Ковачевски порача дека Отворен Балкан се покажал како неопходен за засилување на регионалната соработка.
„Ние сме веројатно сме единствениот регион во светот кој има граници меѓу себе. Сметам дека наша цел треба да биде комплетно укинување не само на административните бариери на границите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, туку и комплетно кревање на рампите и правење регион кој стопроцентно комуницира помеѓу себе по сите основи“, рече Ковачевски.
Македонскиот премиер смета дека со Отворен Балкан преку конкретни чекори се олеснува слободното движење на луѓе, стоки, трговија и услуги и се градат добрососедски односи.
„Со договорите кои ќе ги потпишеме денеска, ќе се обврземе за достапност на храна до нашите граѓани, прво меѓусебе да си помогнеме секаде каде е потребно. Добро е што на овој Самит се договараме за можностите за соработка и во областа на енергетиката. Постојат потенцијали за развој во рехабилитирање на интерконекциските врски за зголемување на можностите за електроенергетска размена и за соработка во делот на изградба на фотонапонски централи“, рече Ковачевски, додавајќи дека во наредниот период треба да се интензивираат активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија.