1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Европа е препуштена сама на себе

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол
3 декември 2022

Џо Бајден не прави компромиси - при посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на САД тој стави јасно до знаење дека Европа мора самата да се погрижи за својата зелена приказна, оценува Инес Пол.

https://p.dw.com/p/4KO4G
Емануел Макрон и Џо Бајден пред Белата куќа во Вашингтон, 1.12.2022
Емануел Макрон и Џо Бајден пред Белата куќа во Вашингтон, 1.12.2022Фотографија: Jim Watson/AP/picture alliance

Првата свечена вечера која претседателот Џозеф Бајден ја организираше во својот мандат требаше да биде всушност вечера на помирување, еден вид извинување за збрката околу зделката со подморници за Австралија, каде Франција се најде во сто чуда кога наместо француски, беа нарачани американски нуклеарни подморници, што ја чинеше стотици идни работни места и милиони евра. Помирување на вечера со свеќи, како што тоа добрите пријатели го прават во вистинскиот живот. 

Макрон како европски „претседател на клас“ 

Но, при сето демонстративно прикажано срдечно пријателство - извинување немаше. Емануел Макрон не беше поканет само како француски претседател, туку како „претседател на клас“ за цела Европска Унија. Зашто, таа е преплашена од климатскиот закон тежок милијарди долари со име „Inflation Reduction Act“. Со овој закон, тежок 360 билиони долари, САД даваат јасен сигнал за заштита на климата. Зелените компании оденергетската и сообраќајната бранша може да се надеваат на големи субвенции. И, до тука е во ред. Она што од европски агол на гледање на нештата е спорно е што производите мора да се продуцираат во Северна Америка, и тоа во речиси сите степени на производство - од набавка на суровини, преку монтажа, до меѓупроизводи и рециклирање.

Иако можеби така изгледа, Макрон и Бајден не се добри пријатели по сите прашања
Иако можеби така изгледа, Макрон и Бајден не се добри пријатели по сите прашањаФотографија: Susan Walsh/AP Photo/picture alliance

Духот на трговската војна 

Европејците почнаа веднаш да зборуваат за нова трговска војна и американски протекционизам. Дебата која не го допре претседателот Бајден. За време на целата прес-конференција тој само со една попатна реченица рече дека со Европа нема трговски договор (договорот ТТИП своевремено пропадна). И, дека, за разлика од лошо направената зделка со подморниците, тој во овој случај не размислува за извинување.

„Европа тоа може и сама да го направи. Европа е препуштена сама на себе.“ Бум! 

Трампова политика во зелена боја

Тоа е пораката која претседателот Макрон ја носи во Европа. Европа мора самата да си ги заврши домашните задачи, самата да инвестира во создавање „зелени“ работни места. Не, за Европа нема да има посебни параграфи во тешко извојуваниот инвестициски пакет на Бајден. Наместо тоа, има работна група, „Task Force“, која ќе се погрижи сѐ да биде спроведено како што е одлучено. Дури и натамошно да се преговара, и покрај изразениот оптимизам од страна на двајцата претседатели, конфликтот на интереси нема да исчезне. Секое работно место може да се создаде само еднаш, од оваа или од другата страна на Атлантикот.

За разлика од својот претходник, претседателот Бајден е цврсто на страната на НАТО. И при оваа посета постојано се повторуваше дека во случајот на руската инвазија се работи за одбрана на западните вредности. Но, кога станува збор за економската политика, Бајден го продолжува курсот на својот претходник- „Америка на прво место“. Така е не само во делот на зелената енергија, туку и во врска со идната независност од други земји. На пример, независност од Кина во сферата на индустријата на чипови.

Бајден е голем трансатлантичар, последен од таков вид. Макрон, а со него и цела Европа, го знаат тоа. Но, знаат и дека кога станува збор за економијата, за Бајден на прво место е неговата земја. Тоа Европа мора конечно да го сфати. Има многумина кои се одговорни за тоа што зелената иднина на автоиндустријата, како што се чини, сега не почнува во Европа, туку во САД. За тоа не може да му се замери на Џо Бајден.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема