1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Напад врз сопругот на Пелоси - провалникот ја барал Ненси

ЖА / агенции
29 октомври 2022

Дали станува збор за обид за политички атентат? Провалник со чекан го нападнал сопругот на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, очигледно во потрага по неа.

https://p.dw.com/p/4IpTH
Полицијата врши истрага за нападот врз сопругот на Ненси Пелоси САД
Полицијата врши истрага за нападот врз сопругот на Ненси ПелосиФотографија: Eric Risberg/AP Photo/picture alliance

Напаѓач кој провалил во куќата на амерканската политичарка Ненси Пелоси, со чекан го повредил нејзиниот 82-годишен сопруг. Спикерката на Претставничкиот дом во моментот на инцидентот не била во куќата. Според функцијата, Пелоси во политичката хиерархија на САД се наоѓа на трето место, зад претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.

Претседателот Бајден најостро го осуди нападот, повлекувајќи врска меѓу него и агресивната реторика на републиканците на екс претседателот Доналд Трамп.

Провалникот ноќта кон петокот го загрози животот на Пол Пелоси, барајќи ја Ненси Пелоси,  соопшти нејзиниот портпарол утрово. Пол Пелоси вчера бил опериран поради повреда на черепот и сериозни повреди на раката и дланките, а лекарите очекуваат негово комплетно заздравување.

Пелоси се наоѓа под постојана заштита на телохранители, таа ноќта кога бил извршен нападот била во Вашингтон, додека нејзиниот сопруг останал во нивната куќа во Сан Франциско.

Полицијата по примен повик стигнала во куќата на Пелоси и го совладала 42-годишниот напаѓач, кој се наоѓа во притвор, а за случајот и за мотивите за извршеното дело се води истрага, соопшти шефот на полицијата Вилијам Скот.

Напаѓачот повеќепати извикувал „Каде е Ненси?“, пишуваат меѓу другите „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори на владини претставници.

СиЕнЕн извести дека Пол Пелоси успеал да го заврти телефонскиот број за помош, и иако не можел директно да го пријави нападот, соработничката на линијата ги чула звуците во позадина и испратила полиција. Намерата на провалникот наводно му била да го врзе Пол Пелоси и да го сочека враќањето на неговата сопруга.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси и Пол Пелоси, САД
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси и Пол ПелосиФотографија: Fabio Frustaci/ANS/ZUMA//picture alliance

Американските медиуми го пронашле интернет профилот на осомничениот, кој според нив се интересирал за теории на заговор,  лажни информации  и за наводната опасност од вакцината против Ковид, како и за лагите на Доналд Трамп за наводно „украдените претседателски избори" во 2020 година.

Демократката Пелоси  е често мета на вербални напади од таборот на политичката десница во САД. Доналд Трамп со години постојано ја нарекува „лудата Ненси“, правејќи ја објект на омраза кај своите следбеници. При упадот во Капитолна 6 јануари 2021 година, симпатизерите на Трамп продреа и го демолираа и кабинетот на Пелоси.

Истакнати републиканци, како вицепретседателот на Трамп, Мајк Пенс и лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел го осудија нападот врз сопругот на Пелоси. На претстојните избори, на Републиканската партија ѝ се даваат добри шанси да го поврати мнозинството во Претставничкиот дом, по што Пелоси би заминала во пензија.