1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот руски круг

24 септември 2022

Истражувањето на Александар Спасеновски и „Конрад Аденауер“ е политички шокантно: македонските граѓани во огромно мнозинство не ја поддржуваат руската агресија на Украина, иако со месеци се нудеше спротивна перцепција.

https://p.dw.com/p/4HHjl
Македонија знаме
Се тврдеше дека мнозинството македонски граѓани се во рускиот круг, но истражувањето на фондацијата „Конрад Аденауер“ покажа дека не е такаФотографија: MIA

Сцената беше повеќе комична отколку трагична, фриволна или аматерска. Димитар Апасиев, тој самопрогласен левичарски лидер на десничарско-националистичката Левица, некни во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ја даде можеби „најспектакуларната“ изјава оваа година. Одговарајќи на прашањето на уредникот Гоце Михајлоски околу нивното соопштение по средбата со рускиот амбасадорот Баздникин и квалификациите за „денацификација на Украина“ веднаш по инвазијата - дали сѐ уште остануваат на нивните квалификативи, Апасиев одговори со своевидна „демократска сабја“:

„Јас сум бил во Русија на научни собири на универзитетот Ломоносов и во Санкт Петербург. Можам да кажам дека Русија е подемократска од нас“.

Тој уште додаде, користејќи ја московската терминологија, дека сѐ досега руската интервенција била онаква каква што ја нарекува Кремљ – „специјална воена операција“ – бидејќи биле ангажирани „само 200.000 руски војници“, но сега со мобилизацијата на руските граѓани таа преминува во нова фаза.

Овој дел од интервјуто, а не формулацијата за прашањето на референдумот, беше најинтересен за да се оцени моменталната ситуација во македонскиот опозициски политички блок. Имаше уште една неверојатна фриволност. На прашањето на Михајлоски, како ќе преговараме ако се отфрли францускиот предлог, Апасиеводговори кусо:

„Така, шарено, убаво. Го отфрламе и чекаме нова преговарачка рамка. Не ни мора да имаме договор со Бугарија. Тоа е измислица на Бојан Маричиќ“.

Трустот мозоци во ВМРО-ДПМНЕ би требало убаво да размисли кон кој пат може да ја навлече нивната партија ваквата фриволност на Апасиев во клучниот светски момент, кога глобалната заедница во голема мерка унисоно одговара на „ритуалот“ со лажните референдуми на окупираните украински територии и нуклеарната закана на Владимир Путин. Власта, пак, досега требаше јавно и недвосмислено да соопшти дека македонската држава нема да го признае аншлусот на суверена територија на една држава, затоа што тоа ги крши основните начела на Повелбата на ОН. Владата не треба да чека да заврши неколкудневното гласање под надзор на окупаторските војници, па после да соопштува дека Македонија не признава вакви лажни референдуми.

Љупчо Поповски
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Вуду игла во пропутиновското срце

Покрај глобалната загриженост за мирот, стравот од зимата, инфлацијата и рецесијата, последните неколку месеци од војната во Украина на некој начин му помогнаа на македонското ткиво да се излечи од панруската бактерија, која изгледаше дека драматично го заболела. Сликите од километарските колони на руските граници со Финска, Грузија, Казахстан, па и Монголија, каде руските граѓани бегаат да не бидат мобилизирани од страна на Кремљ, се своевидна вуду игла во пропутиновското македонско срце.

Ако овие автомобилски колони руски бегалци се само флешови за драматичниот развој на настаните во самата Русија, кои веројатно ќе внесат доза на сомнеж во пропутиновската приказна за моќта кај одреден дел од овдешново население, тогаш последново истражување на фондацијата „Конрад Аденауер“ дава емпириски податоци дека нешто се променило во македонското општество околу инвазијата на Украина. Повеќе месеци генерално се тврдеше дека мнозинството македонски граѓани се внатре во рускиот круг и дека таму им е убаво. Дека се таму фрустрирани од непринципелноста на ЕУ, фрустрирани од уцените на Бугарија, наводната неправичност на преговарачката рамка со Унијата. И дека приклонувањето кон моќта е најудобното прибежиште.

Ова истражување на „Конрад Аденауер“ (фондација на германската Христијанско-демократска унија) на големо изненадување, покажува дека работите со „руското срце“, всушност, сега не биле такви. Или не биле такви уште од 24 февруари, само што се претставувала погрешна перцепција. ВМРО-ДПМНЕ би требало, пред да се навлече кон фриволноста на Апасиев, за која главниот лепак треба да биде можниот референдум за францускиот предлог, добро да поразговара со професорот од Правниот факултет, Александар Спасеновски, кој е автор на ова истражување. Спасеновски е член на ВМРО-ДПМНЕ, едно време беше и пратеник, умерен на збор и професорски елаборативен.

