Напаѓачот од Минхен е 18-годишен Австриец по потекло од БиХ
6 септември 2024Германските истражни органи веруваат дека пукањето во близина на израелскиот конзулат во Минхен е обид за терористички напад од страна на убиениот. Според досегашните сознанија, цел на нападот била дипломатската институција на Израел, соопшти Јавното обвинителство во Минхен.
Според податоците од истрагата, напаѓачот дошол од Австрија и на тамошните власти им бил познат како осомничен исламист. Министерството за внатрешни работи во Виена ги потврди пишувањата на германските медиуми. Според тие извештаи, 18-годишникот бил пријавен во 2023 година за членство во терористичка организација и биле спроведени истраги. Според австриската полиција, нему му било забрането да поседува оружје до почетокот на 2028 година.
На видеозапис од мобилниот телефон, кој се појави на интернет набрзо по неуспешниот напад, се гледа млад човек кој ракува со пушка со бајонет, налик на оние кои се користеле за време на Првата светска војна.
Сомнеж за џихадистички убедувања
Според информациите на германските медиуми, станува збор за Емрах И. роден 2006 година во Австрија, чие последно живеалиште било во Нојмаркт во регионот Салцбург. Се наведува дека потекнува од семејство по потекло од Босна и Херцеговина, поточно од регионот на Тузла.
На училиште, тој наводно бил познат како строго религиозен муслиман, имал конфликти со соучениците и манифестирал насилни фантазии. За време на претресот на куќата, според истрагата, Окружната канцеларија за заштита на Уставот и борбата против тероризмот (ЛВТ) во Салцбург пронашла материјал што сугерира дека тој имал џихадистички верувања. Тој очигледно бил поддржувач на сириската терористичка група Џабхат ал Нусра. Според медиумските информации, австриските безбедносни служби го истражувале поради сомнеж дека ширел пропаганда за исламистичкиот терористички сојуз во Сирија (ХСТ).