1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курти и Мицкоски ја смирија топката и најавија соработка

ДТЗ
5 август 2024

Инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи, нема да ги наруши дипломатските односи. Христијан Мицкоски и Албин Курти очекуваат односите меѓу двете земји да добијат нов импулс.

https://p.dw.com/p/4j7gP
Северна Македонија Христијан Мицкоски и Албин Курти
Христијан Мицкоски и Албин Курти најавија зајакната соработка во иднинаФотографија: Government of North Macedonia

Инцидентот на скопскиот аеродром, поврзан со косовската претседателка Вјоса Османи нема да ги наруши дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Косово. Напротив, премиерите на двете земји - Христијан Мицкоски и Албин Курти денеска (05.08) во Скопје порачаа дека очекуваат односите да добијат нов импулс во иднина.

„Да оставиме да се обелодени целата ситуација. Јас сум голем оптимист за иднината“, рече Курти на прес-конференција во Владата. Мицкоски отиде чекор понатаму - тој изрази жалење за инцидентот и се понуди следниот пат кога Вјоса Османи ќе допатува, тој лично да ѝ биде домаќин и да ја придружува до моментот додека таа не го напушти скопскиот аеродром. 

Христијан Мицкоски
„Жалиме што се случи овој настан и што не е прв, туку трет“, порача МицкоскиФотографија: Government of North Macedonia

Двонасочна улица

Мицкоски вели на средбата со делегацијата од Косово посочил дека на аеродромот на ТАВ има меѓународни стандарди кои се применуваат на сите ВИП личности од земјата. Но, тој на колегите од Косово им изрази жалење за настанот, додавајќи дека претседателката од Косово е добредојдена во земјата, како и граѓаните на Косово.

„Следниот пат, лично ќе ми биде задоволство да ја пречекам како домаќин на аеродромот и да ја придржувам додека не замине од Скопје, за да се избегнат ваков тип на инциденти“, рече Мицкоски. Тој оцени дека „добрососедските односи се двонасочна улица“. „Сакаме со Косово да имаме исклучително плодни и искрени добрососедски односи и како влада ќе стоиме зад овој принцип“, додаде премиерот. 

Курти оцени дека двете делегации имале отворена и искрена средба во Скопје. Најави дека ќе работат на зајакнување на соработката, која ќе се базира на доверба и изрази поддршка за процесот на евроинтеграција. Курти очекува зајакнување на соработката во рамките на Берлинскиот процес, како и зголемена трговска размена меѓу двете земји.  

На средбата станало збор и за постапките за екстрадиција меѓу двете земји, откако Северна Македонија деновиве го обнови барањето за испорака во земјата за двајца бегалци осудени во случајот „Монструм“. 

Албин Курти, Христијан Мицкоски
Курти оцени дека двете делегации имале отворена и искрена средба во СкопјеФотографија: Government of North Macedonia

Трет инцидет по ред

Инцидентот се случи на 1 август, кога полицијата информираше дека додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, поминувала на гранична контрола на Меѓународниот аеродром „Скопје“, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер. Опозицијата бараше да се открие вистината што се крие зад инцидентот, откако во јавноста се појавија неколку верзии за случувањата, во коишто се наведува дека бил вклучен и полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Косово го окарактеризира настанот како „дипломатски скандал“, а членови на ДУИ јавно упатија извинување до Вјоса Османи. 

„Има надлежни институции кои ќе го расветлат случајот - ако утврдат дека член на обезбедувањето на Африм Гаши го прекршил законот ќе биде изведен пред лицето на правдата. Не постојат луѓе што ќе бидат над законот“, вели Мицкоски. 

Пријава и отстранување од работното место

Во меѓувреме полицијата информираше дека е поднесена кривична пријава и е започната дисциплинска постапка против началник на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието поради загрозување на сигурноста и спречување службено лице во вршење службено дејствие. Тој на 1 август на Меѓународен Аеродром Скопје, на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од аеродромот му се заканувал. 

Ова не е прв инцидент којшто се случил на скопскиот аеродром. Мицкоски вели дека претходните инциденти се случиле на 16 септември и 9 октомври 2023 година. 

„Разликата меѓу овој случај и претходните два случаи, кои исто така се случиле на скопскиот аеродром, е што сега има јавност оваа влада е транспаретна и отворена, Но, има и политичари кои се обидуваат да спечалат ситни политички поени и сакаат да влијаат негативно на односите меѓу двете влади. Но, нема да успеат“, вели Мицкоски.

Коментирајќи ја изјавата на Али Ахмети дека се „црвенее од срам“ поради инцидентот на скопскиот аеродром, Мицкоски прашува дали овие политичари се црвенееле кога се случиле и претходните два инциценти, додека ДУИ биле на власт.

„Жалиме што се случи овој настан и што не е прв, туку трет“, порача Мицкоски.