Критики: „Вучиќ носи луѓе од Македонија на контрамитинг“
16 мај 2023„Ако имате малку достоинство, не го правете тоа“, „Избришете ја објавата и немојте да се срамите“... Ова се дел од „посмирените реакции“ на објавата на Српската заедница во Македонија - дека ќе огранизира бесплатен автобуски превоз за присуство на големиот митинг што го најави српскиот претседател Александар Вучиќ на 26-ти мај во Белград.
„Организиран бесплатен автобуски превоз за сесрпскиот митинг на 26-ти мај (петок) во Белград. Кој е подготвен до оди, нека јави. Известете ги и сите останати луѓе. Тргнувањето ќе биде од Куманово. Резрвирајте ги вашите места навреме“, беше наведено во известувањето на Фејсбук-страница на Српската заедница во Македонија, со податоци за лице за контакт и телефонски број. Информацијата е објавена под фотографија на Вучиќ, на која стои повик: „26-ти мај. Сите во Белград. Ќе ја сочуваме Србија!“
Партиски или сесрпски собир?
„Вучиќ носи луѓе од Македонија на својот контрамитинг: Нудат бесплатен автобуски превоз од Куманово до Белград“, гласи насловот на текстот што го објави српскиот портал Нова.
„Оваа организација (Српската заедница во Македнија - н.з.) на крајот од јануари годинава на претседателот на Србија му додели 'Светосавска повелба', а последните години нивните активности, меѓу другото, се финансираат од буџетот на Република Србија“, наведува порталот.
На Фејсбук-страницата на Српската заедница во Македонија стигнаа критики по објавеното известување за бесплатен превоз.
„Тоа е партиски собир, а не сесрпски, ако сте наши браќа останете си дома“, се вели во една од реакциите.
„Ако режимот спадна на увоз на демонстранти за протест против своите граѓани, тогаш навистина е во проблем“, „Дојдете да живеете во Србија, па да видиме дали ќе сакате да одите на тој собир“, „Вие Македонци да си ја гледате својата држава и својата работа, бидејќи од нас ќе добиете дупнати гуми на автобусите! А да не се чудите ако ве почестат со јајца од балконите“, гласат дел од коментарите.
Не изостана коментар и од Српската заедница во Македонија.
„Се плашите од стотина Срби кои своеволно доаѓаат и на гласање, и еве сакаат да дојдат да го поддржат Вучиќ, па ќе загубите на изборите многупати повеќе. Проблемот е што сте неспособни како опозиција и што немате алтернативна политика, туку би сакале преку улица на власт, и нормално ви пречат сите кои се против дестабилизација на Србија. Па сега вие видете каде сте и како понатаму...“, гласи одговорот.
Во домашната јавност, барем јавно, не се коментираат ваквите препукувања, со неофицијални образложенија дека секоја оценка дали некој потег е исправен или не, би можело да се разбере како „мешање“ во прашања што ја тангираат Србија.
„Важни одлуки“
Српската јавност е длабоко поделена околу „дефинирањето“ на овој собир. Додека Вучиќ го највува како „најголем досега“, опозициските партии го квалификуваат како владин, и како типичен контрасобир/контрапротест, бидејќи српскиот претседател го најави веднаш по собирот „Србија против насилството“ кој се одржа на 8-ми мај. Тогаш на повик на опозициски партии се собраа неколку десетици илјади граѓани, кои по двете масовни убиства во Белград и околината на Младеновац побараа прекин на промовирањето на насилството во јавноста: затворање на печатени медиуми и таблоиди што промовираат омраза, одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи, разрешување на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и на директорот на Безбедносно-информативната агенција, Александар Вулин, разрешување на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми, итна седница на Собранието, на која ќе се разгледа одговорноста на Владата на Србија и безбедносната состојба во земјата.
Вучиќ ги обвини политичките опоненти дека се обидуваат да ги искористат трагедиите за политички цели.
„Не ни паѓа на памет да го смениме Гашиќ кој одлично си ја врши работата. Но можеме да направиме повеќе. Можеме да ја смениме целата влада и да одиме на избори (...) Не е проблем. Сакате избори? На 26-ти мај ќе му соопштам на народот, одиме на избори. Тоа значи дека одиме на избори најдоцна во септември“, најави Вучиќ пред два дена, потенцирајќи дека „за неколку дена веќе нема да биде претседател на партијата“.
- повеќе: Огромен протест во Белград: „Пат за излез од мракот“
Голем е интересот за „важните одлуки“ кои српскиот претседател најави дека ќе ги соопшти на собирот, но според тамошни медиуми, големи биле и притисоците за присуство во Белград. Дел од српските медиуми објавуваат дека по налог на „партиската централа“ (СНС) досегашните „квоти“ за задолжително присуство на овој собир биле зголемени во споредба со претходните, но и наводи дека голем број вработени ширум земјата биле под закани со отказ доколку не дојдат во Белград. Според Нова, за собирот на 26-ти мај било планирано ангажирање на дури 2.200 автобуси.
Српската организација Црта, која ги мониторира изборите, оцени дека политички притисоци врз граѓаните има секојдневно, а не само во пресрет на избори. Реагирајќи по жалба на граѓани од јавно претпријатие, кои опишале како се вршат притисоци врз вработените за присуство на собирот, Црта апелира до надлежните државни органи и до сите политички партии да ги спречат нелегалните и нелигитимни начини за обезбедување политичка поддршка.