1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски ги виде отворените врати на Европа

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
16 август 2022

Најголемиот „сојузник“ и поддржувач на ВМРО ДПМНЕ и на Мицкоски во оддржување на тензиите до изборите, верувале или не, стана бугарската политика на провокации. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4FZHu
Ерол Ризаов, автор на колумната
Ерол Ризаов, автор на колумнатаФотографија: privat

Не можам да ви опишам какво олеснување ме спопадна кога ја слушнав веста на годината: „Мицкоски се врати од одмор.“ Ваау, подрипнав од радост како да ми јавиле дека сум негативен на тестот од разни вируси и микроби.

Веќе бев загрижен дека почнувам да се бугаризирам. Тоа го открив сосема случајно гледајќи ја БНТ, (Бугарската национална телевизија), замислете, не сум знаел дека знам бугарски јазик. Само до пред десетина дена разбирав по некој збор од секоја посложена реченица. Како отиде Мицкоски на одмор не само што почнав да разбирам бугарски, туку и да потпевнувам. Си го гризнав јазикот, што ти е асимилација. Ти влегува во соба и ти ја вади душата со памук без да сетиш. Се разбира, ако немаш доволно патриотски капацитет. 

Го нема спасителот и готово. Стануваш Бугарин.

Фала му на Бога, имало спасение грешним, Мицко се врати и веднаш се фати на работа. Нема промена на Уставот додека е тој претседател на ВМРО ДПМНЕ. Сите остануваме тоа што сме за навек. А, како и не би кога ја стави својата глава на олтарот на државата. Рече, ако се изгласа во Собранието Бугарите да влезат во Уставот, тој заминува засекогаш од политиката. Која храброст и саможртва, каков патриотизам. Херојство од највисок ранг, рамносилно на најсветите јунаштва на саможртвување опеани од народот. Подобро политички мртов, отколку жив да се предаде на непријателот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицковскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Руски рулет со ќор фишеци

Само пред месец дена го осуети планот за негова физичка ликвидација, а еве сега во својот најголем подем кога е пред најголемата изборна победа во историјата на ВМРО ДПМНЕ ја става кариерата како на руски рулет, ама без ниту еден куршум во буренцето од револверот. Поголем ќор-фишек немало во историјата на македонскиот народ.

Лесно му беше на Зоран Заев да се закани со оставка и повлекување од политиката на изгубени локални избори, ако го загуби и Скопје во вториот круг. Ова е нешто сосема друго. Ова не е закана, туку само потсетување до 44 пратеници на револуционерната партија од нивниот лидер, кој има огромна доверба во нив, случајно да не  тргнат по погрешниот  пат на предавниците како што се случи по Преспанскиот договор кога се изгласаа уставни промени.

Повеќе од авторот: Не се кријте зад народот

Не се доволни само нотарските оставки, или можеби некој не потпишал, или пак немаат правна валидност за вакви случаи. Вака најавата на оставка на лидерот може да предизвика сенародна длабока загриженост да не почне непречено бугаризацијата и асимилацијата.

Остана неразјаснета само дилемата дали барањето за референдум ќе го поднесат до Собранието сите 44 пратеници, или ќе се оди на собирање 150 илјади потписи. Треба да бидеме спокојни и тоа многу бргу ќе биде решено. Мислам дека ако нема законски пречки, големата дилема најдобро е да се реши на елегантен и најсигурен начин што ќе се применат и двете можности, оти предавниците можат да смислат некоја ујдурма. Па така што е сигурно, сигурно е. И 44 потписи на пратениците и 150 илјади потписи на граѓаните.

И конечно, зошто само 150 илјади кога можат да се соберат и 300 и 400 илјади потписи, па и повеќе. Нема потреба од ограничувања ако е во прашање повлекувањето од политиката на спасителот на националните и државни интереси. Тоа би било полн погодок оти за ова не се виновни само Бугарите, уште помалку ЕУ, туку се работи за дебакл на катастрофалната политика на предавничката коалициона влада, нокдаун на дипломатијата.

Дури и да не успее референдумот како што беше случај со Преспанскиот договор кога речиси 650 илјади луѓе гласаа „за“, а само 20 илјади „против“, што е далеку од потребните над 800 илјади гласови излезност за успешен референдум. Во овој случај, таков резултат со 600 илјади чисто македонски гласови би бил одличен капитал  за парламентарните избори кога и да се одржат. Каков референдум, тој е смислен само Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ успешно да ја одржуваат тензијата за опасноста од бугаризација и асимилација на македонскиот народ, што засега добро им оди со извонредна помош на бугарските провокации. 

Вистинската адреса на нашите неуспеси

Единствената значајна промена во јавниот настап на Мицкоски по годишниот одмор и длабокото размислување е неговиот однос кон ЕУ. По 17 годишното сатанизирање на Европа, која само што не се распаднала и нејзината катастрофална политика кон Македонија, мислам на 11 години во ерата на груевизмот и шест години на нелегитимната и предавничка власт, сега Мицкоски има полна уста пофалби за ЕУ кога вели Запад нема никаква вина за ова што сега ни се случува. Целата вина е кај нашата неспособна и корумпирана власт. 

