Втор зафат - реимплантирана коска лекувана од тумор
23 септември 2024Тим на лекари на Клиниката за Ортопедски болести во Скопје по вторпат изврши реимплантација на коска излекувана од тумор, овојпат кај седумгодишно девојче кое доби шанса за живот. Интервенцијата беше извршена на 15 август, по што оперираното девојче полека заздравува.
Тимот од 15 лекари и медициски персонал од неколку клиники, предводен од проф. д-р Милан Самарџиски, кој е раководител на Клиниката за Ортопедски болести и раководител на одделот за мускулоскелетна онкологија, најпрво го отстранил малигниот тумор (Ewing sarcoma) на надколената коска, потоа е извршена екстракорпорална ирадијација (надворешно зрачење на коската) и повторна реимплантација, односно враќање на коската кај седумгодишното девојче.
„Пациентката е во добра општа состојба со можност да се продолжи понатамошното лекување, а резултатите од оперативната интервенција се задоволителни“, вели д-р Самарџиски за ДВ.
Сложен зафат
Според него, зад успешната операција на младата пациентка стои голем тим на лекари, анестезиолози, медицински лица вкучени во предоперативната радиодијагностика, како и специјалисти по медицинска нуклеарна физика, коишто по вторпат изведоа ваков сложен зафат.
Анестезиолошкиот тим за оваа комплексна интервенција го предводеше проф. д-р. Јасминка Нанчева, заедно со Марина Темелковска и Злата Апостоловска. Во тимот учествуваа и Никола Граматниковски (специјалист по кардиоваскуларна хирургија), Златко Алексовски од Клиниката за детска хирургија, а тимови од Клиниката за онкологија и радиотерапија и медицински физичари учествуваа во подготовка и озрачување на коската.
„Сендвич терапија“
Девојчето пред оперативниот зафат било лекувано со хемотерапија, која што ќе продолжи и во наредниот период. Според искуствата на лекарите ваквиот третман ќе биде неопходен во наредните 4 до 6 месеци.
„Тоа е мултидисциплинарно лекување, наречено ’сендвич терапија’ (хемотерапија, операција - хемотерапија), а по овој тип на терапија имаме зголемено преживување. Ако порано 30 проценти преживувале пет години, сега имаме над 60 проценти кои преживуваат пет години. Имаме и излекувани“, вели Самарџиски.
Процесот на лекување не е едноставен и може да трае подолго време, но е шанса за многумина пациенти да се излекуваат и да ја добијат потребната медицинска помош и нега во земјата.
Оваа интервенција пред три месеци за прв пат се изведе на Клиниката за Ортопедски болести и во нашата држава и претставува нова метода воведена во земјата за третман на пациенти со малигни коскени тумори. Самарџиски за ДВ најавува дека во наредниот период ќе следуваат и други новитети во однос на хируршкиот третман на онколошките пациенти, со враќањето на д-р Теодора Тодорова, која што ја иницираше и самата идеја за методата по завршеното 6 месечно стручно усовршување (fellowship програма) во областа на ортопедската онкологија во Клиниката ЛКХ во Грац, Австрија на одделот за мускулоскелетна онкологија.
На Клиниката за Ортопедски болести континуирано функционира и комисијата за мускулоскелетни тумори т.н. „Саркома конзилиум” во која што учествуваат специјалисти од повеќе области, а со цел навремена дијагностика и оптимален третман на пациентите со тумори на коските и меките ткива.
Со примената на оваа метода и воведувањето на нови, целта е да се намали бројот на пациенти што се лекуваат во странство, а воедно на пациентите да им станат достапни за лекување најсовремените методи од оваа област.