1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кристијан Шмит го киднапираше изборниот процес во БиХ

Professor Jasmin Mujanovic
Јасмин Мујановиќ
20 август 2022

Кристијан Шмит не е добар избор за БиХ. Тој треба да поднесе оставка и да дозволи неговиот наследник да го олеснува, а не да го киднапира процесот на уставни измени, пишува Јасмин Мујановиќ.

https://p.dw.com/p/4FmMU
Кристијан Шмит БиХ
Кристијан Шмит, висок претставник на меѓународната заедница во БиХФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Во средата се појавија снимки од тирадата на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, како одговор на прашање од новинар на телевизијата Н1. Клипот стана вирален за неколку минути откако беше објавен на социјалните мрежи. Но што го предизвика нервозниот испад? За одговорот е потребен контекст: оној за поствоена Босна, најзамрсениот политички режим во светот.
Канцеларијата на Високиот претставник (КВП) е производ на Дејтонскиот мировен договор со кој и беше ставен крај на војната во БиХ. Во 1997, Меѓународниот управен одбор на КВП, Советот за имплементација на мирот (СИМ) и даде на КВП исклучителни извршни овластувања. Тоа и овозможи на КВП унилатерално да ги менува законите во Босна, да отпушта јавни службеници, па дури и да ги менува државните симболи (како што и беше сторено во 1998 година), се во името на зачувување на интегритетот на Дејтонскиот договор. 

Веќе во доцните 2000-ти, и босанските лидери и меѓународната заедница започнаа да бараат затворање на Канцеларијата. Во 2008 година, СИМ ја усвои „агендата 5+2“, со која беа поставени специфични услови за продолжување на мисијата на КВП. Претежнувачката идеја беше дека Босна е подготвена целосно да си го преземе суверенитетот, а меѓународната заедница беше подготвена да ја напушти сопствената улога на набљудувач во поствоената фаза. 

Уништена надеж 
Но, тоа не се случи. Напротив, откако и САД и ЕУ и го свртеа грбот на Босна, на површина излезе неадекватноста на дејтонската уставна рамка. Анексот 4 од Дејтонскиот договор служи како замена за Уставот во БиХ; а со него беа формирани 14 различни нивоа на управување во земја од 3,2 милиони луѓе. Административно, Босна е внатрешно поделена по ексклузивно етнички линии, и речиси секое јавно или административно место во огромниот владин апарат е поделено по етнички клуч. Дополнително, речиси сите права за демократско претставување се резервирани за ткн. „конститутивни народи“ (Бошњаци, Срби и Хрвати), додека малцинствата како Ромите или Евреите, како и оние кои едноставно се дефинираат како Босанци, немаат пристап до изборните функции, вклучително и во државното претседателство.

За таквиот систем да функционира, како што излезе, потребни се постојани интервенции на Канцеларијата на високиот претставник. Без тие интервенции, националистичките олигарси кои благодарение на ваквиот режим си ја зацврстија власта, брзо успеаја да ја втурнат земјата во перманентна криза. Водечките националистички партии во српскиот и хрватскиот блок, СНСД и ХДЗ, засилено почнаа да ги координираат своите активности и до средината на 2010-те успеаја, со значајна поддршка од Србија, Русија и Хрватска, речиси целосно да уништат сѐ што барем малку наликуваше на управување во Босна. 

Јасмин Мујановиќ
Јасмин Мујановиќ е политички научник и автор на книгата „Глад и бес: Кризата на демократијата на Балканот“.Фотографија: privat

И додека хетерогениот „про-Босански“ парламентарен камп се занимаваше со меѓусебни судири, босанските граѓански активисти пронајдоа поинаков одговор. Од 2009 година, повеќе лица припадници на малцинствата во земјата и граѓанските активисти поведоа серија тужби пред Европскиот суд за човекови права и Уставниот суд на БиХ, оспорувајќи повеќе дискриминаторски аспекти на државниот устав. Следуваа осум пресуди и сите до една беа на страната на тужителите. Јасно беше дека основната поствоена структура на БиХ не е во линија со Европската конвенција за човекови права која, како што се наведува и во членот 2.2 од Уставот на земјата,  има „приоритет над сите други закони“ во Босна.

Не беше изненадување што зацврстената сектаријанска политичка класа категорично одби да ги имплементира овие одлуки, во прв ред СНСД и ХДЗ, откако сфати дека доколку го стори таквиот чекор, тоа ќе доведе до далеку поотворено, претставничко, и конкурентно владеење во БиХ, што пак ќе доведе до нивно паѓање од власт.

По повеќе од една деценија превирања и заглавеност, Шмит, кој ја презеде функцијата во август 2021, ги најави изборните и уставни реформи како приоритет во неговиот мандат. Проблемот е што тој одлучи да го стори тоа игнорирајќи ги одлуките на Европскиот суд.

Нарушен кредибилитет 

На 19 јули босанските медиуми јавија дека Шмит е подготвен да ги искористи своите овластувања за да ги смени изборните правила во Федерацијата. И тоа сакаше да го стори среде изборна кампања, на само неколку недели пред гласањето и, според бројни експерти, со јасна цел од одлуката да профитираат ХДЗ и СНСД. По еднонеделни јавни протести и критики од Брисел, Лондон, Берлин и Вашингтон, како и откритието дека текстот на предложениот закон бил пишуван во Загреб, Шмит попушти и реши да предложи само технички амандмани во изборниот закон. Но, интегритетот на КВП како независен медијатор беше нарушен, а, како што оцени и германскиот парламентарец Михаел Бранд од поранешната партија на Шмит ЦДУ/ЦСУ, и самиот Шмит „го загуби кредибилитетот“.

Во средата, новинарката на Н1 го праша Шмит зошто се грижи само за една од повеќето пресуди на Европскиот суд, и тоа токму за онаа која е во корист на ХДЗ. Во гневниот изблик на Шмит кој следуваше, тој одби директно да одговори на прашањето. Или не го разбра или свесно го игнорираше. 

Кристијан Шмит за ДВ: „Давам последна шанса за договор“

Уште пострашно, по инцидентот остана можноста дека Шмит ќе продолжи со својата првична намера и ќе го смени изборниот закон во корист на ХДЗ. Босанското про-западно парламентарно мнозинство и граѓанското општество нема да прифатат таква одлука, а нема да ја прифати ни Советот за имплементација на мирот.

Шмит очигледно не е добар избор, а за волја на вистината, не е ни актуелниот босански Устав. Четврт век по потпишувањето на Дејтонскиот договор, Босанците се уште не добија шанса за сеопфатна, партиципативна уставна реформа со која ќе можат да создадат вистинска европска либерална демократија. Шмит треба да поднесе оставка и да дозволи неговиот наследник да го олеснува, а не да го киднапира тој процес.

Јасмин Мујановиќ е политички научник и автор на книгата „Глад и бес: Кризата на демократијата на Балканот“.