Оној испланиран троцкистички гнев на двајцата пратеници на Левица на пултот на собранискиот спикер кога се усвојуваше новиот Деловник за работата на Собранието ги отвори широко вратите на кампањата за изборите, иако до нив има уште шест месеци. Таа врата дотогаш беше подотворена, но оттогаш двете нејзини крила се раширени, низ нив почна да дува популистичката виулица. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потоа најави дека во тек на првата година од владата чиј премиер ќе биде тој линеарно ќе ги зголеми пензиите за 5.000 денари. Владата одговори со нов антикризен пакет од 660 милиони евра со помош за пензионерите, учениците, студентите, компаниите.
Тоа се вообичаените мамки завиткани во сахарински обланди за бирачите. Како што и било секогаш пред избори. Политичкиот дел од кампањата и постизборниот расплет изгледа ќе биде поинтересен. Тој почна со гневот на пратениците на Левица, кој се потруди да го премолчи Христијан Мицкоски, иако неговата партија преку сооопштение официјално го оцени инцидентот како „евтина провидна и договорена драма меѓу Апасиев со ДУИ и СДС“.
Има некаква поширока согласност меѓу новинарските аналитичари, политичките експерти и партиските шамани дека најголемата непозната на следните избори ќе биде можниот однос меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Во другиот камп, оној сега владејачкиот, работите изгледаат многу појасни – СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците ќе бидат во ист блок, дали со заеднички листи или некаков друг концепт засега е недифинирано. Сосем сигурно партиските штабови прават анкети и други истражувања како може да се максимилизираат гласови за да донесат што е можно повеќе пратеници. Но нема никаква гаранција дека и во ваква тројка тие би можеле да соберат мнозинство во идниот парламент. Досегашните анкети не покажуваат дека тие би можеле да однесат победа.
Што по можната победа?
Истите тие анкети сугерираат дека победата на ВМРО-ДПМНЕ е речиси извесна. Ако така се задржи расположението на бирачите, најважното прашање е колку вмровски пратеници ќе има. Постојаното повикување на вмровското раководство граѓаните да им испорачаат 61 пратеници за да може да направат голем пресврт во земјава навестува дека пресметките покажуваат оти бројките не се блиску до оваа меѓа. Иако водството на ВМРО-ДПМНЕ е сигурно во последниве две години поддршката не успева да се крене повеќе од 20 отсто. Тоа значи дека партијата на некој начин како да го достигнала својот максимум. Затоа и во неколкуте изјави во последно време Мицкоски вели дека главната цел во наредните месеци е да отидат уште неколку процентни поени погоре. Кој би можел да каже дека тоа е лесна работа? Никој.
Затоа Христијан Мицкоски постојано се обѕрнува и лево и десно, и во албанскиот кампус, барајќи партнери кои би можеле да ја комплетираат фамозната бројка од 61. И оттаму дојде неговата изјава дека „во политиката никогаш не смеете да кажете никогаш“.
И за тоа тој е во право.
Во неодамнешното интервју на Канал 5 уредникот Гоце Михајлоски го праша: „Какви се шансите да направите коалиција со Левица ако ви недостигаат 5-6 пратеници?“ Одговорот беше повеќе загадочен отколку правоверно толкувачки:
„Во политиката никогаш не смеете да кажете никогаш. Но она во коешто јас сум сигурен во овој момент е дека денот по изборите зад ВМРО ќе застанат 61 пратеници. Вредностите ќе се стават на маса и се прави политички договор – дали ги делиме тие вредности, не ги делиме, некои вредности ќе доминираат, некои не, ќе исчезнат. Но тоа се прави после изборите“.
Првата асоцијација е дека тој отвора широки можности за постизборна коалиција со Левица. Но тоа изгледа поедноставено објаснување. Затоа што тоа „никогаш не вели никогаш“ многу лесно може да се однесува и на други потенцијални партнери. На пример, ДУИ. Иако во истото интервју Мицкоски рече: „Во ова раководство на ДУИ, кое е длабоко инволвирано во скандали, за коишто постои длабоко сомневање за криминал и корупција, ВМРО-ДПМНЕ не гледа можен коалициски партнер“.
„Никогаш“ не се однесува само на Левица
Но ако тоа „никогаш не вели никогаш“ повеќето го толкуваа како местење на столчињата за зајакнатата Левица, тоа сигурно не се однесува само за нив. Може да биде и Алијансата за Албанците, па во една прилично комплицирана ситуација и за голема коалиција со СДСМ. Во тие преговори Мицкоски ќе се откаже од одредени услови, како што рече, „некои од вредностите ќе останат на маса, некои не“.
