1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Може ли Путин да одговара за воени злосторства во Хаг?

АРД | БЈ
17 јануари 2023

Шефицата на германската дипломатија, Бербок проверува дали и како рускиот претседател може пред меѓународен кривичен суд да одговара за војната во Украина. Поранешен судија на судот на ОН смета дека е тоа возможно.

https://p.dw.com/p/4MFoR
Не е невозможно еден ден и Владимир Путин да застане пред меѓународен суд каде ќе одговара за она што го сториле неговите трупи во Украина
Не е невозможно еден ден и Владимир Путин да застане пред меѓународен суд каде ќе одговара за она што го сториле неговите трупи во УкраинаФотографија: Aleksey Babushkin/Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

Волфганг Шомбург има големо искуство на ова поле: „Во принцип сите се пријатни луѓе за разговор. Воените злосторници ретко се свесни за своите дела“, вели тој. Шомбург беше првиот германски судија ангажиран во меѓународните судови за воени злосторства. Седум години беше судија во Специјалниот суд на ОН кој се занимаваше со злосторствата во поранешна Југославија и со геноцидот во Руанда. 

На крајот во овој Трибунал на обвинителна клупа седнаа високо рангирани политичари, како поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, иако на почетокот тоа изгледаше како невозможно, вели Шомбург.

Германскиот судија Волфганг Шомбург положи заклетва како судија на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг во 2001 година. (архивска фотографија)
Германскиот судија Волфганг Шомбург положи заклетва како судија на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг во 2001 година. (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa

Украинците со големи очекувања 

Поради тоа поранешниот судија на ОН во разговор за подкастот на „Тагесшау “ вели дека не е невозможно еден ден и Владимир Путин да застане пред меѓународен суд каде ќе одговара за она што го сториле неговите трупи во Украина. Во секој случај во Украина еден ваков процес би се следел со огромно внимание. Татијана Гончарук, која се грижи за украински бегалци во Берлин, ова често го слуша во разговорите со жртвите и нивните роднини: „Бев изненадена дека и мали деца јасно кажуваат: Путин мора да биде казнет!“. 

Можен е процес во Ден Хаг 

Според „универзалниот правен принцип“ против Владимир Путин може да се покрене обвинение и во Германија, но не и додека е претседател. Поинаку е ако има обвинение пред Меѓународниот кривичен суд. Таму Путин нема имунитет ниту како претседател. Но, за да му се суди Путин мора да биде доведен во Хаг, оти не може да се спроведе целосно судење во отсуство. Од друга страна и Шомбург смета дека тоа не би било целисходно. „Неколку тајни служби во светов во моментов размислуваат дали и како да се спроведе тоа. Досега сè уште беше возможно, доколку има политичка волја, некој да биде уапсен без разлика дали легално или нелегално. Нема да биде првпат,“ вели судијата. 

Масовна гробница во близина на украинскиот град Изјум
Масовна гробница во близина на украинскиот град ИзјумФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/dpa/picture alliance

Геноцид и злосторства против човештвото 

Според Шомбург доколку се покрене обвинение против Путин пред меѓународен кривичен суд ќе содржи дела како геноцид и злосторства против човештвото. Таму нема да може да му се суди директно за воениот напад. За тоа е потребен посебен трибунал, каков што бараат Украина и Балтичките земји. Сепак, политички и правно тоа е контроверзно и компликувано. Шомбург стравува и дека ќе треба многу време за да се основа таков посебен трибунал и дека ќе ја ослаби улогата на Меѓународниот кривичен суд. Затоа тој јасно се залага за процес пред овој суд.

Веќе се водат десетици илјади постапки 

За тоа секако се потребни и докази. Украинското јавно обвинителство веќе води десетици илјади постапки поврзани со воени злосторства. Секој еден случај на тортура, силување или убиство мора да биде документиран на таков начин на кој доказите и исказите на сведоците треба да бидат прифатени и валидирани од судовите со години и децении подоцна. Распитот од полицијата може да биде товар особено за трауматизираните жртви. Истраги се речиси невозможни да се спроведат во областите под руска контрола, но во моментот кога украинските трупи ќе си ги повратат, истражните дејствија ќе започнат веднаш. Како и во секој кривичен процес се сослушуваат жртвите и сведоците, се врши увид на местото на злосторството, се обезбедуваат доказите, и се анализираат видеа од надзорни камери и податоците од мобилни телефони. Украинските истражители се исправени пред огромни предизвици. Поради тоа германската влада и други земји и понудија помош на Украина во овој дел. 

Максимална казна – доживотен затвор  

Пред Меѓународниот кривичен суд мора да се докаже директната одговорност на Путин. Неговите јавни изјави затоа може да играат голема улога. Шефот на руската држава притоа може и самиот да се брани. Поранешниот судија Волфганг Шомбург смета дека тоа не е добра идеја, иако не е исклучено бидејќи тоа се случувала во минатото на вакви судења.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

Доколку биде осуден, на Путин му се заканува максималната казна – доживотен затвор.

„Тоа не е како праксата во Германија, да имате можност да ве ослободат по 15 години,“ вели судијата Шомбург и додава дека „во многу случаи тоа значи дека навистина ќе останете во затвор до крајот на животот.“  Путин потоа би бил во затвор во некоја од земјите која го подржува Меѓународниот кривичен суд, меѓу кои е и Германија. 

Значење за жртвите  

За луѓето во Украина би било од огромно значење воените злосторства да бидат судски санкционирани, вели Татијана Гончарук од Советувалиштето за украински бегалци во Берлин. „Сите роднини имаат право да ја дознаат вистината што се случило со нивните ќерки и синови, дали биле убиени или малтретирани,“ вели таа за подкастот на „Тагесшау“. Најважно за жртвите и нивните семејства е сторителите да одговараат за сторените дела и да добијат отштета. Голема е и надежта дека еден меѓународен процес против високо рангирани политичари за нивната одговорност, пред се Путин, ќе испрати и важен сигнал дека војната и воените злосторства нема да останат неказнети. Тоа би било пресудно и за идните односи меѓу Украина и Русија, и од гледна точка на многу Украинци важен предуслов за идното приближување да биде воопшто замисливо.

„Руското општество и руското раководство мора да каже: да ние го сторивме тоа. И згрешивме,“ вели Гончарук. „Дури потоа ќе може да почне да се мисли на помирување. Но, тоа нема да биде едноставен процес и ќе биде потребно доста време,“ додава таа.