На Холанѓаните едноставно им дојде преку глава
23 ноември 2023Овој политички земјотрес јасно покажува дека Холанѓаните не сакаат премиер кој се повлекува од своите одговорности за да си бара уште подобра функција. Марк Руте летоска фактички преку ноќ се повлече за да го препушти просторот на сила која до сега беше преслаба и прерадикална за да владее. Тоа сега се промени. Во предизборната кампања Герт Вилдерс беше присутен насекаде. Со усовршена реторика ги камуфлираше радикалните тенденции од некогаш. Тој вешто се вртеше околу досегашната, според сопствено тврдење либерална владина партија, која на моменти од Вилдерс мора да се чувствувала речиси поласкана.
Вилдерс ќе стори сѐ за да дојде на власт
Сега Герт Вилдерс ќе стори сѐ за да дојде на власта и да се редефинира како реален политичар. Тој нема да дозволи да биде турнат во задните редови. Изборниот резултат е радикален црвен картон за она што беше до сега. Резултатот прејасно покажува дека гласачите во последно време имале малку или никаква почит за нивните политички лидери, кои ги разочараа со непостојаност и пасивност. Целата средна класа и нејзините проблеми беа игнорирани. Семејства беа оставени на цедило на пазарот за недвижнини со премногу зголемени цени, а не беа направени дури ни најмали реформи во однос на миграциската политика.
Наместо токму во тешки времиња да демонстрираат единство, коалиционерите во Холандија уште повеќе се дистанцираа едни од други. Сега стаса цехот за тоа. Недостојна беше претставата што ја понуди Демохристијанот. Неговата стара партија безглаво ја напушти за да формира своја, чие што помпезно име „Нов општествен договор” го олицетворува токму оној политички аутизам од кој на Холанѓаните им е преку глава.
Предупредување за Германија и Европа
Изборниот резултат е предупредување за Германија, но и за Европа. Во Берлин една не помалку комплицирана коалиција стои на работ на бездната. Токму во тешки времиња мора да се бараат и изнаоѓаат решенија. Токму тогаш мора да има консолидирање. Дали ќе може да се спречи премиер да стане Вилдерс зависи од способноста на останатите партии да понудат нешто заедничко како контра на тоа. До сега имаше коалиции кои требаше да бидат за нешто, а сега тоа треба да се коалиции за контра кои и до сега пропаѓаа заради нивните очекувања. Воопшто не е исклучено дека Вилдерс може да стане премиер на една малцинска влада. Другите партии очигледно мора да престанат со желбата да го сопрат. На крајот ќе мора да се помират со него, сакале или не.