1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квазипатриоти и квазиевропејци

12 април 2023

Членството во ЕУ е национална, стратешка определба и ниедна партија не смее да го киднапира и препише на себе овој државно важен процес. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/4PvkU
Никола Тодоров, автор на колумната
Никола Тодоров, автор на колумнатаФотографија: DW/B. Gerogvievski

Предавници и патриоти. Антички и Словени. Прозападни и проруси. Србомани и Бугараши. Квазипатриоти и квазиевропејци. Удбаши. Македонци православни и Македонци муслимани. Македонци и Албанци. И најново Европејци и антиевропејци.

Поттик за оваа моја денешна колумна е изјавата на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено, веднаш, уште утре, да присуствува на седница и да гласа за уставни измени со кои Бугарите, Хрватите, Црногорците и Евреите ќе бидат внесени во уставот, под услов тоа да биде направено по моделот на преамбулата на хрватскиот устав. Ќе се апстрахирам од дискусиите за тоа дали е ова можно во нашето длабоко поделено општество по сите основи. Веројатно е да Мицкоски, кога ова го предложил, знаел дека е невозможно тоа што Албанците го добија со војна, да го изгубат во мир. Тоа би било можно за македонците, но тоа е тема за друга, болна, дискусија.

Преведено од политички на едноставен јазик, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ може да се прочита како согласност да се направат уставните измени, но под определени услови, кои би биле прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ, а кои судејќи по „отворањето“ ќе бидат врзани со македонските национални интереси, но и партиските интереси.

Од друга страна СДСМ, немајќи со што да се пофалат, во отсуство на сериозни и квалитетни проекти, во отсуство на отчет за сработеното, се обидоа на граѓаните да им наметнат една „вистина“ дека тие се европејци, а ВМРО се анти европејци. Демек тие биле за ЕУ, а другите не. Пази богати, ова е кажано од партијата-наследник на комунистичката партија, од југо-носталгичарите кои во најголем број сеуште навиваат за Црвена звезда или Партизан. Како со гумичка да сакаа да се избрише сето минато, сето кажано и сторено од нивна страна, кога се нафатија да го сменат името на државата за да влеземе во НАТО. Заборавија дека политиката- „Времето работи за нас" е политика поставена токму од челниците на СДСМ. Оваа политика, на која, мора да се признае се надоврза и ВМРО-ДПМНЕ ја држеше Македонија надвор од евро-атлантското семејство предолго и не заглави на вечната станица наречена западен Балкан. И сега наеднаш, не од љубов кон евро-атлантските вредности, туку за да останат на власт, се продаваат на народот како европејци, притоа сервирајќи ги ВМРО како антиевропејци.

Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Познато е во јавноста, а и во партијата дека имам длабоки и тешко премостливи разлики со Мицкоски и незадоволен сум од начинот на кој ја води партијата. Но, сепак јас сум политички пораснат во ВМРО-ДПМНЕ, задоен од дете со идеите за независна евроатлантска Македонија, па додека овие што денес ни се преставуваат како проевропејци и пронатовци го исмеваа НАТО, а некои и ја нападнаа Американската амбасада во Скопје, јас и неколку млади истомисленици ја основавме Младината на евроатлантскиот клуб на Македонија, во која организација бев и првиот претседател на собранието. И затоа ова сервирање на народот дека ВМРО-ДПМНЕ се не-европејци прилично ми пречи. Дегутантно е да потсетувам кој ја донесе визната либерализација, зошто ќе заличи токму на тоа што СДСМ го прави.

Затоа непријатно ме изненади реакцијата на самопрогласените про-европејци кога ја одбија понудата или барањето на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба, држејќи се демек до процедурите, дискусијата за промена на уставот да биде во институциите. Хипокризија до бесвест од оние кои институциите ги множеа со нула, ги бојкотираа и непочитуваа секогаш кога немаа(т) мнозинство.

Ајде да логицираме, СДСМ по нивно кажување е за ЕУ, единствен начин да не се блокира нашиот пат кон ЕУ е повторно, да го смениме Уставот и да ги внесеме Бугарите во него, ВМРО дава предлог да се внесат Бугарите во Уставот, притоа поставувајќи некаков услов и бара да се организира лидерска средба за тоа да се разговара, а Вие самопрогласените про-европејци, со лажната надменост која ве карактеризира од секогаш, одбивате дискусија во формат предложен од ВМРО. Сакате да биде секогаш по ваше, како да ова е само ваша држава. Како да не можете да се ослободите од тој манир или да е по ваше или никако.

Ако сте навистина искрено за ЕУ и ако ова не е само гола борба за власт, морате да ја прифатите оваа срамежливо подадена рака од ВМРО. Седнете, дискутирајте, па макар тоа било и на лидерска средба. И така сите знаеме дека неколку поглавици ја кројат судбината на два милиони. Пораснете и разговарајте како возрасни. Триесет и кусур години поминаа, а некако чувството ми е како да бевме позрели и поискусни кога се правеше државата отколку што тоа сме сега.

ВМРО бара гаранции, за да не бидеме повторно политички силувани или национално понижени, но и начин да излезе од замката во која ја втурна актуелното раководство. И што има лошо во тоа? Вие сакате повторно да бидеме политички силувани или понижувани како држава, нација и граѓани? Верувам не, па затоа нема друго освен да седнеме сите заедно, од сите партии, да ги видиме опциите, но и опасностите и да изградиме заедничка стратешка позиција. Но, и да овозможите и на ВМРО-ДПМНЕ да се качи на возот кон ЕУ, затоа што без неа, едноставно тој воз никогаш нема да тргне. Членството во ЕУ е национална, стратешка определба и ниедна партија не смее да го киднапира и препише на себе овој државно важен процес.

Партиското седиште на СДСМ во Скопје
Партиското седиште на СДСМ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Пишував неодамна на тема гаранции за државата и саркастично, предложив да се потпише Дојрански договор, бидејќи од нашиве природни езера, претходно познати по нивната убавина, остана само дојранското кое не е врзано за некој тежок и болен национален компромис. Велам саркастична, затоа што знам дека никој од ЕУ нема да ни даде било каква гаранција, за било што, а и да ни даде ќе не излаже. Не дека ЕУ е лажлива, туку дека политичарите се. И таму политичарите се исти како и секаде, па често менуваат ставови согласно моменталните интереси. Затоа гаранциите кои државава треба да ги добие се гаранции кои меѓусебно ќе си ги дадеме, а не гаранции кои ќе ни ги даде некој од надвор.

Еве на крај еден предлог, со кој ќе се докаже дека СДСМ се повеќе про-власт отколку про-европејци. Ајде ако толку се колнете во ЕУ, во име на наше членство во ЕУ, дајте си оставка, и изберете нова влада во овој парламентарен состав, предводена од премиер предложен од ВМРО, а подржан од СДСМ, а ВМРО, во овој парламентарен состав да гласа за уставните измени со кои Бугарите ќе влезат во нашиот устав под услов СДСМ, ВМРО и ДУИ да потпишат документ кој во основа ќе содржи гаранции дека нема да дозволиме по патот кон ЕУ повторно да бидеме приморани да правиме некои непримерни национални отстапки.

Утопија. Во желбата за власт, ВМРО-Македонецот, не му верува на СДСМ-Македонецот.

А Европејци ќе сме станеле. Како да не бе!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема