Над 20 загинати во напад во близина на Црвениот крст во Газа
22 јуни 2024Канцеларијата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во Појасот Газа е оштетена од „проектили од тежок калибар“ кои паднале во близина, соопшти хуманитарната организација. Самата зграда, како што се вели, не е директно погодена. Сепак, гранатите паднале на оддалеченост од „неколку метри“ - и очигледно убиле повеќе луѓе.
„Овој инцидент предизвика масовен прилив на жртви во блиската теренска болница на Црвениот крст“, соопшти организацијата на онлајн сервисот X. Таму се регистрирани 22 смртни случаи и 45 повредени. Стотици раселени луѓе живеат во шатори во областа околу канцеларијата на МКЦК. Нападите во „опасна близина на хуманитарни објекти ги загрозуваат животите на цивилите и вработените во Црвениот крст“, се вели од организацијата. Локациите им се познати на страните во конфликтот, а исто така се „јасно означени со амблемот на Црвениот крст“.
Министерството за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на исламистичката палестинска организација Хамас, извести за 25 загинати и 50 повредени во нападот. Израелската армија, како што се вели, ги нападнала „шаторите на раселените луѓе во областа Ал-Маваси“.
Портпарол на израелската армија изјави дека „нема докази оти армијата извршила напад во хуманитарната зона во Ал-Маваси“. Отворена е истрага за инцидентот.
Гутереш зборува за „тотално беззаконие“ во Газа
Според генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, хаосот и беззаконието во Појасот Газа ја спречуваат дистрибуцијата на хуманитарна помош во крајбрежното подрачје. Има „тотално беззаконие“, рече Гутереш вчера во Њујорк, додавајќи дека постојат „екстремни потешкотии во дистрибуцијата“ на залихите за помош во Газа, а камионите се ограбуваат. Проблемот не е само да се добие помош за Газа. „Мора да постои механизам кој гарантира минимално ниво на закон и ред за да може да се изврши дистрибуцијата“, побара Гутереш. Затоа тој уште еднаш се заложи за итен прекин на огнот меѓу Израел и исламистичкиот Хамас.
Генералниот секретар на ОН ја изрази и својата „длабока загриженост“ поради ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и проиранската милиција Хезболах во Либан. Опасноста од проширување на конфликтот на Блискиот Исток е „реална“ и мора да се избегне, оценува тој.