1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лога: Сиљановска даде пенал во прва минута

ДТЗ
14 мај 2024

Постапката на Гордана Сиљановска Давкова која на инаугурацијата не го употреби уставното име, го подели и албанскиот блок во земјата

https://p.dw.com/p/4fpsk
Гордана Сиљановска Давкова
Албанскиот блок поделен - некои ја критикуваат, други ја бранат Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Постапката на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која само неколку часа по инаугурацијата се најде на мета на критики поради непочитувањето на Договорот од Преспа за употреба на името „Северна Македонија“, го подели и албанскиот блок во земјата. Додека едни сметаат дека таа го прекршила Уставот и порачуваат дека заклетвата е ништовна, други застанаа во нејзина одбрана наведувајќи дека и тие самите често го користат само името „Македонија“. 

Пенал во прва минута 

„Претседателката Гордана Сиљановска Давкова даде прв пенал во прва минута. Таа е прв човек на државата и мора да биде на ниво на задачата за која дала заклетва“, вели министерот за правда, Кренар Лога, кој оценува дека постапката на новоизбраната претседателка е невиден преседан. 

Лога смета дека изјавата на Давкова за употреба на името Република Македонија според нејзино убедување е „лош пример за државник и лош пример како професорка, со оглед дека цел живот предавала уставно право и седнува на функција за да докаже како треба да се почитува Уставот и државата“.

Кренар Лога
Кренар Лога оценува дека постапката на новоизбраната претседателка е невиден преседан. Фотографија: Reg. Nordmazedonien

„Лош пример е затоа што утре ќе имаме заклетва од страна на полицајците и војниците и ќе може да кажат дека даваат заклетва врз друго име. Вчера забележав дека од нејзина страна има ретерирање, но се случува по два дена кога жестоко сме нападнати од нашите соседи и сојузници. Не сакам да помислам дека е најава и од другите функционери во иднина. Се чини дека е стратегија на ВМРО-ДПМНЕ – забораваат дека сега имаат одговорност и нема друга кампања. ВМРО има добиено голема поддршка од граѓаните и се чини дека се што е кажано во кампања е голема лага“, истакна министерот во емисијата „Слободен печат“.

Критики упатија и од ДУИ, кои оценија дека Сиљановска „го згазила Уставот уште на прва реченица неспомнувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“. 

Невиден парадокс 

Од кабинетот на Гордана Сиљановска-Давкова во понеделникот (13.05) соопштија дека шефицата на државата во своите јавни настапи има право да користи Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, но дека ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.

Но, Лога прашува која е логиката да се дава една заклетва во усна форма, а друга во писмена? „Ова е невиден парадокс. Како може претседател на држава да дава заклетва различна од тоа што ќе го потпишува? Ова значи дека сите тие работи што ќе ги кажувате усно, утре нема да ги почитувате бидејќи ќе потпишувате друго. Можеме да покренеме постапка пред Уставен суд заради тоа што ако имаме ваков преседан, може и во иднина ќе има поединци кои ќе сакаат да се докажуваат дека се големи патриоти од било која заедница“, додава Лога.

Тој деновиве го изнесе својот став дека заклетвата е ништовна и порача дека или треба да се повтори или функцијата да ја преземе претседателот на Собранието.

„Нема втора шанса за прв впечаток“ 

Неколку часа по инаугурацијата на Сиљановска, коалицијата „Вреди“ преку соопштение порача дека не треба да се отвораат стари рани и дека претседателот треба да биде пример за останатите кога станува збор за почитување на Уставот.

„Изразуваме загриженост што емоциите од кампањата влијаат на рационалноста во првите чекори во реал-политиката. Имаме разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата. Претседателот на Републиката мора да биде пример за почитување на Уставот, особено кога станува збор за професорка по уставно право“, соопштија во неделата (12.05) од „Вреди“.

Арбен Таравари
Едни ја критикуваат, други ја оправдуваат постапката на Сиљановска ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не е забрането да се користи Македонија“ 

Но, еден ден потоа градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата „Вреди“, во интервју за „Клик плус“ на ТВ 21 вели дека не е забрането да се користи терминот Македонија кога се зборува јавно и дека тој лично често вели само Македонија, без употреба на термините Република или Северна.

Запрашан како коалицијата „Вреди“, од позиција на потенцијален партнер на ВМРО-ДПМНЕ во идната влада, ја коментира постапката на претседателката која за време на заклетвата не го употреби уставното име, Таравари вели дека „таа сè уште била под еурофија на изборите“.

„Мислам дека тоа не го направи свесно. Тоа го направи подекларативно за да покаже дека има некаква доследност со изборната кампања. Изјавата како претседател е со ‘Северна Македонија’, вчера по инаугурацијата беше исто како ‘Северна Македонија’. Пред да дојдам овде, ме известија дека вчера изјавила дека така користела, но дека во иднина ќе го користи уставното име како Северна Македонија“, додаде Таравари.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири, во изјава за ДВ, оцени дека засега не верува дека ваквата постапка на Сиљановска може да има последици на домашната политичка сцена, во пресрет на разговорите за формирање влада.

„По се изгледа ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ќе формираат коалиција, иако нивната влада може и да ја врати земјата во целосна изолација, каква што ја имавме во периодот 2006-2016 година. Не се очекува ВЛЕН да ја условува ВМРО-ДПМНЕ ниту со уставни измени, ниту со почитување на Договорот од Преспа. Нивна главна цел е промената на власта, со тоа што ДУИ ќе биде пратена во опозиција“, вели Незири.