Ако се раководи од максимата „во политиката никогаш не смеете да кажете никогаш“, тогаш како во исто време може да се брани ставот дека вмровските пратеници ни сега ни по изборите (како што рече Мицкоски) нема да гласаат за уставните измени „по бугарски диктат“. Или таа максима е наменета само за можното коалицирање, на пример, со Левица или ДУИ. Тогаш за него ќе се јави проблем поврзан со недоследноста.
Или, како што сега се соочува шокантниот победник на изборите во Холандија, крајниот десничар и антиисламски популист, Герт Вилдерс, да мора да го жртвува речиси целиот свој изборен манифест за да има шанси да направи влада. Па дури ни тоа да не биде доволно за да може да формира нова коалиција. Ќе бидат потребни повеќе од зборови за да се убедат потенцијалните коалициски партнери. Она што ќе биде важно е колку од неговата платформа е подготвен да укине - и што ќе бараат другите партии за да владеат заедно со екстремно десничарскиот полемичар и провокатор.
Бидејќи сега изгледа како претпоставен победник и претпоставен премиер интересно ќе биде што би можел Мицкоски да жртвува од изборниот манифест во коалициските преговори. Тврдиот став за уставните промени? Затоа што во политиката не треба да се кажува „никогаш“ или дел од идеолошкото пледоаје.
Во истото интервју Мицкоски неколку пати повторуваше дека „нема да бидеме дел од екстремите“ наведувајќи дека неговата партија припаѓа кон европскиот политички мејнстрим, централната десница. Во тој мејстрим е и централната левица. Ако не сака неговата партија да биде дел од екстремите, како тогаш амбивалентно одговара на можноста за коалиција со Левица, која е екстремно левичарска со крајно десничарска платформа.
Изгубениот наратив
Во разговорот Мицкоски даде една анализа што се случува во европската чадор групација каде што припаѓа ВМРО-ДПМНЕ – Европската народна партија (ЕПП) и како во многу држави нивните сестрински партии го загубиле наративот. А ВМРО-ДПМНЕ не го губи.
„Гледате што се случува со Европската народна партија, нашата сестринска партија. Тоа особено го покажаа последните избори во Холандија. Еден катастрофален резултат, историски минимум (Христијанско-демократскиот апел, партија членка на ЕПП освои само пет места, 10 помалку од претходните избори – н.з.). А тоа е, претпоставувам, што во некои држави нашите сестрински партии ја изгубија пораката, го изгубија својот идентитет и премногу дружење со партии кои се лево од центарот. Кога го губите идентитетот имате сериозен проблем. Еве, тоа се случуваше во Германија. Долго време функционираше владата на ЦДУ и СДП. Луѓето коишто се разочарани од политиките на ЦДУ, бидејќи полека на некој начин го губи идентитетот, ја формираа Алтернатива за Германија (АфД) во знак на пркос и револт. Исто е и во Австрија. Тоа значи дека во политиката не смеете да го загубите својот идентитет. Тоа не значи да сте дел од овие екстреми. Лево и десно од центарот се мејнстрим политички опции. Но морате да имате јасна порака и идентитет ако сакате да бидете фактор кај гласачите.
Ако вашите пораки се континуирано осцилаторни тогаш не гледам како можете да го задржите сето ова“.
Оваа анализа како да е порака дека Мицкоски или сака да го менува наративот во ЕПП или сака неговата партија да си оди од оваа групација. Како што тоа го направи Фидес на Виктор Орбан. Ако за партијата со која ВМРО-ДПМНЕ сака да се идентификува, германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) овдешниот десничарски лидер вели дека го загубила идентитетот и наративот, нешто не е во ред, има некаков проблем. И особено што лидерот на ЕПП, Германецот Манфред Вебер е член на баварската ЦСУ, со која ВМРО-ДПМНЕ е во исклучително блиски односи. А Вебер е под удар од повеќе страни во ЕПП затоа што сака да ја отвори групацијата за соработка со екстремните десничарски партии, како Вокс во Шпанија, Браќа на Италија, Шведски демократи...
Да, во право е Христијан Мицкоски, дека со вакво политичко кокетирање се губи наративот, па дури и идентитетот. Но како тоа може да биде во согласност со неговиот став дека „во политиката никогаш не смеете да кажете никогаш“. Изгледа дека може, кога е потребно да се дојде на власт. Само „кваката 22“ е во тоа што во обидот да ги нормализирате екстремите, тогаш екстремната десница (или лажната левица) победува. Во случајот што го споменува Мицкоски, наследничката на холандскиот премиер Марк Руте во неговата партија во кампањата ја отвори вратата за можна коалиција со Герт Вилдерс и тоа помогна во неговата нормализација и триумфот на изборите. Со отворањето на можноста за можна постиборна коалиција со Левица Христијан Мицкоски го отвори процесот за нејзина нормализација. И позначаен успех на изборите. А потоа можеби ќе се чуди дали некаде по патот неговата партија го загуби наративот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.