1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Миграција во Германија-стручна сила наместо баратели на азил

11 јануари 2024

Повеќе протерувања, побрзо одлучување за азил, ваучери наместо пари- Германија во 2024. треба да стане помалку атрактивна за азиланти. Истовремено се олеснува доселувањето на стручна работна сила.

https://p.dw.com/p/4b7Va
Гранични контроли на границата меѓу Германија и Полска
Гранични контроли на автопатиштата на границата меѓу Германија и ПолскаФотографија: Frank Hammerschmidt/dpa/picture alliance

„Закон за подобрување на депортацијата"

„Конечно мора да почнеме на големо да ги протеруваме лицата кои немаат право да останат во Германија", рече канцеларот Олаф Шолц во интервју со неделникот „Шпигел“ и со тоа го наштима тонот за годинава. Точно 7861 лице според податоците на сојузната влада биле протерани во првата половина од 2023. година од Германија. Бројката треба во иднина да се зголеми со помош на т.н.  Закон за подобрување на протерувањата,  според кои тие во иднина нема веќе да бидат најавувани, а максималниот рок во кој едно лице може да се држи затворено заради враќање во земјата од кое е дојдено, се зголемува од десет на 28 дена. Полицијата според плановите на министерката Ненси Фезер ќе смее да влегува и во други простории од групните прифатни центри, односно лицата да ги бара и во просторот за живот на останатите станари. Мерки како построги казни за криумчарите, анализа на мобилни телефони и можноста за протерување на осомничени членови на криминални групи, дури и кога уште не сториле казниви дела, се исто така содржани во  новиот закон.  „Криминалци и луѓе кои се закана за безбедноста подоследно и побрзо ќе бидат протерувани", порача министерката.

Гласањето за пакетот закони во декември беше симнато од дневниот ред затоа што Зелените изразија желби за измени. Нов термин за гласањето е јануари за да може пакетот најдоцна во април да стапи на сила.

Повеќе договори за миграција

Грузија, Молдавија, Кенија, Колумбија, Узбекистан и Киргистан – тоа се шесте земји со кои германскиот ополномоштеник Јоахим Штамп преговараше за склучување Договор за миграцијата. Со Грузија првиот договор беше потпишан уште кон средината на декември. Германија со тоа сака лица кои немаат право да останат во земјата да ги врати назад, а од друга страна да го поттикне легалното доселување на стручна работна сила за германскиот пазар на трудот. Освен тоа поголем број држави треба да бидат оценети како безбедни земји на потекло, како што се случи во ноември 2023 година со  Молдавија и Грузија.  Сојузната влада сака повторно да го заживее Договорот на ЕУ со Турција за прифаќање на мигрантите, кои во најголем дел потекнуваат од Сирија, Авганистан и Турција.

Побрза постапка за азил

26,6 месеци – толку долго според податоците на сојузната влада трае просечно една постапка за азил пред управните судови. Со тоа што пресудите ќе следат ист образец, треба да биде забрзана постапката и на пример за баратели од држави за кои квотата на признавање азил е помала од пет проценти, постапката треба да биде окончана за три месеца. Во сите други случаи  постапките за азил  по правило во иднина не треба да траат подолго од шест месеци.

Кратење на социјалната помош

До сега барателите на азил во тековните постапки по 18 месеца се стекнуваа со право на социјална помош која во иднина треба да биде намалена, односно лицата да ја добиваат двојно подолго, во период од 36 месеца, но понискиот износ. Освен тоа, јадењето во државните институции ќе биде одбивано од помошта.

Ваучери наместо пари

„Социјална картичка" – се вика картичката на  барателите на азил  во Хановер. Метрополата во Долна Саксонија е прва меѓу германските градови што на 8 декември го воведе системот за социјални услуги за да може средства за дневните потреби да се набавуваат без готовина. За да се избегнуваат дискриминации, картичката не се разликува од обичните банкарски картички. И во два округа во Тирингија се поделени веќе 160 картички за баратели на азил, со кои само таму може и да се плаќа. Сопственикот на картичката мора секој месец лично да се појави пред властите за да ја дополни картичката, во спротивно нема да има средства на неа. Независно од тоа, покраинските власти и натаму ги преземаат трошоците за сместување на бегалците. Сојузната и покраинските влади на тој начин сакаат да ги ограничат можностите барателите на азил да праќаат средства во нивните матични држави. „Минимум исти стандарди на сојузно ниво" треба покраините да изработат за картичките, Хамбург и Баварија го предводат процесот.

Картичката за Хамбург важи уште од 2 јануари 2024 година, во Баварија бегалците од пролетта 2024 нема да добиваат веќе речиси никакви средства во готово. Со тоа што со картичката „во најголема мера“ се заменуваат плаќања во готово, според заклучокот на кабинетот во Баварија треба да се „намали поттикот за мигрантите и да се сузбие финансирањето на криумчарите на луѓе“.

Сина карта за странска квалификувана работна сила во Германија
Сина карта за странска квалификувана работна сила во ГерманијаФотографија: Daniel Karmann/dpa/picture alliance

Закон за доселување на стручна работна сила

Од 18 ноември во Германија постепено стапи на сила закон кој на  странска стручна работна сила  и го олеснува доселувањето. Важен елемент е картата за шанси базирана на систем со бодување, кој гарантира едногодишна дозвола за престој, време во кое лицето може да бара работа. Предуслов се познавања на германскиот и англискиот јазик, професионално искуство и лична поврзаност со Германија. Странската работна сила во иднина мора да има примања од најмалку 43.800 евра годишно бруто, наместо 58.400 евра како до сега. Баратели на азил кои се дојдени пред 29. март 2023 и имаат соодветна квалификација и понуда за работа, може ако го повлечат барањето за азил да добијат едногодишен престој како стручна работна сила. Но, за тоа треба прво да ја напуштат земјата и од странство да аплицираат за работна виза.

„Сѐ е можно ако си упорен“

 

Кој во Германија доаѓа како  висококвалификувана работна сила  од земја која не е членка на ЕУ, во иднина покрај брачниот партнер и децата, може да си ги донесе и родителите и родителите на партнерот. Предуслов за ова е да биде обезбедена егзистенцијата за тие лица. Тие не може да бидат баратели на социјална помош.

Сина ЕУ- карта, партнерство за признавање, правилото за Западен Балкан

Постоечките правила за стручна, универзитетско образована, работна сила како Сината ЕУ-карта и натаму ќе важат и ќе бидат проширени. Листата за т.н. професии со тесни грла ќе биде зголемена. Ако до сега тука беа математика, информатика, природни науки и медицина, сега академски граѓани од трети земји може да ја добијат сината карта и како аптекари, воспитувачи или негуватели.

Ако има  договор за признавање на квалификациите меѓу работодавците во Германија и кандидатите во трети земји, стручните работници може од март 2024 година директно да дојдат и да работат во Германија, додека истовремено се одвива постапката за признавање на квалификацијата. Престојот може да биде продолжуван до максимум три години. Ако по кандидатот се доселуваат и животниот партнер и децата, стручниот работник мора да докаже дека ги заработува средствата, додека големината на станбениот простор сега веќе не игра таква улога.  Т.н. правило за Западен Балкан  за привлекување на работна сила од Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија веќе важи неограничено. Од јуни 2024 годишниот контингент ќе се удвои на 50 илјади лица.