1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски, последниот претседателски кандидат

11 април 2024

Христијан Мицкоски сака да се наметне како предвесник на новото, но сѐ повеќе наликува на АлиЕкспрес-имитација на Вучиќ и конечно – во очајнички миг – на агент на статус-квото. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/4ee1Q
Од првиот изборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред седиштето на македонската влада во Скопје: во преден план лидерот на партијата Христијан Мицкоски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова
Од првиот изборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред седиштето на македонската влада во Скопје: во преден план лидерот на партијата Христијан Мицкоски и кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседателка на државата, Гордана Силјановска-ДавковаФотографија: Boris Georgievski/DW

„Ти беше против референдумот (за промена на името). Зошто сега си против ВМРО-ДПМНЕ?”, извикна мојот соговорник среде жестоката предизборна дебата. Очигледно, неговата збунетост се засноваше врз мојот критички став околу референдумот од 2018 година и дистанцата „Не во мое име”. Како и врз обзнанените ставови околу денешните политики на групацијата околу Христијан Мицкоски под кратенката ВМРО-ДПМНЕ. Во двата примера аргументот се базира врз претпоставки, и затоа е солидна причина за осврт.

Критичкиот став околу референдумот, колку и да беше предуслов за зачленување во НАТО, беше обврзувачки принципелен чин на несогласување со начинот на кој името на земјата беше сменето. Вклучително и чуствителностите на добар дел од граѓаните, претежно но не исклучиво етнички Македонци. Што впрочем и се потврди и низ самите резултати, поточно бојкотот од граѓаните од сите етнички заедници. Тој морален чин, барем од страна на Албанците, не беше поради апелите на ВМРО-ДПМНЕ, ниту поради аргументите на СДСМ-ДУИ, туку како демонстрација на принципиелност во однос на задирањето во идентитетските чувства поврзани со земјата или етникумот.

Непринципиелно, но сепак нормално беше да ВМРО-ДПМНЕ таквиот став го присвои како сопствена заслуга и потврда на партиските им ставови. Иако во реалноста, резервата и одбивноста најмалку беше поврзана со нив како партија и апсолутно повеќе поради солидарноста надвор од партиските параметри. Токму денешните ставови поврзани со прашањето околу Уставните измени не се диктирани од (не)убедливоста на аргументите на ВМРО-ДПМНЕ, чувството на загрозеност од етничките Македонци, туку од одбивањето да се земе учество во очигледна, дрска и лажна хистерија диктирана од оваа тнр. ВМРО-ДПМНЕ групација. Затоа, обидите на оваа групација да се наметне некакво чувство на вина, претстава за „предавство” или пак оптужба за „заговорно соучесништво” не само што не минуваат кај Албанците, туку е извесно дека не наоѓаат плодна почва ниту кај самите Македонци. Бидејќи, кога аргументот е солиден сам по себе и очигледен, никој не може да ги убеди да гласааат спротивно на слободната волја. И обратно, кога пропагандите се толку провидни, цинични, злонамерни и лажливи, никаков обид за виктимизација и сатанизација не можат да вродат со плод.

Симнување од халуциногените облаци

Последната епизода со бруталниот демант и грубото симнување од халуциногените облаци со кој Оливер Вархеји ги тресна од земја и Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска, не само што ги ничкоса сите лафења за „ништење договори, креативни решенија” туку и ја разоткри слабашноста и кукавиччукот на таа групација. Одненадеж, раскокоданите опоненти и реставратори на договорите со Бугарија и Грција замолкнаа, кукавички неспремни да барем со збор, два, реченициа една му опонираат на Комесарот на Орбан за проширување. Ех, да беше некој Французин, Германец, Австриец, би летеле пердуви за „колонијални диктати”, за уцени, за фашизам, би ечеле цитати за Ниче, за Марузе, за Фојербах од правната професорка. Но вака, кажано од Вархеји и пренесено од Орбан, славниот непокор на Мицкоски и галамата на Силјановска издишаа како балон врз игла.

Во тој акт на молк се разоткри вистинската природа на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска. Кои, барем во моите очи, искрснаа као македонска верзија на Алијансата за Албанците и македонска верзија на Зијадин Села. Неоптеретени од доминацијата на грант-медиуми и реклама-телевизии, Албанците далеку полесно и похрабро ја увидоа дволичната природа на Зијадин Села и шупливоста на АА. За разлика од Македонците, особено подржувачите на навиката наречена ВМРО-ДПМНЕ, кои не сакаа, немаа храброст или немаа увид во препознавањето на превртливостите, неконзистентностите и непринципиелностите на Мицкоски-Силјановска. А сличностите се неумоливи.

