1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Различни калкулации: колку ќе поскапи струјата?

ДТЗ
1 јуни 2023

По одмрзнувањето на цените, ако има нивно вештачко зголемување инспекциите веднаш ќе реагираат, уверува министерот за економија Крешник Бектеши.

https://p.dw.com/p/4S3gK
Крешник Бектеши, министер за економија
Крешник бектеши вели дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифатиФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Цената на струјата, најверојатно, нема да се покачи за 13 отсто како што бараат дел од компаниите, уверува министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека конечната одлука треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.

„Претходната година енергетските компании бараа зголемување од 78 отсто, па надминаа и над 100 отсто некои компании. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената што ќе ја утврди Владата. Тоа значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифати. Регулаторната комисија за енергетика треба да направи калкулации за барањето од страна на МЕПСО и другите компании“, рече Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста".

Ваквата изјава следи откако претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во средата (31.05) изјави дека доколку бидат прифатени  барањата на компаниите, тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти. РКЕ во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20. следниот месец.

Затворена седница за цената

Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 проценти. Бислимоски вели дека не е е приврзаник на идејата за зголемување на цената на струјата, особено сега кога фотоволтаичните електрани го намалија притисокот за увоз на струја во земјата.

ЕСМ засега нема побарано од Владата да се утврди цена со која ќе учествува на тендерот. „Цената што ја нудат ЕСМ на ‘ЕВМ хоме’ се разгледува на затворена седница на Владата. Откога ќе имаме барање од ЕСМ, ќе бидете известени навремено. Тоа ќе биде во согласност со интересите на граѓаните и заштита на животниот стандард. Сè уште немаме информација од ЕСМ до Владата за Владата да утврди цена со која ќе учествува на тендерот“, додаде Бектеши, кој деновиве изјавуваше дека не очекува цената на струјата да поскапи во наредните шест месеци.

струја
Различни калкулации околу цените на струјата - се чека одлука на РКЕФотографија: picture-alliance/dpa

Инспекциите ќе ги следат цените

Што се однесува до одмрзнувањето на цените и опасноста од нов ценовен шок, Бектеши вели дека ако се забележи дека има нивно вештачко зголемување, инспекциите веднаш ќе реагираат.

„Ако одреден сектор вештачки се обиде да ги зголеми цените, се знае дека институциите ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено. Јас сум имал разговори, повеќето од разговорите ги направиле моите служби или мојот тим каде што тие кажале дека во спротивно за одредени производи би можело да има и намалување“, рече Бектеши и додаде: 

„Во тоа дека даваат резултат мерките на Владата не се повикувајте на податоците на институциите на Владата, на тие тоа што го кажуваме, еве, повикајте се на германскиот завод за статистика кој ги објави податоците за тоа како Македонија се справува со делот на цените со прехранбените производи.

Како што објави Дојче веле денеска, податоците на германскиот завод за статистика Дестатис покажуваат дека Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории. Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Северна Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.

пазар
Податоците на германскиот завод за статистика Дестатис покажуваат дека Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории.Фотографија: DW/K. Delimitov

Нема нови мерки

Министерот за економија вели дека засега не се предвидуваат нови мерки во однос на цените. „Никакви мерки не предвидуваме, само што ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, УЈП, финансиска полиција и Законот за заштита на потрошувачите кој е целосно усогласен со директивите на ЕУ, а инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука од страна на Владата“, потенцираше Бектеши.

Досега скоро две милијарди евра се потрошени за антикризни мерки од 2020 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека за оваа година само резерви за антикризни мерки има 225 милиони евра во Буџетот, што е 1,6 отсто од БДП. Ако дефицитот е предвиден 4,6 отсто, 1,5 проценти или 225 милиони евра се за кризни мерки, а од 700 милиони евра дефицит 225 се за антикризни мерки.