Мицкоски е на потег - се чекаат предлози за техничката влада
12 јануари 2024По состанокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа во четвртокот (11.01), Централниот комитет и партискиот лидер Христијан Мицкоски се на потег. Од Мицкоски се очекува да ја донесе одлуката кои ќе бидат имињата на двајцата министри и замениците со коишто партијата ќе партиципира во техничата влада, која ќе раководи со државата 100 дена пред изборите на 8 мај. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе се сретне со Мицкоски, но дека тема на разговорите нема да бидат кадровските решенија на опозицијата.
„За кадровски решенија, не можеме да се сретнеме, затоа што секоја политичка партија ги дава своите кадровски решенија во техничка или која било друга коалициска влада. По својата форма и суштина, оваа влада е коалициска во која ќе учествува и опозицијата со точно определени ресори според Законот за избори и Законот за Влада“, рече Ковачевски при посетата на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Опозицијата треба да предложи кандидати
Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги соопшти своите кандидати за техничката влада и да ги достави до Владата и Собранието. „Тие треба да ги соопштат своите кандидати и да ги достават до Владата и до Собранието подоцна за да можат да бидат избрани, така што тоа е воспоставена процедура, а секако дека ќе се сретнеме за да поразговараме околу другите елементи за изборите“, рече Ковачевски.
Сè уште не е прецизиран датумот за средба со Мицкоски.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди одлуката за учество на партијата во техничката влада. Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски информираше дека се очекува на Централниот комитет на партијата да се донесе одлука да се овласти претседателот на партијата Христијан Мицкоски да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада.
Муцунски најави дека за министрите и замениците министри од нивната партија за техничката влада ќе се знае до крајот на јануари.
Извршниот комитет, исто така заземал став да се воздржи од гласањето на техничката влада под водство на Талат Џафери од ДУИ, кој според партијата, нема никаков легитимитет, туку е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ.