1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Медведев: Русија ќе се распадне доколку загуби во Украина

БГ /дпа
22 февруари 2023

Русија ќе се распадне и ќе биде распарчена доколку се повлече од војната во Украина, оценува поранешниот руски претседател Дмитри Медведев. Тој реплицираше на говорот на Бајден во Варшава.

https://p.dw.com/p/4Np6p
Дмитри Медведев
Поранешниот руски претседател Дмитри МедведевФотографија: Yekaterina Shtukina/ITAR-TASS/IMAGO

Поранешниот руски претседател Дмитри Медведев ги отфрли повиците на американскиот претседател Џо Бајден за повлекување на руските трупи од Украина.

„Доколку САД престанат да го снабдуваат со оружје режимот во Киев, војната ќе престане“, напиша Медведев, актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за национална безбедност на својот Телеграм канал.

„Доколку Русија ја прекине специјалната воена операција без победа, тогаш Русија ќе престане да постои, и ќе биде распарчена“, напиша Медведев.

Русија започна агресија врз Украина пред една година, на 24 февруари.

Во својот карактеристичен агресивен манир, Медведев го критикуваше Бајден што му се обратил на рускиот народ од Варшава во вторникот, зборувајќи пред полски граѓани.

„Кој е овој чуден дедо, кој зборува со загубен поглед од Полска? Зошто им се обраќа на луѓе од друга земја во време кога има доволно проблеми дома?“

„Путин ја избра војната“ 

Медведев ги обвини САД, за кои рече дека предизвикале многу војни низ светот, за „мегаломанија“. 

Бајден во вторникот (21.02) одржа говор во Варшава на годишнината од руската агресија врз Украина. Говорот го заврши со директно обраќање кон рускиот народ.

САД и Европа, кои му испраќаат оружје и финансиска поддршка на Киев, не „сакаат да ја уништат или контролираат Русија“, рече Бајден.

„Претседателот Путин ја избра оваа војна. Путин може да ја заврши оваа војна со еден збор“, рече Бајден.