Мицкоски е подготвен за разговори со Софија по изборите
16 јануари 2024Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не ја прифаќа тезата дека ако ВМРО-ДПМНЕ е за Европската унија, тогаш мора да гласа за уставните измени.
„Сите ние сме за ЕУ, но можеби патот дотаму поинаку го гледаме споредено со Маричиќ и останатите. Тоа останува стратешка цел за ВМРО-ДПМНЕ и тука не треба никоја да има дилема (...) Што се однесува до патот, не прифаќам теза - ако сте за Европска Унија, тогаш гласајте уставни измени. Тоа не е така“, изјави Мицкоски на ТВ 24.
Тој потенцира дека кога власта претходно ги носела договорите не ѝ било важно што мисли ВМРО-ДПМНЕ и не нашла ни пет минути да го слушне ставот на опозициската партија.
„Ако тогаш го сослушаа ВМРО-ДПМНЕ, ние немаше да се најдеме во оваа ситуација, бидејќи ќе дојдеше нов предлог после францускиот. Затоа што францускиот предлог е причина и последица на бугарското ‘не’ - општествено и политичко - на португалскиот и на германскиот предлог“, рече Мицкоски.
Тој најави дека е подготвен веднаш по изборите за разговор со водството во Софија.
„И ако некој навистина сака Македонија да го отпочне овој пат...Видовте сега на последниот Европски совет се имплементираше новото правило, се покажаа вистински европски вредности од страна на лидерството на Европската Унија - правилото на празно столче - како држави во кои има руска војска којашто е присутна таму може да отпочнат преговори, а Македонија повеќе од две децении континуирано е уништувана, омаловажувана и понижувана, за да и до ден денеска остане во чекалната“, изјави Мицкоски.
„Дипломатски дијалог за Западен Балкан“
Не е извесно дали ќе биде опфатен овој аспект, но извесно е дека за Западен Балкан ќе се дискутира и на 54. годишен состанок на Светскиот економски форум кој почна вчера во Давос, Швајцарија. Иако на дневен ред се несигурноста на глобалниот економски раст како последица на геополитичките судири, еколошките и климатски ризици, вештачката интелегенција и борбата против дезинформаците, во фокусот останува и ситуацијата во Западен Балкан.
На оваа тема е посветена сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, на која ќе учествува и македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој за време на престојот во Давос денеска и утре (16-ти и 17-ти јануари) ќе учествува и на неформалниот собир на светски економски лидери „Враќање на вербата во глобалниот систем“ и на официјалната вечера „Градење на Европа на утрешнината“.
Како што е најавено од ЕК, на сесијата за Западен Балкан ќе учествува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Дека форумот ќе биде максимално искористен за разговори и билатерални средби на таа тема, говори и веста дека Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, уште пред отворањето на форумот вчера во Давос се сретнал со косовскиот вицепремиер Бесник Бислими со кого разговарал за нормализација на односите со Белград.
Лидерите од земјите на Западен Балкан се очекува да остварат повеќе билатерални средби, со оглед дека на годинешниот петдневен форум насловен „Обнова на довербата“, ќе има биде собрана светската политичка и бизнис елита: ќе има повеќе од 2.800 учесници, меѓу кои над 100 шефови на држави и влади, претставници на институциите на ЕУ, на водечки меѓународни организации, директори на големи светски компании, претставници на граѓанското општество, експерти.
Добрососедство, соработка и европска иднина
Дискусиите за европската иднина продолжуваат и во регионот. Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, утре ќе престојува во Северна Македонија, во рамки на неговата регионална турнеја. Во Скопје ќе пристигне по неговата денешна посета на Приштина, а од Скопје ќе отпатува за Подгорица. Како што е најавено, цел на неговата посета е продлабочување добрососедските односи, соработката меѓу земјите, безбедносните прашања и иднината на регионот во Европската Унија. Во Скопје тој ќе биде примен од министерот за надворешни работи, претседателот на Собранието, премиерот, вицепремиерите Груби и Маричиќ, а ќе оствари средби и со лидерите на албанските политички партии.
Со оглед дека ЕУ годинава ќе биде преокупирана со избори (во јуни 400 милиони избирачи од 27 земји-членки на Унијата ќе гласаат за составот на новиот Европски парламент) очекувањата на земјите од Западен Балкан се насочени кон втората половина од годината.
Во тој контекст, шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, на вчерашната средба со австрискиот колега Александар Шаленберг во Виена, истакнал дека Унгарија ќе го искористи претседавањето со Европска Унија за да го забрза процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Сијарто истакнал дека на ЕУ и се потребни нова енергија, нова инспирација, нова амбиција а тоа може да го донесат земјите од Западен Балкан.
„Сметаме дека треба да се забрза процесот на проширување на ЕУ. Сакаме да го искористиме времето на претседавање со ЕУ, така што дека голем број земји од Западен Балкан отвораат што е можно повеќе поглавја во преговарачкиот процес за членство“, посочил Сијарто.