Ковачевски негира дека има договор со ДУИ за бојкот
26 април 2024СДСМ и ДУИ не договараат бојкот на изборите, порача денеска лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски. Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 8 мај за вториот круг од претседателските избори коишто ќе се одржат заедно со парламентарните избори и ги демантираше најавите на ВМРО-ДПМНЕ за наводни „црни сценарија“ за изборите.
„Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на изборите на 8 мај и да го поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата „За европска иднина“ на парламентарните избори. Без исклучок да имаме масовен одѕив, да избереме и претседател и парламентарен состав и Македонија да продолжи на својот пат на европските интеграции“, рече Ковачевски.
По слабите резултати на нивниот претседателски кандидат, Стево Пендаровски, кој се бори за втор мандат, а во првиот круг заостана со околу 180 илјади гласови зад кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова, првиот човек на СДСМ вели дека граѓаните пратиле многујасна порака која СДСМ јасно ја примил. Очекува многу поголема поддршка во втор круг, во кој продолжуваат „со крената глава“.
Поддршка ќе се бара на сите страни
Во вториот круг очекуваат поддршка од сите граѓани, без разлика на припадноста. „Никој не ги има гласачите под своја контрола, да ги чува некаде и да ги наведува како да гласаат. Ние имаме кандидат кој е граѓански. Пендаровски е кандидиран со над 22 илјади потписи од граѓаните и е поддржан од коалицијата „За европска иднина“, вклучително и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. И тој јасно кажа на неговата прес-конференција дека ќе ја бара поддршката од граѓаните, а не од кандидатите кои не се пласирале во вториот круг“, рече Ковачевски.
Ковачевски вели дека како лидер на СДСМ има разговори со политичките партии на различни нивоа.
По изборите - внатрепартиски избори
По изборите на 8 мај, во партијата ќе следуваат и внатрепартиски избори. Според Ковачевски, стандардна процедура е во СДСМ и во статутот е регулирано одржувањето конгрес, со анализа на резултатите и потоа избори на кои се бара изјаснување за претседател на партијата и на партиските органи.
Запрашан дали ќе понесе одговорност и оставка поради слабите резултати, тој вели дека ќе се прават анализи на ниво на општински организации во партијата и на ниво на Централниот и Извршниот одбор.
„Потоа телата на партијата ги носат одлуките како партијата ќе продолжи понатаму. Така било од формирањето на партијата, така ќе биде и по овие избори и после секои други избори“, рече Ковачевски.