Матни зделки на банка од Хамбург опасни за канцеларот Шолц?
10 август 2022Звучи како возбудлив трилер за финансиска измама. Станува збор за сомнително работење на банки и акционери со цел да се затаи данок.
Бившиот социјалдемократски пратеник Јоханес Карс од Хамбург во целата приказна би можел да игра клучна улога. Посебно деликатното прашање гласи: колку за тоа знаел бившиот градоначалник на Хамбург и сегашен германски канцелар Олаф Шолц?
200.000 евра во банкарски сеф
Во банката Варбург од Хамбург, според извештаите на повеќе германски медиуми, Сојузното обвинителство во сеф пронашло 218.000 евра, а сопственикот на тој трезорски депозит е – Јоханес Карс. Тој беше пратеник во Бундестагот до 2020 година. Против него се води истрага поради протежирање и поради сомнение за поврзаност со матни работи на банката Варбург врз основа на намалување на дивидендата (dividend stripping, cum-ex).
Дали Јоханес Карс се залагал банката да не го плати данокот кој ѝ го должела на државата кога се откриени нејзините манипулативни зделки? Дали за таа услуга добил пари? Таква претпоставка изнесуваат низа германски медиуми.
Што се „кум-екс“ трансакции?
Германскиот Врховен суд во важна пресуда од 28 јули 2021 година ја означи таквата пракса како казнива. Фирмите вообичаено еднаш годишно им плаќаат дивиденда на своите акционери, кои потоа плаќаат 25 проценти данок на добивка. Но, во моделот за намалување на дивидендата, акциите пред исплата на дивидендата се препродаваат и купуваат толку пати, што на крајот државата мора да го врати данокот на дивидендата.
Измамата била толку рафинирана, што надлежните институции изгубиле преглед и повратот на некои даночни суми дури ги исплатиле и повеќепати. Поранешниот пратеник од Левица, Левис Фабрицио де Маси за весникот „Берлинер цајтунг“ прави споредба: „Тоа е како да добиете бон за вратена амбалажа во супермаркет, го копирате и повеќе пати земате пари на касата за едно исто празно шише.“
Хамбург се откажа од подоцнежно плаќање на данокот
Ширум Германија во тек се истраги против цела низа банки кои користеле исти трикови. Но, случајот со банката Варбург од Хамбург има посебна тежина. Јоханес Карс во 2016. година иницирал средба на Олаф Шолц и крупни акционери во банката, а во тој момент веќе била покрената истрага против раководството на финансискиот институт.
Сепак, малку подоцна градот Хамбург се повлекол од своите побарувања од банката во висина од 47 милиони евра. А една година подоцна, во 2017 година, тогашниот министер за финансии во германската влада од ЦДУ, Фолфганг Шојбле, постапил сосема поинаку – му наложил на градот Хамбург да побара 43 милиони евра од банката. Тоа е исклучително необичен потег во финансиските односи на сојузната држава и покраините.
Шолц не се сеќава на деталите
Со посредство на портпаролот, Олаф Шолц изјави дека не се сеќава на деталите на разговорот со претставниците на банката, како и дека не знаел за толку високата сума од околу 200.000 евра, депонирана во банкарски сеф на име на Јоханес Карс. Надлежното обвинителство не објави ниедна информација за тоа дали оваа сума е поврзана со „кум-екс“ матните работи на банката. Но, логична е таква претпоставка.
Истражните органи ги пребаруваат и мејловите на Шолц
За германскиот канцелар Шолц сето тоа може да биде исклучително непријатно. Тој на 19 август ќе се појави пред Анкетната комисија на покраинскиот парламент во Хамбург. Хамбуршките медиуми известија дека тамошното обвинителство добило пристап до електронските пораки на Олаф Шолц од времето додека беше градоначалник на Хамбург. Портпаролот на германскиот канцелар Штефан Хебештрајт за тоа изјави: „Не знам ништо за тоа. А и нема што да се крие.“
Опозицијата во Берлин секако има поинакво мислење. Заменик шефот на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Матијас Миделберг изјави: „Има сѐ повеќе индиции дека меродавни социјалдемократски политичари во Хамбург противзаконски влијаеле на оданочувањето на банката Варбург.“ Дали Шолц спаѓа во кругот на тие „меродавни социјалдемократски политичари“? Следните недели ќе дадат одговор на тоа прашање.