Ова истражување се занимава со 30-те години на македонската надворешна политика и одбрана. Еден дел од него е посветен на две актуелни прашања – првото е војната во Украина, а второто иницијативата Отворен Балкан. Резултатите за војната во Украина би можеле да се наречат и „шокантни“ во однос на непоткрепената перцепција што се тркалаше првите месецо по 24 февруари. Дури 50,4 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26,2 % мислат дека е оправдана и прифатлива. Тоа изнесува неверојатно голем размер – 2:1, во корист на оние кои не гледаат оправдување во милитаристичкиот поход на Кремљ на Украина.

Спасеновски пишува: „Анализата на резултатите упатува на заклучокот дека испитаниците имаат приближно сличен став во однос на оваа тема како и граѓаните на другите држави членки на ЕУ и на НАТО“. Ова е еден од најдобрите емпириски заклучоци што може да се прочита во последно време – дека македонските граѓани се, всушност, посветени Европејци. Кои го разбираат моментот на војната и мирот, неправдата и страдањата, империјалната агресија и заграбувањето на туѓи територии. Заедно со податокот од едно друго прашање од истражувањето – „Според вас, која држава е најголем сојузник на Северна Македонија“ – оваа руска шашма се растура во парампарчиња. Само 1,2 отсто од испитаниците одговориле дека најголем македонски сојузник е Русија. За САД се изјасниле 19,8, а за Србија 37,4 проценти. А во прашањето за тоа кој е најголем непријател на Македонија, Русија е во самиот врв – прва е Бугарија со 44 отсто, па немаат одговор 29,3 отсто и трета на листата е Русија со 12,1 процент. Озлогласената Франција е на дното на листата – со само 0,9 проценти.

50,4 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива
50,4 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатливаФотографија: DW

Ослободување од заблудите

Оваа поголема експликација на резултатите од едно истражување е важна, затоа што со неа се разбиваат некои погрешни перцепции дека Македонија е длабоко проруска, дека Путин е идеалот на политичарот што треба да се следи од домашните политички гуруа, дека европските вредности се во големо назадување (иако има револт поради политиката на Европската унија спрема Македонија).

- повеќе од авторотШто ако победи Украина?

Во Скопје, на многу места можат да се сретнат графити со буквата „Z“, симболот на руската инвазија, но тоа не значи дека јавното мислење е благонаклоно спрема симболиката на овие чкртаници. Ова истражување покажува дека македонскот ткиво е позрело од многуте политичари и аналитичари кои со месеци испорачуваа погрешни толкувања за односот на граѓаните кон страшната крвава и неверојатно деструктива инвазија. Ова истражување покажува дека македонското ткиво, всушност, не било во руското срце. Како што тоа никогаш не било во историјата на народот што живее овде. Не било ни за време ни по Илинденското востание, а особено не за време на Втората светска војна. Македонија ја ослободија македонските партизани без ниеден советски војник да стапне на оваа територија. И тоа е врежано во македонскиот ген, без оглед на одредениот панславизам и глорифицирање на путиновскиот тип на политичар.

- повеќе од авторот: Референдумот е мамка, целта се избори

Ова истражување е неверојатна политичка алатка за оние што се нишаа на тесниот пат, несакајќи да ја оддалечат наводно големата проруска маса во Македонија, а во исто време да се декларираат како Европејци. Граѓаните очигледно имаат појасен и морално дефиниран став – руската инвазија е неприфатлива. Токму тука, во најголемото прашање на денешницата во светот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да ја направи јасната дистинкција од изразито проруската Левица и да не биде вовлечена во нејзината агенда. Што преку најавата за референдумот, што преку други работи. А и ракодството умешно да се дистанцира од проруските групации на членови и поддржувачи, кои очигледно се мала, а не голема група. Таков страв, прикриено, постои и во владејачката СДСМ, па јасната објава за референдумите само ќе ѝ олесни на партијата да покаже дека е црвсто на европските вредности.

Македонија секогаш страдала од големи заблуди. Едната беше дека општеството било длабоко проруско. Ете, не било така. Но, тешко е да се ослободиш од сопствените заблуди кога тие се поврзани и со идеолошки и со лукративни причини. Но во еден момент мора да го направиш чекорот и – да се ослободиш.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар