Најубавите пејзажи во Европа
Лето, сонце, природа! Оние кои копнеат по авантура и прекрасна природа, имаат многу можности за патување во Европа. Ние одбравме 10 национални паркови и прекрасни пејзажи.
Национален парк Хоса, Финска
Со малку среќа, во североисточна Финска можете да забележите кафеави мечки, волци или лосови. Со своите зимзелени шуми и кристално чистите езера, националниот парк е идеален за сите што ги ценат идиличното изолирање и недопрената дивина.
Национален парк Сарек, Шведска
И овде туристите се далеку од метежот и вревата на градот. Огромната и целосно ненаселена област во Шведска, со планини високи преку 2000 метри, речиси 100 глечери, диви порои и тесни клисури, е рај за авантуристите. Понекогаш овде може да се видат познатите поларни светла. Може да се оди дури и на диво кампување.
Јотунхајмен, Норвешка
Јотунхајмен, што значи „дом на џиновите“, е највисокиот планински венец во Норвешка. Љубителите на нордиската митологија и дивите пејзажи тука ќе уживаат. Вреди да се види и смарагдно зеленото езеро Гјендезе. Глечерните седименти му даваат на езерото невообичаено интензивна боја.
Елпски песочни планини, Германија, Чешка
Со карпи од песочник и кривулести шумски патеки, Елпските песочни планини нудат разновидност и авантура. Добар поглед на околниот пејзаж се отвора од Хоер Шнеберг, највисоката планина во регионот во чешкиот дел на Елпските пасочни планини.
Хоес Вен, Белгија, Германија
Германско-белгискиот парк на природата Хоес Вен опфаќа широк мочурлив предел кој инаку се наоѓа само на повисоки географски широчини. Може да се истражи со користење на определени патчиња и дрвени патеки. Натпросечните количества на врнежи и високата влажност овозможуваат овде да има уникатна флора.
Плитвички Езера, Хрватска
Најголемиот и најстар национален парк во Хрватска не без причина се нарекува „зелена ризница“. Областа вклучува 16 големи и мали езера кои се нанижани едно на друго како бисери. Овде можете да се восхитувате на познатите водопади кои можат да се видат во старите филмови на Карл Меј.
Скадарско Езеро, Црна Гора, Албанија
Скадарското Езеро е по површина најголемото езеро на Балканскиот Полуостров, иако неговата точна површина варира во зависност од сезоната. Овде може да правите тури со брод и екскурзии до манастирските острови Бешка, Горчија и Марачник или да им се восхитувате на птиците преселници кои го користат природниот пејзаж како место за одмор и размножување.
Чинкве Тере, Италија
Националниот парк Чинкве Тере е меѓународно познат по своите пешачки патеки и живописните рибарски села. Лоциран на брегот на Лигурија, националниот парк, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО, нуди широк спектар на можности за разгледување, релаксација и планинарење.
Каланк, Франција
Националниот парк Каланк се наоѓа недалеку од јужната француска метропола Марсеј. Крајбрежниот пејзаж импресионира со заливите слични на фјордови и спектакуларните варовнички формации кои стрмно се спуштаат до Средоземното Море. Во овој единствен екосистем се развиле растителни видови како што е „Саблин де Марсеј“, какви што не може да се најдат никаде на друго место во светот.
Национален парк Ордеса и Монте Пердидо, Шпанија
Националниот парк во шпанскиот дел на Пиринеите, кој е прогласен за светско наследство на УНЕСКО во 1997 година, е испресечен со длабоки клисури и уникатни карпести формации. Покрај планинските потоци и буковите шуми, тука може да се откријат и многу различни видови птици.