1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Можен ли е праведен даночен систем?

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
9 август 2022

Ниту една реформа не е успешно спроведлива ако за тоа не се направи сеопфатно и јасно информирање на јавноста што содржи и како ќе се спроведува, колку тоа ќе чини и кој тоа ќе го плати. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4FHGV
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Воспоставувањето на праведен даночен систем е најзначајната и најтешката обврска во државите и со развиена парламентарна демократија. Тие што плаќаат - секогаш им е многу, тие што трошат - секогаш им е малку, иако секојдневно се во двете улоги и тие што плаќаат и тие што трошат буџетски пари. Владата на Македонија, преку Министерството за финансии деновиве најави подлабоки даночни реформи кои треба да се усвојат до крајот на годината што веднаш предизвика тревога. Сосема оправдано, дури и на невидено кога се работи за давачки кон државата. 

Обидот со голем зафат да се тргне кон нормалноста со јавни дебати за клучните прашања во македонското општество, како што е економијата и даночната политика секако е за респект, но роковите кои се предложени за почеток на примената во практиката од само четири месеци фрлаат оправдан сомнеж за успешност, дури и да се работи за идеално решение, бидејќи за да се направи голем исчекор во даночниот систем неопходно е да се завршат основни работи кои никогаш досега не се завршени и кои ја девалвираат и доведуваат во прашање секоја, па макар и најдобра намера. 

Ниту една реформа не е успешно спроведлива ако за тоа не се направи сеопфатно и јасно информирање на јавноста што содржи и како ќе се спроведува, колку тоа ќе чини и кој тоа ќе го плати. На наједноставни и директни примери кој, колку и за што  ќе плаќа данок, до тоа каде оди секој денар на даночните обврзници, јавноста мора да знае, а за секоја и најмала злоупотреба на пари од државната каса мора да уследи ригорозна казна. Даночната дисциплина е можна само ако системот е праведен и ако контролните механизми функционираат беспрекорно. 

Неплаќање данок - најисплатлива инвестиција 

За илустрација ќе наведам само еден личен пример. Како гостин на британското министерство за надворешни работи во редакцијата на весникот „Тајм“ во Лондон го видов  ребалансот на буџетот за таа година објавен на цели 16 големи страници со најситни букви кои треба да се читаат со лупа. Изненадувањето беше кога ми беше предочен износот кој треба да се плати за одржување на британските воени гробишта во Македонија. Секое пени мора да се знае точно кај оди.

Кај нас буџетските трошоци сместени во разни правни лавиринти не можат да ги дешифрираат ни искусни економисти, а не обичните граѓани. Затоа не случајно најголемите и најинтересни и најжестоки  расправи во британскиот и не само во британскиот парламент се за буџетот. Во суштина, големите револуции за парламентарна демократија се случиле со силни мотиви за институционална контрола на трошењето на парите на граѓаните. Во нашиот парламент и кога се отвара расправа за буџетот,или за ребаланс на буџетот тоа повеќе наликува на список на желби и амандмани за партиска пропаганда. 

Промените во даночниот систем што се предвидуваат до крајот на годината ќе наидат на недоверба поради повеќе непознаници кои се рак рана на македонската економија. Прво, тешко е да се процени како сегашниот систем ќе се надградува ако, како и досега, е неефикасна наплатата на веќе утврдени даночни обврски. Привилегирани стари должници на државата на сметка на нови поголеми даноци кај редовните плаќачи во старт го девалвира целиот најавен реформски  систем. Второ, за четири месеци е невозможно да се подобри катастрофалната ситуација со пандемичното избегнување на даночните обврски. Не постои ефикасна проверка на потеклото на имот.

Неплаќањето на обврските кон државата споредено со пресудите на затворски казни и одземен имот е многу веројатно најисплатливата инвестиција. Во Македонија има помалку одземен имот и помалку луѓе во затвор за неплатени даноци отколку во државите со најефикасна даночна политика. Трето, сивата економија е толку високо застапена што без ефикасна елиминација на црниот пазар не може да се очекува никаква надградба која треба да овозможи друг да го плаќа тоа што масовно не се наплатува.