Мицкоски и Силјановска, идентично како Зијадин Села и Кренар Лога имаат двоен симптом на куса меморија и накнадна памет. Ехото на бомбите на Заев за ДУИ и Ахмети сеуште ечеше низ етерот, кога Зијадин седна со Ахмети а Мицкоски се упати на средба со него во Мала Речица. Лидерот на Алијансата низ царски резови мачни се делеше од Мендун Тачи, за да заврши со Мендух Тачи, идентично како што Мицкоски „черешна ВМРО од Груевски ја двоеше” за да на крај со черешната Груевски се прекалемеше. Зијадин Села во Арбен Таравари се колнеше ни помалку ни повеќе отколку што Мискоски вљубено во Данела Арсовска се надеваше. Мицкоски во ВМРО-ДПМНЕ се колне сразмерно на бројот на автентични ВМРО-овци кои во Силјановска препознаваат бласфемија и ерес, подеднакво како што Арбен Џафери е последната вербална акробатика на Зијадин Села за зачувување на било што од некогашната ДПА. Зијадин е многу разочаран од македонските националисти на ВМРО-ДПМНЕ исклучиво, подеднакво како што Мицкоски во ДУИ гледа се што во ВЛЕН не смее да го види. Море ни посонува.

Зијадин Села (архивска фотографија)
Зијадин Села (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Може да се наредат уште многу паралалени сличности помеѓу Зијадин и Христијан, но најбитната допирна точка е нивната улога во современата политика. Онаа дека станува збор за играчи од трет ранг, имитатори на туѓи авторитети и буреконосачи на поранешните лидери, на кои сега им дојдоа петте минути слава и нешто подолгите часови на резил. Но дури и како такви, тие се природни експоненти на политичката еволуција во нивните партии сепаратано и политичката ни сцена генерално. Бидејќи, доколку Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери беа несовршени авторитети, а Никола Груевски и Мендух Тачи совршени демагошки автократи, логично е да третата генерација на Мицкоски и Села бидат соврешени демагошки имитатори и јавачи на последниот бран на банкарскиот патриотизам. Тиа обајцата, со се нивните тнр. партии, се жив доказ и витална потврда на вистината дека историјата се повторува, како пародија. 

Театрални гримаси и даскалско-комитски позирања

Трагедијата на овие два лика би била лесно поднослива, донекаде и релативно исплатива, доколку беше комедија. Но фактот што толку тешко се справуваат со мизериите на Ковачевски или Ахмети, си ги мерат топузите со Левица или Влен, само ја разоткрива нивната природа на патрдија која ја зрачат и безуспешно покриваат со театрални гласови и гримаси (Села) или даскалско-комитски позирања. Кои врват единствено низ оваа наша идувно-гасна „јавност”, но што поминат до Приштина или Софија, им следува мизерно понижување и безмилосно разоткривање дека – обајцата се пиштол голи.

Каква реформа, каква новотарија, која црна иднина може да се очекува од лидер кому еден единствен новинар како Фуркан Салиу му ја разоткри порозноста на повторувачката стратегија на Протуѓер за фингирање популарност и „бустање” рејтинг од ветер и магла? И притоа преку скандалозниот министер за внатрешни ја стави на увид пред општеството бедата и мизеријата на паролите за „експертски, образовани, подготвени” кадри на ова тнр. ВМРО-ДПМНЕ? Колку пари и уцени се потребни и неопходни да Мицкоски уште ден, два ги сокрие од граѓаните црните вести за црни  хациенди, бесни станови, „предавнички” бизниси во Бугарија на големите патриотски кандидати за пратеници? Се прашува ли Мицкоски зошто „јавноста” ги одмолчува сите ново-докажани скандали за Николовски, Јанушев? И колку по 8 мај таквите „молчења” ќе прераснат во големи скандали?

Христијан Мицкоски (лево) и Гордана Силјановска-Давкова
Христијан Мицкоски (лево) и Гордана Силјановска-ДавковаФотографија: Boris Georgievski/DW

Мицкоски сега, а Зијадин многу порано, се карактерични по нивната природа како први претенденти за највисоки позиции од кои никој не очекува ништо, никаква реформа. Самите се наметнаа како „најниски именители против Ахмети или Ковачевски”, па затоа немаат зошто да се жалат што и покрај сите криминали без-преседан на СДСМ и ДУИ, сепак сеуште мака мачат во обезбедување цврста подршка од општеството или барем солидно цементирана лидерска позиција во партијата. Дури и кусотрајното премиерство на Бучковски, напливот на Груевски, доаѓањето на Заев па заклучно со Ковачевски носеше со себе некаква надеж или барем привид за можни, некакви де промени кон подобро. Мицкоски сака да се наметне како предвесник на новото, но се повеќе наликува на АлиЕкспрес-имитација на Вучиќ и конечно – во очајнички миг – на агент на статус-квото. Олицетворено низ Гордана Силјановска, единствената елитистка во комичната „антиелитистичка” паролашка понуда на Мицкоски.

Некни слушнав дека предизборната трибина со претседателски кандидати наликува на созреани скојевци и скојевки од пионерскиот клуб на Бранко Црвенковски. Вистина, Силјановска, Димитриевски, Пендаровски, Јакимовски, Ванковска се различни по се, сем по полит-идентитетската папочна поврзаност со лабораториската генеза на бранковизмот од деведесетите. Можеби одлуката на Мицкоски директно да учествува на митинзите за спас на Силјановска, само ја надополнува алката во папочниот синџир кој го поврзува со патријархот на сите наши, а негови, кандидати за престедатели. Ионака избрани според способноста да не се мешаат во сопствената работа.   

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач