Нема доказ за американска саботажа на гасоводот Северен тек
30 септември 2022Гасот истекува во морето од четири дупки. Гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море се оштетени, а експертите и политичарите одамна зборуваат за само една замислива причина - саботажа. „Сите информации кои стојат на располагање укажуваат дека овие дупки се резултат на намерно дело“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, во име на 27-те членки на Унијата. Сега во просторот лебди големото прашање: Кој ги саботирал гасоводите Северен тек 1 и 2?
Додека многу експерти повеќе или помалку јасно укажуваат на Русија, многу корисници на интернет тврдат дека САД биле одговорни за наводната саботажа. Притоа, постојано се аргументира со присуството на американски поморски единици во Балтичкото Море. Така аргументираат и политичари од германската десничарска популистичка партија АфД. Некои од тврдењата станаа вирални во последните денови.
Тврдење: „Има случајности...“, шепоти саркастично корисник на Телеграм и зборува за „американски хеликоптер со ознака ФФАБ123“, кој наводно на 2 септември летал „долж Северен тек 2, па дури и помеѓу точките на кои се случи несреќата“. Оригиналната објава на рускиот тинк тенк Ватфор со тврдењата за американскиот хеликоптер ја прочитале 1,7 милиони луѓе, а овој наратив се ширеше и на Твитер. Дали навистина за наводната саботажа е виновен американски хеликоптер?
ДВ-проверка на факти: Тоа води кон заблуда.
Сѐ уште е целосно нејасно кој стои зад наводната саботажа на гасоводот. Наведениот лет на хеликоптер, според наши сознанија, не доаѓа предвид пред сѐ од географски причини. Прво го побаравме и кај Поморската управа на Данска го најдовме точното место од каде што истекува гас. Меѓу наутичките информации и предупредувања се наоѓаат и три од четирите места каде што е утврдено истекување на гас, вклучително и геокоординатите. Четвртото место, кое го откри шведската крајбрежна стража, сѐ уште не е точно локализирано.
Потоа, преку софтверот Flightaware, ја проверивме рутата на летање на наведениот лет ФФАБ123. На 2 септември се гледа рута на летање која се поклопува со она што е објавено на социјалните мрежи. Летот ФФАБ123 направил неколку круга над Балтичкото Море, источно од островот Борнхолм. Ако геокоориднатите на истекувањето на гасот и рутата на летање се стават едно над друго на една карта, се создава друга слика од она што се тврди на социјалните мрежи.
ФФАБ123 не летал долж гасоводот и дури не им се ни приближил на местата од каде што истекол гас. Особено северните точки на истекување на гасот се далеку од рутата на летање на ФФАБ123. Според нашите мерења, рутата на ФФАБ123 е оддалечена девет, односно 30 километри од локализираните места на истекување на гасот.
Заклучок: Виралното тврдење на еден руски тинк тенк на Телеграм, дека американски хеликоптер со ознака ФФАБ123 е одговорен за истекувањето на гасот, не држи и води кон заблуда. Хеликоптерот не им се ни приближил на местата од каде што истекува гас.
- повеќе: Руски аналитичар: Саботажите на гасоводот се во интерес на Гаспром
Кој е одговорен за наводната саботажа на гасоводите Северен тек 1 и 2 и како е сѐ направено, е и натаму нејасно. Саботажа од воздух изгледа прилично неверојатна. Германскиот капетан и експерт за поморска безбедност Горан Свистек повеќе верува дека специјален експлозив е однесен до гасоводот со подводни возила. „Од мои сопствени истражувања знам дека Русија во последните години создаде многу силна истражувачка програма за подводниот свет“, изјави Свистек во интервју за ЗДФ. Русија неодамна тестираше токму такви подводни дронови без екипаж, меѓу другото и во Северно Море и северниот дел на Атлантикот.