1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата ќе се преброди со мазут и јаглен од Грција

ДТЗ
13 септември 2022

Грчки инвеститор пројавил интерес за изградба на гасна централа во Северна Македонија. Станува збор за голема гасна централа до 200 мегавати во Скопје, која се смета за стратешка инвестиција.

https://p.dw.com/p/4GmJc
Димитар Ковачевски Киријакос Мицотакис Атина
Грција ќе обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на електрична енергија во Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Со цел да се преброди енергетската криза, во пресрет на зимата, Грција ќе обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на електрична енергија во Северна Македонија. Ваков договор е постигнат на средбите меѓу македонската и грчката делегација во Атина, со цел да се овозможи непречено функционирање на електраните во Битола, Осломеј и Неготино. 

„Војната во Украина диктира регионална и поширока соработка за соочување со оваа криза.Постигнавме договор дека првично снабдувањето со јаглен ќе продолжи без пречки во текот на целиот период, со што ќе бидат пуштени во употреба капацитетите на ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј. Постигнавме договор и за набавка на мазут, со кој без пречки ќе работи и ТЕЦ Неготино“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој имаше средба со шефот на грчката влада Киријакос Мицотакис, за справување со енергетската криза. 

„Снабдувањето со јаглен ќе се одвива непречено во четвртиот квартал од 2022 и првиот квартал од 2023 година во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Ќе има непречено снабдување со мазут преку Грција, за непречено да функционира ТЕЦ Неготино. Веќе се јавуваат недостатоци на енергенси во Европа, па треба да обезбедиме непречено снабдување со овие суровини и да нема нивно ограничување при увозот“, рече Ковачевски.

Нова гасна централа

Грчки инвеститор пројавил интерес за изградба на гасна централа во Северна Македонија. Станува збор за голема гасна централа до 200 мегавати во Скопје, која се смета за стратешка инвестиција. 

Димитар Ковачевски Киријакос Мицотакис Атина
Грчки инвеститор пројавил интерес за изградба на гасна централа во Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Како што информираат од Владата, една од најголемите грчки компании „Митилинеос", која е од огромно значење за грчката економија, најавува интерес за изградба на когенеративна гасна електрана во Скопје, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија, како и за еден од стратешките проекти на Северна Македонија во енергетскиот сектор, изградбата на пумпно акумулациона хидроцентрала „Чебрен“, на Црна Река, за која понуда пристигна и од грчкото електростопанство ППЦ, како и уште неколку европски компании.

Со Мицотакис се разговарало за големите проекти, како гасоводот до Неготино од Евзони, за кој веќе има понуди за закупување на капацитети и изградбата би требало да започне до крајот на годината. Ковачевски информираше дека за изградбата на проектот Чебрен има единствена понуда од грчката ППС. Таа ќе помине низ филтрите на евалуација и до крајот на годината може да биде потпишан договор за изградба.

Двајцата премиери констатираа дека регионалната соработка е од големо значење со особен акцент на важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас (ЛНГ) во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји. Интерконекторот со Грција, заедно со терминалот за течен гас (ЛНГ) во Александруполи, не се само економски, туку и проекти од стратешко значење. Новиот терминал за течен гас (ЛНГ) во Александруполи, како што се вели, значи енергетска независност, ослободување од рускиот гас и диверзификација на изворите.