Владимир Путин покажува колку е слаб
„Референдумите“ организирани од Москва во четирите делумно окупирани украински региони завршуваат денеска (27.09.2022). Сите, вклучително и самиот претседател Владимир Путин, знаат дека овие „референдуми" се уште полажни од спектакуларниот „референдум“ на полуостровот Крим во март 2014 година, што доведе до анексија на украинскиот полуостров кон Русија. Резултатите се предвидливи. Подоцна оваа недела, Кремљ официјално ќе објави дека регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон „гласале“ за приклучување кон Русија. Путин несомнено ќе ја исполни нивната желба и ќе ги потпише документите за пристап во наредните денови, што истовремено ќе му биде подарок за неговиот 70-ти роденден на 7 октомври. Светот нема да го признае ова лажно гласање, исто како што не го призна присвојувањето на Крим. Резултатите веројатно ќе ги признаат само државите-клиенти на Русија како Еритреја и Сирија, или непризнаените ентитети како Абхазија и Јужна Осетија (и двете насилно земени од Русија од Грузија во 2008 година).
Мобилизацијата ја менува играта
Путин можеби верува дека Русите ќе бидат среќни кога ќе дознаат дека тој со ова ги „спасил“ дел од нивните роднини од имагинарните канџи на имагинарните „украински неонацисти“ и ја направил земјата уште поголема. Но, за разлика од еуфоријата што ја придружуваше анексијата во 2014 година, овојпат нема да има таква реакција кај Русите. Прво, затоа што Крим имаше посебно место во пост-советската свест кај луѓето разнишани од ненадејниот распад на Советскиот Сојуз. Источна Украина нема такво симболично значење. Второ, затоа што „референдумите“ се одржуваат во позадина на она што Путин официјално го нарекува делумна мобилизација, но што во реалноста е генерален повик за мобилизација во Русија. Стотици илјади семејства ги испраќаат своите неподготвени мажи во војна и многу веројатно во смрт. Илјадници други се обидуваат да им помогнат да избегаат преку границите кои брзо се затвораат.
Кремљ нема друг избор освен брзо да ги прогласи окупираните украински региони за руска територија, а потоа масовно да ги распореди таму новоповиканите резервисти. Без нив, задржувањето на овие региони е многу проблематично за Русија. Но, сега кога новоокупираните територии ќе бидат прогласени за руска територија, Путин ќе тврди дека украинските вооружени сили го напаѓаат руското копно. Тој веројатно повторно ќе прибегне кон нуклеарна уцена (како што тоа го прави редовно од почетокот на инвазијата на Украина од февруари) за да го искористи тоа за да земе здив во борбите, па дури и може да се согласи на некаков облик на преговори. Путин е под притисок да дејствува брзо, пред неизбежно и нагло растечките бројки на загинати и ранети да почнат да го потресуваат руското општество.
Очајничкиот план на Путин
Ова е очаен и ризичен план. Украинците нема да се повлечат од Доњецк и другите три региони. Путин или ќе мора да ги избрка со конвенционално војување или да го одржи ветувањето дека ќе употреби нуклеарно оружје со краток дострел (понекогаш погрешно нарекувано тактичко оружје). Тоа би предизвикало одговор од САД со „застрашувачки” последици, како што неодамна нагласи државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
Референдумот на Крим во 2014 беше спектакл инсцениран од бескрупулозен и циничен победник. Во 2022 ситуацијата е сосем поинаква. „Референдумите” на Путин денес личат на половичен обид да се демонстрира сила и одлучност кога и двете видно недостигаат. Без разлика колку и да трае војната, таквите лажни гласови ќе бидат заборавени веќе следниот ден.