Сивата економија во Македонија е најдраматичната уништувачка нелојална конкуренција која е видлива на секој чекор. Во цели градски населби, како посебни зони на црни пазари, како и на сите зелени пазари, барањето на фискална сметка наидува на општо смеење. На речиси сите тезги на пазарите кои ги држат прекупувачи кои се во улога на нужно зло, оти ако тие не прекупат, уште полошо за земјоделците - родот ќе им остане на нивите, се крева револуција ако некој само спомне да се воведат фискални каси како што е во сиот нормален свет.

Да не ги набројуваме слабостите кои се присутни со децении и кои, и покрај одамна воспоставената точна дијагноза не се отстранети. Без тоа не е можен праведен и транспарентен, ефикасен даночен систем. Употребата на зборот ПРАВЕДЕН данок алудира на тоа дека предложените реформи опфаќаат поголеми даноци на луксуз, на богатство, или кажано поедноставно, богатите да плаќаат многу повисоки даноци. Тоа би било во ред и сосема неопходно имајќи ги предвид натрупаните големи богатства под сомнителни околности, меѓу другото и поради неплатени даноци и разни махинации и законски дупки и недоречености кои овозможуваат да се одбегнат давачките кон државата. А, од друга страна, уште полошо е што, сосема законски поради ниските даноци, се легализираат големите богатства, изедначувајќи ги процентуално давачките со најсиромашните слоеви граѓани преку рамниот данок. Тоа се вика озаконета неправда и легално уривање на општествениот и економски поредок.

Дали сте чуле за данок на екстра профит?

Исто така, во Македонија е непознаница данокот на екстра профит. Не се оданочуваат приходите со посебна висока стапка кога се трупаат огромни добивки поради привилегирана положба на пазарот, или кога во вонредни ситуации се стекнува големо богатство. 

Последниот пример кој сѐ уште е во тек се големите добивки на лабораториите и на приватните болници за време на светската пандемија. За две години овие компании направија баснословни профити кои не се оданочија со посебни високи ставки. Класична трговија со смртта на сметка на граѓаните.

Една од големите непознаници за која треба да се води сериозна дебата не само со бизнис групациите, туку и со синдикатите и во Собранието, во медиумите, е како да се утврди основата за пониски даноци, над која ќе се прогресираат давачките кон државата. Даноци на добивка во компании, даноци на плати, даноци на каматите од штедни влогови, на договори на дело...  е многу чувствително прашање ако точно не се одредат основите на скалесто разграничување.

- повеќе од авторотНе се кријте зад народот

Ако и натаму важи истата ставка за сите, и за богатите и за сиромашните, тоа може да означи целосно доуништување на средната класа и на малите приватни компании. Ова сомневање се наметнува од фактот дека по сите досегашни зафати во даночниот систем богатите стануваа побогати, сиромашните - посиромашни, до истребување на таканаречената средна класа која е сведена на  неколку проценти од населението. Тоа е делот од населението кое требаше да биде носител на прогресот на државата и на развојот на економијата и демократските процеси. Ако тој факт не е земен предвид во реформскиот даночен курс не е можно да се гради праведен систем.

- повеќе од авторот: Спасоносното решение на академик Коцарев

Полнењето и празнењето на државната каса е најчувствителното прашање од кое зависи  севкупниот општествен и економски  развој на една една земја и директно влијае врз стандардот на граѓаните. Тоа е огледалото на успешноста во сите сфери на работење и живеење. Во мирновременски услови политичката борба за освојување на власта најчесто зависи од праведноста и ефикасноста на даночниот систем. Кај нас тоа има сосема мало значење, бидејќи на прво место кај релевантните политички партии и нивните лидери темата економски развој и стандард, иако им е омилена, го нема значењето на спасување на националните интереси од  опасноста на асимилација на македонскиот народ. Тука е погрешно изгравирана мерката за нивото на патриотизам. Патриотската десница практикува  помали даноци за сите, а најмногу ќар за богатите. Социјалдемократската левица истото тоа успешно го спроведува цели шест години. Либералниот центар, како и секој центар, ни таму ни ваму, или поточно еднаш таму, еднаш ваму, во зависност од коалициониот партнер. 

Наместо патриотизмот да се смета според успешноста во работењето, исполнување на обврските кон државата, доброто образование и воспитување што е најсилната гаранција за зачувување на идентитеските посебности, тој се рангира според силината на ударите во гради. Што поголема сиромаштија и поголем примитивизам, толку помодри гради и повисок патриотски вознес.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.