1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинден - најсилен повик за акција и единство

ДТЗ
2 август 2024

Државниот врв порача дека е време да се остават настрана поделбите и караниците, тесните партиски и лични интереси. Политиката не треба да биде пречка за обединување, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

https://p.dw.com/p/4j22b
Илинден
Македонија го одбележува Денот на РепубликатаФотографија: Presidential office Nort Macedonia

Македонија го одбележува Денот на Републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани - Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ. Државниот врв повика на сплотеност, жртвување за иднината на младите, создавање на нова - четврта македонска република и европеизација на земјата преку почитување на правото и борба против корупцијата. Делегации положија цвеќе и одадоа почит на вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ во Крушево, а претседателката Гордана Сиљановска Давкова положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и ја посети спомен собата во Меморијалниот центар.

Илиден, Гордана Сиљановска Давкова
Гордана Сиљановска Давкова положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и ја посети спомен собата во Меморијалниот центарФотографија: Presidential office Nort Macedonia

Битка за четврта македонска република

„Во минатото, младите се жртвуваа за нашата слобода. Денес, ние мора да се жртвуваме за иднината на младите.Таа наша жртва подразбира да не правиме компромис со нивната иднина. Колку и да е тешко, ние мора да создаваме услови за младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, не само да трагаат, туку и да ја остваруваат својата среќа тука, во нашата единствена и нивна заедничка татковина. Да ги оставиме на страна поделбите и караниците, тесните партиски и лични интереси, и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес. Преку таа жртва, ние всушност ќе учествуваме во создавањето на новата, четврта македонска република“, порача претседателката.

Според Сиљановска Давкова, според која успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите. Таа вели дека македонските институции се подготвени за европските реформи. „Но, од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите. Нашето место беше и е во Европа, но со заштитен македонски идентитет, јазик, култура и историско паметење, меморија“, вели таа.  

Гордана Сиљановска Давкова, Илинден
Да ги оставиме на страна поделбите и караниците, тесните партиски и лични интереси, и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес, вели претседателката Гордана Сиљановска ДавковаФотографија: Presidential office Nort Macedonia

Оваа битка, додава таа, ќе ја добиеме само со европеизација на државата, со владеење на правото, со борба против корупцијата, со ефикасни институции, со компетитивна економија, со демократски вредности и демократска политичка култура, со човекови права и слободи, конечно, со функционални системи што ќе можат да се справат со пожарите, поплавите и другите елементарни непогоди. 

Повик за единство

Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода, порача премиерот Христијан Мицкоски.

„Крушевскиот манифест кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, неговата најголема порака е повикот за единство. Врз тоа единство се градеше Крушевската република, и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата. Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа. Борбата трае – потсетувајќи не дека борбата за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел“, посочува Мицкоски.

Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел, според него,  е стратегијата што треба да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни.

„Она што ме загрижува доколку се погледне големата слика е што постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Во таа смисла неодминливо е чувството дека не сите субјекти и политички чинители подеднакво посветени на нашата татковина, односно во наративите тие секогаш ќе ја почитуваат, но со делата кои ги ставаат на маса тие го прават токму спротивното“, порача тој во говорот на Мечкин Камен. 

Премиерот вели дека нема да води разговори за теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања и ги повика сите лидери, субјекти да разговараат за она кое што е вистински важно за сите граѓани, како што е економијата, владеењето на правото, образованието, иновациите кои носат иднина.

„Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удопства стекнати на грбот на народот. И тука сето тоа го плаќаат заедно и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Ромите и Бошњаците и сите граѓани. И кога така се расфрлаат со барања со кои удираат по државата, треба да се свесни дека и јас како лидер можам и во суштина имам барања кои лесно може да се извадат на маса, но дали тоа ќе ги реши суштинските проблеми на граѓаните. Дали тоа ќе донесе доверба едни кон други и дали тоа ќе обезбеди иднина за сите нас. А, сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар“, рече Мицкоски.

Патриотизмот како влог во државата

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, порача дека Илинден е семето на визионерството, заедништвото, храброста, потсетник на заедничките вредности околу себеобединување, кои ги славиме и ги празнуваме. „Нашето единство е нашето најголемо богатство и токму преку ова единство ќе постигнеме величина. Да се издигнеме над состојбите и да најдеме фактори на обединување наместо на разединување“, рече тој во обраќањето пред Собрание. 

Според Гаши, заложбата на Илинденците, видоизменета, трае и денес. Тоа е, потенцираше, заложба за напредок на државата, благостојба за граѓаните, подобра иднина за поколенијата. Гаши појасни дека идејата која треба да не обедини денес е патриотизмот и заедничката цел за подобра држава.

Најуспешниот резултат, според него, е членството во НАТО, а втората траса од патот он Европската Унија, се уште трае.

„И покрај низа предизвици, јас сум убеден дека ние ќе изнајдеме решенија, сила и волја и на тој пат, за да ги надминеме и час поскоро да бидеме членка на ЕУ. Ние мора да се фокусираме на нашите аспирации за иднината. Нашето членство во ЕУ не е само политичка цел, тоа е посветеност на збир на вредности и принципи кои ќе ја унапредат нашата држава. Патот до членство во ЕУ  е пат кон економски просперитет, социјален напредок и посилна демократија. Тоа е патување кое бара посветеност, напорна работа и колективна одговорност“, рече Гаши.

Политиката не треба да биде пречка за обединување

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ и пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“ на плоштадот „Македонија“. Честитајќи ги двата Илиндена, тој вели дека исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија.

Политиката, вели тој, не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.

,,Не смее политиката да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање на демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни", порача Филипче.