1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малите тајни на големите мајстори на „кујната“

4 јануари 2023

Преку кулинарска тема ја истражувале состојбата со дијалектите: РС Македонија ставена на картата на бугарската јазична територија.

https://p.dw.com/p/4Lify
Приготвување храна
Приготвување хранаФотографија: Rafael Ben-Ari/Newscom/picture alliance

Рецепти (за храна) и дијалекти. Двете нешта немаат ништо заедничко, не се како „храна и вино“, ама група бугарски научници успеале храната и дијалектите да ги спојат во еден проект, наречен „Интерактивна кулинарска карта на бугарската јазична територија“. Но, целта не е само кулинарската карта, туку, пред сѐ, да се прикаже распространетоста на бугарскиот јазик и дијалекти во, и надвор од државните граници. Соодветно на ваквата цел, ова не приватен проект на група кулинари за потребите и промоција на еснафот, туку проект поддржан од Фондот „Научни истражувања“ (ФНИ) на бугарското Министерство за образование и наука, а реализиран од научници од Институтот за бугарски јазик при Бугарската акедемија на науките и уметностите (БАН).

Ем, кулинарска, ем јазична територија

На интерактивната карта, под бугарска јазична територија е ставен југоисточниот дел на Србија (Босилеград, Димитровград, Пирот...) југоисточниот дел на Албанија околу Корча, северниот дел на Грција (Лерин, Костур, Кукуш, Драма...) и - целата територија на Република Северна Македонија.

Како што е познато, став на БАН и став на Бугарија е дека „официјалниот јазик на РСМ по своето потекло и структурно -типолошки карактеристики е југозападна писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.

Преку овој проект, авторите се обидуваат да ја зацврстат таа теза, низ „четиво“ кое полесно стигнува до јавноста.

„На проектот се работеше четири години“, објасни во разговор за бугарската ТВ „Нова“, Ана Кочева, раководител на Секцијата за бугарска дијалектологија и лингвистичка географија на Институтот за бугарски јазик при БАН.

„Проектот е поврзан со многу теренска работа, односно патувавме низ различни краишта на Бугарија, ги посетивме домовите на луѓето и снимивме многу рецепти, од кои голем дел се покажа дека се заборавени стари јадења. Сите тие жени и мажи кои готвеа за нас, тоа го направија со исклучителна бугарска гостопримливост, чувство кон храната и традициите, и се разбира, на дијалект. Бидејќи, интерактивната карта е кулинарска, но таа е и карта на бугарската јазична територија. Ние ја опфативме целата бугарска територија, таму каде што се зборуваат дијалекти и во, и надвор од државните граници, што не ја прави политичка (картата- н.з.) Ова е непрекинатото бугарско јазично земјиште, кое во пракса е историско-географско и ги опфаќа Мизија, Тракија и Македонија. И се разбира, говорите и од двете страни на границата се исти“, рече Кочева.

Како што стои на веб страницата на оваа карта, целта е таа да се претстави на Интернет, за преку неа и научната и широката јавност дома и во странство да имаат можност да видат и слушнат јазични и етнографски материјали, аудио и видеозаписи, и галерија на фотографии, сите „поврзани со кулинарската култура на Бугарите, како дел од националниот идентитет“.

И храната во служба на политиката во Бугарија
И храната во служба на политиката во БугаријаФотографија: Maryam

Зелникот и „дијалектот“

„Широката популаризација на картата има за цел да предизвика голем интерес во јавноста за националната кујна и распространетоста на бугарскиот јазик и дијалекти во, и надвор од државните граници“, потенцираат авторите на проектот.

Кочева, пак, како илустрација го посочува зелникот, кој го имало од областа Странџа на крајниот југоисток на Бугарија, преку Родопите, југозападот, сѐ до Корчанско, јужна Албанија.

„Имаме интересна снимка од село Врбник. Жената која го приготвуава локалниот зелник, и се разбира, го сподели рецептот на дијалект, има прекрасен бугарски говор. Тоа е всушност местото каде што Албанија пред неколку години, официјално призна бугарско малцинство. Така што, нема зошто да се прескокне таа област, со говорите кои денес се наоѓаат во Република Северна Македонија, затоа што и таму тој зелник продолжува да се приготвува. Ние го снимивме во Берово, а го прават и на други места“, посочи Кочева.

На интерактивната карта со икона „грне“ се обележани населените места од каде се обезбедени фото, аудио и видео записи за темата. Со кликнување на „грнето“ во конкретно место, може да се види подготовката на храната и да се слушне говорот на кој се објаснува процесот. Во посоченото видео од село Врбник, жената која подготвува зелник говори на македонски јазик, а не на бугарски, како што тврди Кочева, односно како што ќе им биде претставувано на корисниците на интерактивната карта.

Врбник е село во источниот дел на Албанија, кое било населено исклучиво со Македонци, но со години емета на пропаганда и „помош“ од Софија, со цел луѓето таму да се изјаснуваат како Бугари. Пред два месеца, Фондацијата „Бугарска меморија“ објави дека „е завршен проектот на бугарската држава за поврзување на најбугарското село во Албанија со обласниот центар - село Врбник - град Билишта“.

Откако Фондацијата сигнализирала дека нема асфалтиран пат меѓу тие две населени места, Бугарија издвоила буџет за таа намена, по линија на Официјална помош за развој.

„Така, жителите во тој реон, поголем дел со бугарски етнички корени веќе може да патуваат спокојно до домовите и работните места. Го поздравуваме МНР за реализацијата на проектот“, се заблагодари Фондацијата.

И пропагандата влегува преку стомакот?

Примерот со жената од Врбник која говори македонски, а не бугарски јазик, е само еден од воочените. Во проектот биле истражени над 80 локации. Не е јасно, дали на учесниците надвор од територијата на државата Бугарија им била објаснета целта на проектот или под параванот на „стари рецепти“ биле употребени за друга цел. Проектот има и англиска верзија, а според Кочева, тоа не било случајно. На нејзините колеги (лингвисти) во странски универзитети, тој им помагал во подготовка на нивните предавања.

„Ова ги натфрли нашите очекувања“, изрази таа задоволство од опсегот на проектот.