Над пет милиони евра само од замената на личните карти
17 јануари 2024Над пет милиони евра се слеале досега од џебот на граѓаните во државниот буџет поради замената на личните карти со новото име на државата. Но, измените на Законот за лична карта, со коишто оваа обврска би станала задолжителна, повеќе од една година чекаат на усвојување во Собрание.
Иако не се стапени во сила, граѓаните во периодот од јули 2021 година, па до крајот на 2023 година поитале да извршат замена на 1.007.885 лични карти на коишто стои име „Република Македонија“.
Личните карти ќе важат и по 12 февруари
Стравувајќи дека ќе останат без важечки документи, граѓаните изминатите месеци побрзаа да извадат нови лични карти. Тоа создаде огромен притисок врз пунктовите на МВР, каде гужви има и за аплицирање, но и за подигнување на готовите документи.
„МВР ги користи сите капацитети за граѓаните да добијат лични документи. Покрај редовното работење со закажан термин, овозможивме и фотографирање за лични документи без закажан термин во ПС Пролет. Што се однесува до подигнувањето на веќе готови документи, шалтерите работат и преку викенд и тоа соодветно го најавуваме преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да подигнат документи“, велат од МВР за ДВ.
Иако првично беа упатувани апели да се заменат документите до средината на февруари, по иницијативите за пролонгирање на рокот со цел да се избегнат енормните гужви и нервози во пасошките одделенија, МВР „попушти“. Личните карти со „Република Македонија“ чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12.02.2024 година, бидеќи Законот за личната карта се уште не е изменет.
Според статистиката на МВР, во изминатите две ипол години се заменети над еден милион лични карти,1.169 463 пасоши и 529.799 возачки дозволи. Ако се има предвид дека замена на лична карта со новото име на државата чини 310 денари по редовна постапка, проценките се дека само од замената на документите за внатрешна употреба се слеале над пет милиони евра во буџетот.
Народниот правобранител, Насер Зибери и дел од партиите во повеќе наврати укажуваа дека трошоците за обновување на исправите за сите граѓани кои поднеле барање за нови исправи, а дадени им се исправи со стариот образец, со името Република Македонија, по стапувањето на сила на измените на Уставот, треба да ги сноси државата.
Обврските од Договорот од Преспа
Замената на документите во коишто треба да биде впишано новото име на државата - Северна Македонија е предвидена со Договорот од Преспа. Согласно овој договор потпишан во 2018 година, официјалното име на земјата е „Република Северна Македонија“, што претставува уставно име и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на земјата е „Северна Македонија“.
Државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите, со договорот е предвидено да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“.
„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.
„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во земјата. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.
Рокови и иницијативи
Рокот за замена на пасошите истекнува на 12 февруари. По иницијативата на претседателот Стево Пендаровски да се пролонгира рокот за замена на документите до септември - октомври, во тек е изнаоѓање решенија за овој проблем. Владата и претседателот деновиве си ја префрлаа топката кој треба да преговара со Грција за пролонгирање на роковите предвидени со меѓународниот договор.
Откако премиерот Димитар Ковачевски деновиве изјави дека шефот на државата ја презел обврската за комуникација со претседателката на Грција во врска со пролонгирање на рокот за издавање на патните исправи, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски порачаа дека тој нема преземено таква обврска. Пендаровски вели дека предложил продолжување на рокот за издавање на личните документи и патните исправи, но дека таа процедура е во целосна надлежност на Владата и Собранието.
Што се однесува до важноста на личните карти, надлежните веднаш изнајдоа решение, со оглед на тоа дека станува збор за документи кои се користат за внатрешна употреба. Па така, овие документи, според последните најави од МВР, ќе важат и по 12 февруари за внатрешна употреба, но прашање е дали со нив граѓаните ќе можат да ја поминуваат државната граница кон земјите од Западен Балкан, откако стапија на сила договорите со кои пасош не е потребен за патување во околните земји.
ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме поднесе претставка пред Уставниот суд за ставање на времена мерка на Законот за лични документи од 2021 година. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека има две опции за надминување на гужвите за промена на личните документи со стариот назив на државата. Едната опција е Уставниот суд да стави времена мерка на Законот од 2021 година, да биде вон сила сè до следно одлучување дали е тој уставен или не. Другата опција е во парламентот да се донесе закон со кој рокот ќе се продолжи.
Османи: Да не даваме лажна надеж
Но, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска апелираше до граѓаните кои сè уште ги немаат сменето личните документи, особено пасошите кои се за надворешна употреба, да се обидат да го сторат тоа до 12 февруари.
„Место да се концентрираме на давање на лажна надеж на граѓаните дека ќе ги смениме одредбите од Преспанскиот договор, кој е меѓународен ратификуван договор, дека ќе го смениме Законот за спроведување на уставните амандмани, треба да работиме граѓаните да немаат пречки после 13 февруари. Да се забрза издавањето на пасоши, да почнат налепниците да се лепат на регистарските таблички. Мислам дека ова е поздраво – да им се каже на граѓаните дека ова е обврска која се провлекува пет години и да се обидеме до 13 февруари максимално да ги средиме документите на граѓаните“, изјави Османи.