Лиз Трас - по патеките на Маргарет Тачер
3 септември 2022Лиз Трас има повеќе од доволно апсурдни настапи. На партискиот конгрес на нејзините Ториевци во 2014 година, Трас, тогаш претставничка на Министерството за земјоделство, зборуваше за квалитетот на британската храна, со восхит за британската пченица и за продажбата на чај од Јоркшир во Кина. А потоа одеднаш загрме дека Велика Британија увезува две третини од сирењето: „Тоа е срамота!“. Делегатите буквално ќе се задавеа додека ги грицкаа своите сендвичи.
А, тука е и времето кога беше во Министерството за правосудство. Кога во Долниот дом на парламентот ја прашаа за мерките кои се преземаат против дроновите кои се користат за транспорт на дрога во затворите, Лиз Трас рече дека во еден од тие затвори почнале да користат кучиња чувари кои лаат кога ќе се појават дроновите.
На социјалните мрежи се шират такви и слични бизарни настапи на кандидатката за премиерка. Противниците го доведуваат во прашање нејзиниот разум, а се прашуваат и дали таа воопшто е способна да ја извршува оваа функција.
Континуирано искачување
Лиз Трас во конзервативните влади се докажа како мајстор за политичко преживување. Континуирано се искачуваше во хиерархијата на моќ, од правосудството, преку финансиите и трговијата, па сѐ до Министерството за надворешни работи. Додека десетици нејзини партиски колеги „паѓаа“ како жртви во внатрешнополитичките борби и интриги, таа го „преживеа“ дури и последниот бран оставки по рушењето на Тереза Меј.
Во големата (и последна) реконструкција на владата на Борис Џонсон токму таа најмногу профитираше. Трас секогаш била на глас дека е лојална и вредна - иако тие нејзини наводни успеси никогаш не се детално анализирани.
Неуморно работеше на својот јавен имиџ. Од преземање на функцијата шефица на британската дипломатија, Лиз Трас на Инстаграм и на Твитер неуморно објавуваше фотографии - со шубара на Црвениот плоштад во Москва, или во воена униформа за време на посетата на британските војници. Секогаш во близина имаше некој фотограф.
И додека нејзините противници се прашуваа колку е таа компетентна, на пример кога ги помеша Балтичкото и Црното Море, Трас одговараше со фотографии за време на посетата на Украина, па се колнеше дека ќе му се спортивстави на Путин. А, токму тоа во Конзервативната партија има поголема тежина отколку кога некој некогаш реторички и содржински ќе се „лизне“.
Поборничка на Брегзит
Притоа, воопшто не се очекуваше оти Трас ќе направи кариера во редовите на Ториевците. За време на својот последен предизборен настап на стадионот Вембли, кога таа и нејзиниот интерен соперник Риши Сунак се претставија пред илјадниците членови на својата партија како кандидати за преземање на лидерството на конзервативците (а со тоа и премиерската позиција), Трас призна дека нема „традиционална конзервативна позадина“. Нејзиниот татко бил професор по математика, на мајка ѝ медицинска сестра. Политички нејзиното семејство било повеќе лево ориентирано.
Тие малата Лиз ја носеле на протести против атомската енергија, но таа со таа фаза од минатото одамна раскинала. Истото важи и за нејзините први чекори во светот на политиката, кога како студентка прво била член на Либералната партија. Оваа епизода подоцна ја нарече „грев од младоста“. Релаксираниот однос кон сопствените политички трансформации таа го негува и кога станува збор за ставовите кон ЕУ: од уверена проевропејка пред Брегзит во 2016 година, таа со време се претвори во една од најжестоките поборници за напуштање на Унијата. Лиз Трас во последните години сѐ повеќе се врти надесно, а денес се претставува како поддржувач на чистокрвниот конзервативен поглед на светот. И тоа е она што им се допаѓа на членовите на партијата во традиционалните „упоришта“ на Ториевците на југот на Англија.
Неодредена програма
На Вембли, Трас уште еднаш јасно кажа што не сака - не сака, имено, да ги зголеми даноците. Уште еднаш ги фрустираше сите оние кои се обидоа од неа да извлечат нешто конкретно за начинот на кој сака да ги реши бројните актуелни проблеми, од растот на цената на енергија, до дивеењето на инфлацијата во Велика Британија. И додека низ земјата се зборува за тоа дали многу Британци во текот на зимата ќе мораат да изберат меѓу греење и храна, Трас само кажа оти нема добро мислење за „подароците“ од страна на државата, и дека намалувањето на данокот е испробано средство за генерирање на економскиот раст.
Трас себеси се гледа како наследничка на Маргарет Тачер, „Челичната лејди“ од 80-тите години од минатиот век, која со приватизации и дерегулација го врати на пат економскиот раст. Таа сака против актуелната инфлација да се бори со даночни олеснувања, иако по тоа прашање ѝ опонираат дури и економистите од националната банка, кои стравуваат дека така би можело само дополнително да се забрза спиралата на раст на цените. Трас не кажа како сака да им помогне на семејствата кои наскоро нема да можат да ги платат своите сметки. Со тоа ќе мора да се занимава новиот министер за финансии, рече таа. А, тој новите милијарди може да ги земе ако се задолжи дополнително. Британскиот државен долг нагло порасна уште за време на корона-кризата, а ако сега мораат да се „кројат“ посебни програми за помош, тоа значи оти со каматите ќе расте и товарот за државната каса.
Челично молчење наместо Челична лејди
За сето тоа Лиз Трас едноставно не вели - ништо. Само додава дека буџетот ќе го претстави кога (и ако) ќе биде на должноста премиерка. Повторува оти луѓето по даночните олеснувања „во џебот ќе имаат повеќе пари“. Но, тоа баш и не ѝ помага многу на големата маса луѓе со ниски плати, кои сега одеднаш мораат да соберат пари да ги покријат трошоците за гас или за струја, кои драстично се зголемија. На овие аргументи Трас одговара дека мора да се погрижи за поголема доза конкуренција на пазарот за енергенси. Планира да даде концесии за бројни нови нафтени и гасни полиња на подрачјето на Северното Море. Еколошките калкулации тука не играат никаква улога. А, кога има намера да го реформира енегретскиот пазар? Тоа е и натаму отворено.
Она што особено во сегашната ситуација е тоа што Трас не мора да ја придобие довербата кај мнозинството Британци. Не се тоа општи, туку внатрепартиски избори.
Нејзе ѝ е потребна поддршката од мнозинството членови на Конзервативната партија, која има околу 160.000 члена. Регуларните парламентарни избори се одржуваат дури за 2 години, иако многумина веќе сега се сомневаат дека владата на Лиз Трас дотогаш ќе опстане. Мнозинството конзервативни пратеници, имено, го преферираат нејзиниот конкурент, министерот за финансии Риши Сунак. Дали тие (и колку долго) ќе ја следат Трас - е сосема отворено. Веќе со случаите на Тереза Меј и на Борис Џонсон се покажа како тие се однесуваат кон своите сопствени пропаднати претходници.