1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Нарачана хистерија за наводна бугаризација

БГ
28 јули 2023

Опозицијата отворено работи против европската интеграција на земјата, оцени во петокот премиерот Димитар Ковачевски, обвинувајќи дека хистеријата против наводната „бугаризација“ ја шират руски ботови.

https://p.dw.com/p/4UVy9
Димитар Ковачевски
Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Уставните измени се технички процес кои нема да доведат ни до бугаризација, ниту до асимилација, изјави во петокот македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој ја обвини опозицијата дека отворено работи против европската агенда во земјата.

„Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под „други“ во самата Преамбула и со тоа практично се демантираат сите оние невистини, лаги, хистерија кои се ширеа во текот на изминатата година во однос на тоа дека во Македонија ќе се случела бугаризација, асимилација итн. Гледате дека тоа веќе не постои во јавниот дискурс, освен од неколку платени руски ботови, т.н. аналитичари па и некои политичари, коишто заради финансиски средства мораат да така да зборуваат“, рече Ковачевски. 

Според него, на Северна Македонија и се заканува вето одвнатре, наметнато од политички партии „кои понекогаш декларативно кажуваат дека се за европска интеграција на државата, меѓутоа тие историски имаат докажано дека се против евроатлантските интеграции на државата“.

„Она што е најфрапантно е дека ние за првпат имаме политичар по 32 години независност, кој во јавна изјава вели дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал. На почетокот на оваа недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и треба да го објасни“, рече Ковачевски. 

Пендаровски: Рокот е 30 ноември 

Собранието го започна процесот на уставни измени, но владејачката коалиција засега го нема потребното двотретинско мнозинство за нивно гласање.

Претседателот Стево Пендаровски во четвртокот изјави дека рокот за донесување на измените е 30 ноември годинава.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во петокот повтори дека неговата партија нема намера да ги поддржи измените, и директно му реплицираше на Ковачевски.

„Мојата, нашата, македонска агенда е токму онаа во која ќе се бориме против сето ова кое оваа Влада го промовира. Македонска,  вистинска агенда секогаш, била, е и ќе биде дел од вистинската европска агенда, односно вистинските европски вредности кои треба сите ние да ги прифатиме“, рече Мицкоски.