Повеќе од авторот: Спасоносното решение на академик Коцарев

Одлично кажано, конечно и Мицкоски ја откри вистинска адреса на сите наши неуспеси. Тоа неспорно е неспособната и корумпирана власт која нема слух за страдањата на народот и за заложбите на конструктивната опозиција. Сега треба само да пресмета колку време ВМРО ДПМНЕ била на власт и патриотска конструктивна опозиција и која историска одлука ја има донесено што е од стратегиски интерес на Македонија. Не паметам ниту една. 

Му доаѓа некако пата-пата резултат и на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, двете некаде по 16 години, и кога управувале со Македонија и кога биле во опозиција. Ќе му треба на Мицкоски година - две да оди на одмор за да смисли стратегија, не против  асимилација и бугаризација на македонскиот народ, оти тоа не може да се случи додека имаме држава, туку како Македонија да стаса до целта која почнува да ја проповеда многу погласно и појасно и притоа да не направи ниту една отстапка бидејќи такво нешто никој не барал од нас, туку власта ги распродала националните интереси. 

Како поинаку да се сфати трансформацијата на Мицкоски  наеднаш откривајќи како што изрецитира ѓоа прваче што научило нова песна: „Европа има чесни намери, ги отворила вратите за Македонија, јас верувам во тие чесни намери, но знам кој има нечесни намери – владата во Софија и оваа наша некредибилна и корумпирана власт, а единствената цел е асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација. Тоа не е европеизација".

Аууу какво салто смислено во Котор кога наизменично од разни страни, час од север, час од југ, а многу веројатно и од исток и од запад дува пријатниот морски маестрал. Тогаш доаѓаат музите да шепнат многу идеи и да се видат отворените врати на Европа кои до вчера беа затворени. Само пред еден месец, пратениците на ВМРО ДПМНЕ во Собранието на Македонија ѝ покажаа на дело на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен колку се нечесни намерите на ВМРО. Такво однесување во Собранието кон највисокиот претставник на ЕУ ќе влезе во аналите на најсрамните настани во законодавниот дом на државата. Во таа богата збирка на невиден примитивизам и простаклук, оваа брука зазема високо место. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за време на говорот пред македонските пратеници на 14 јули 2022
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за време на говорот пред македонските пратеници на 14 јули 2022Фотографија: Petr Stojanovski

Најголемиот „сојузник“ и поддржувач на ВМРО ДПМНЕ и на Мицкоски во оддржување на тензиите до изборите, верувале или не, стана бугарската политика на провокации. Колку повеќе провокации, толку повеќе расте рејтингот на ВМРО ДПМНЕ. Отворањето на таканаречените културни клубови, здруженија и фондации за 3.500 македонски Бугари, колку што ги има на последниот попис, со имињата на Ванчо Михајлов и на цар Борис Трети- личности тесно поврзани со нацизмот и  геноцидот врз македонските Евреи и со најавите за нови здруженија и слични провокации со директен патернализам и финансиска штедра поддршка на Бугарија е во суштина подмолна доктрина на раздор во Македонија. Со цел, не само да не дојде до промена на Уставот во кој Бугарите ќе бидат малцинство како дел од бугарскиот народ во Македонија, туку воопшто да не дојде до почеток на преговорите со ЕУ.

Чудовишната лага за државен антисемитизам

Тоа арогантно иритирање на јавноста се преточи со невидена досега партиска пропаганда со обвинувања за антисемитизам како државна политика. Чудовишна лага. Нешто што никогаш не било присутно во Македонија, во ниту еден облик откако Евреите се населени на просторот на денешна Македонија и на целата Османлиска империја по 1492 година. Се до Втората светска војна кога бугарскиот окупатор изврши депортација во логорот на смртта Треблинка на над 7.000 македонски Евреи. 

Повеќе од авторот: Францускиот предлог и македонското чистилиште на идентитетот

Со застрашувачка леснотија денес се обвинува за антисемитизам за партиски цели со што се нанесува непроценлива штета на државата и на граѓаните на мирољубива Македонија.

Точно е дека има законски недоречености и празнини при регистрацијата на имињата на здруженија на македонските Бугари кои очигледно се избрани со цел да се извршат провокации. Тоа секако налага брза промена на законот, а најмалку треба да бидат повод за обвинувања за државен антисемитизам. 

Изградбата на импозантниот музеј за егзодусот на Евреите во Скопје, а уште повеќе колективното паметење на добриот соживот со Евреите не може да се избрише со дневно политички провокации. Во Македонија тие спомени се негуваат како опомена никогаш да не се повтори. Тоа светот добро го знае, а науката го има прецизно документирано.

За жал, сите повици и апели за мудрост во одбрана на државните интереси и остварување на стратегиските цели на Македонија и нејзините граѓани се банализираат со ужасните провокации кои и во двете соседни земји влегуваат во опасната зона на предизборни кампањи со се поголема изгледност кој ќе  го извлече подебелиот крај. Не знам што ќе прават победниците  потпрени на оваа доктрина. Таа „победа“ лесно може да прерасне во најголемиот пораз на Македонија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.