1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: И јавните претпријатија на регулираниот пазар

29 септември 2022

Ако власта ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се заштедат 300 милиони евра, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Одлуките што ги презентираше Ковачевски, ги оцени како штури и делумно ископирани

https://p.dw.com/p/4HUzC
Енергетската криза во фокусот на македонската политика
Енергетската криза во фокусот на македонската политикаФотографија: picture-alliance/dpa

Парно за скопјани ќе има - донесена е одлука за почнување на постапка за издавање на лиценца на ЕСМ за производство на топлинска енергија од регулиран пазар. Со 80% е субвенционирана сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти (со годишен промет до 2 милиони евра) ќе добијат субвенционирана  електрична енергија  која е три пати пониска од берзанската. На регулиран пазар ќе бидат основните и средни училишта, а и сите јавни и здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија со поповолна цена од берзанската.

Ова беа одлуките донесени на синоќешниот Економско-енергетски совет, кои на вонредна прес-конференција ги соопшти премиерот Ковачевски. Одлуките беа донесени истиот ден, откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средба со Сојузот на стопански комори рече дека ги нуди сите контакти со кои располагаат тој и партијата, за да се обезбедат ресурси со кои ќе се произведува електрична енергија, по цена која ќе биде најмалку двојно поевтина од берзанската. Второ, најави дека до Собранието ќе поднесат предлог за измена на Законот за енергетика, со кој ќе побараат сите претпријатија што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги и водостопанството, но и објектите во образованието и во јавното здравство да бидат вратени на регулираниот пазар, односно да плаќаат по цени како домаќинствата.

„Жалиме што Ковачевски не смогна сили да се надмине себеси и не ја прифати понуда на Мицкоски за поевтина струја за половина од актуелната цена и да го обезбеди бизнис секторот заштитувајќи го  стандардот на граѓаните  и зачувувањето на работни места“, искоментираа од ВМРО-ДПМНЕ по синоќешната прес-конференција на Ковачевски.

ДВ побара оценка од партискиот лидер Христијан Мицкоски за одлуките на Економско-енергетскиот совет.

„Што се однесува до вонредната прес конференција на Ковачевски, добро е што тој се потрудил и ги изанализирал мерките кои утрината ги предложивме за стопанството. Тоа го поздравуваме и веруваме дека причината за таканаречена вонредна прес конференција не се штурите и делумно ископирани мерки кои ги видовме синоќа, туку целосната понуда и прецизен план што го дадовме вчераутро. Добро е што го прифати предлогот здравствените установи и школите да влезат на регулираниот пазар на струја, но истото треба да се случи и со јавните претпријатија, каде се вработени над десетина илјади граѓани и каде десеткратно повеќе луѓе од тоа, ги користат услугите што тие ги обезбедуваат“, вели Мицкоски.

Христијан Мицкоски нуди идеи за полесно пребродување на енергетската криза
Христијан Мицкоски нуди идеи за полесно пребродување на енергетската кризаФотографија: DW/B. Georgievski

Без конкретни податоци

Во однос на  централното парно греење за скопјани,  Ковачевски образложи дека според законите за енергетика и за управување со кризи - ќе се изврши преземање на топланите, со плаќање на сите надоместоци на сопствениот кои следуваат во такви услови. А со оглед дека сопственикот „Адора“ инсистира за продажба на топланите, премиерот посочи дека за тоа е потребна постапка и време.

„ЕСМ е акционерско друштво во државна сопственост и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување на одреден објект согласно со закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување договор и преземање на сопственоста“, рече Ковачевски.

И додека Владата два дена претходно донесе одлука за одобрување 1,1 милијарда денари на АД „Електрани на Северна Македонија“ за набавка на енергенси пред почетокот на грејната сезона, во однос на другите одлуки не беа презентирани податоци за цените, односно како ќе се обезбеди субвенционирана струја за субјектите кои ќе бидат вратени на регулираниот пазар.

Мицкоски, со конкретни пресметки за ДВ објасни како може да се дојде до цени за струја двојно пониски од берзанските.

„Со нашите позиции што сме ги стекнале во Европа, без разлика дали се тоа луѓе од бизнисот или од политиката, а имајќи ја предвид индикативната цена на мазутот, плус факторингот кој што го пресметавме, таа нема да надмине 200 евра за мегават час, во зависност од тоа дали ќе се работи со една, со две турбини и ќе се движи од 150 до 195 евра за мегават час. Ние велиме дека тука ќе има отприлика 783 илјади мегават часови или некаде блиску 0,8 терават часови, кои што се сосема доволни за бизнисот да опстои, да ја помине оваа есен и да ја помине зимата. Доколку власта ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ќе успеат да заштедат 300 милиони евра пари на граѓаните, а и корисниците на БЕГ нема да плаќаат повисока цена за затоплување“, објаснува Мицкоски.

Според него целта е е да се овозможи сите производни капацитети во Македонија во оваа кондиција да можат да работат, бидејќи Владата тврди дека има доволно јаглен.

„Владата вели дека ќе работат трите блока во Битола, дека ќе работи Осломеј, дека хидропотенцијалот е на завидно ниво и во добра кондиција. Остануваат уште како производни капацитети термоцентралата во Неготино и термоелектраната - топлана во Скопје, ТЕ-ТО. Од друга страна, гледаме дека бизнисот постепено, но сигурно оди во пропаст, голем дел од комбинатите затвораат поради големите цени на енергенсите, не се рентабилни, голем број наши сограѓани остануваат без своите работни места или ќе останат без своите работни места. Ќе потсетиме дека бизнисот вработува некаде околу 680 илјади наши сограѓани“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „она што загрижува - е слабиот капацитет на реализација што го има Владата“.

Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа, порача премиерот Димитар Ковачевски
Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа, порача премиерот Димитар Ковачевски Фотографија: Government of North Macedonia

Време за штедење

Денеска на дневен ред на Собранието се пратенички прашања, но премиерот изрази очекување предност да добијат законите поврзани со енерегетската криза.

„Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа. Сега е време на штедење и штедиме за да имаме електрична енергија. Сакам да им укажам на Собранието и на пратениците од сите политичките партии - да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните, и пред започнувањето на седницата да ги изгласаат Законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, одобрени за справување со енергетска криза на Република Северна Македонија по исклучителна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и за усвојување на кризна состојба. Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ова е само прв сет на одлуки на Економско-енергетскиот совет“, рече Ковачевски, и најави дополнителни мерки за поддршка на ранливите категории граѓани.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште вчера највија дека во интерес на граѓаните ќе го поддржат предлогот за продолжување на  кризната состојба  со топлинска и со електрична енергија.