Милков:Софија и Скопје нема заеднички да го чествуваат 4 мај
27 април 2023Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, вели дека нема да има заедничко чествување со Северна Македонија нагодишнината од смртта на Гоце Делчев на 4 мај.Тој очекува дека оние кои ќе сакаат да го посетат гробот на Гоце Делчев во Скопје би можеле да се соочат со истите проблеми како во февруари, кога се одбележуваше роденденот на војводата.
„Ќе организираме прослави во Бугарија за Гоце Делчев, затоа што во оваа фаза не мислиме да има општи прослави. Нема да правиме со нив таму, бидејќи минатиот пат немаше…Се надеваме дека амбасадорот на Северна Македонија ќе присуствува на чествувањата во Бугарија, а бугарските граѓани кои сакаат да одат, не можеме да ги предупредиме да не одат, но мора да знаат дека може да наидат на пречки“, вели шефот на бугарската дипломатија во изјава која што ја пренесува БНР.
Ваквите најави на Милков следат откако на 4 феваруари во Скопје во тензична атмосфера и со засилени полициски контроли беше одбележана 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Пристап до црквата „Свети Спас“, беше строго ограничен, по најавите за непосакувани сценарија на денот на прославата, можни инциденти и провокации.
Настанот од висок ризик го крена на нозе државниот врв, кој го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки за да се избегнат „црни“ сценарија. Полицијата со денови „стражареше“ во близина на црквата Свети Спас, а зајакната беше и контролата на граничниот премин со Бугарија. Софија реагираше дека голем број нивни граѓани биле задржани на границата и не им било дозволено да присуствуваат на чествувањето.
Политички пресуди
Милков коментира дека секој обид за оптимизам во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија засега останува без покритие. Како што пренесува БНР, тој очекува политички пресуди во Северна Македонија за „сонародници, вклучително и за претседателот на културниот клуб во Охрид, Томе Блажевски“.
„Сега ме загрижува што минатата недела поднесоа обвиненија против Томе Блажевски, кој е претседател на охридскиот културен дом ’Цар Борис Трети’, откако истите обвинувања беа изнесени и против Љупчо Георгиевски од центарот во Битола. Доколку во одреден момент овие обвинувања бидат потврдени од судот, тогаш ќе ги добиеме можеби и првите политички затвореници во Република Северна Македонија. Кривичниот законик предвидува од 1 до 5 години за вакви дејствија. Во исто време, потпалувачот Алабаковски тврди дека се гордее со криминалот што го направил. Така што тоа зборува за атмосферата. Тоа зборува за ситуацијата што се создаде таму“, вели Милков.