1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

Загрижувачка состојба во психијатриските болници и затворите

ДТЗ
26 јуни 2023

Надзорот извршен во психијатриските болници во Бардовци и во Демир Хисар открил дека пациентите нередовно примаат терапија, но и дека персоналот се соочува со закани и напади.

https://p.dw.com/p/4T4cX
Насер Зибери Народен правобранител
Народниот правобранител, Насер Зибери, укажува на загрижувачка состојба во психијатриските болници, недостиг на кадар и хигиена, насилство и несоодветно постапување.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Народниот правобранител, Насер Зибери, укажува на  загрижувачка состојба во психијатриските болници, недостиг на кадар и хигиена, насилство и несоодветно постапување. Надзорот извршен во психијатриските болници во Бардовци и  во Демир Хисар открил дека пациентите нередовно примаат терапија, но и дека персоналот се соочува со закани и напади, коишто во минатото резултирале и со нанесување на телесни повреди на болничкиот персонал. 

Каиши за врзување, синџири и кабли 

Каиши за врзување, синџири со катанци и дебел кабел со должина од еден метар биле пронајдени при увидот во болницата во Демир Хисар. 

„При посетата во една од работните простории на персоналот беа пронајдени кожни ремени за фиксација за коишто е истакнато дека не се користат, како и метален синџир со катанче за заклучување на просториите кога има вознемирени пациенти. Во друга просторија, пак, беше забележан и цврст, дебел кабел со должина од еден метар за што вработените немаа одговор зошто е таму, ниту која му е намената“, рече Зибери на денешната прес-конференција на која што го презентираше годишниот извештај за тортура и другите форми на несоодветно постапување.

Имајќи предвид дека ваквите средства може да послужат за заплашување, малтретирање или друго несоодветно постапување спрема пациентите, тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ) смета дека е потребно истите веднаш да се отстранат, а заклучувањето на собите, доколку е потребно да се врши на соодветен начин, со поправка на бравите од вратите.

Во текот на 2022 година тимот на НПМ спровел вкупно 19 ненајавени посети, од кои девет посети во полициски станици од општа надлежност на подрачјето на Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово, три посети во казнено поправни и воспитно поправни установи, една посета во дом за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје, две посети на психијатриски болници „Скопје“ и „Демир Хисар“, како и четири посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил. 

Од добиените информации за време на посетите на болниците било констатирано дека се соочуваат со сериозен недостиг од персонал. Па така, во Психијатриска болница – „Скопје“ од вкупно систематизирани 397 работни места, пополнети се 318, додека, пак, во Психијатриската болница „Демир Хисар“ недостатокот од кадар се пополнува со времено ангажирање на лица и тоа 37 од вкупно 258 вработени лица. Поради лошите услови, се препорачува итно реновирање на болниците. 

затвор Идризово
Пренатрупаноста на затворите доведува до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица.Фотографија: Petr Stojanovski

Затворите се преполни 

Проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица и несоодветните материјални услови во кои што се сместени, што создава висок ризик од насилство, и понатаму се присутни во затворите. Тие кубурат и со медицински персонал, поради што се соочуваат со проблем за навремена здравствена заштита на осудените и притворените лица.

Зибери вели дека во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Европските затворски правила според кои како минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се налагаат 4 квадратни метри индивидуален простор во заедничко домување. Пренатрупаноста на затворите доведува до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица.

„Ова го поткрепувам со затекната состојба од  двете последователни посетите на НПМ   во 3, 4 и 7 крило, како и во т. н  Амбуланта, сите дел од затвореното одделение. Имено, на денот на посетата во т.н. трето крило беа сместени вкупно 72 осудени лица. При увидот беше утврдено дека во една од просториите која што е со  површина од 14,28 квадранти метри беа сместени 15 осудени лица, од коишто 6 осудени лица спиеја на душеци на подот, а останатите на кревети на 4 ката“, вели Зибери.

Сериозно загрижувачка состојба била затекната и во четврто крило, каде што на денот на посетата Народниот правобранител утврдил дека биле сместени вкупно 124 осудени лица, од кои 36 лица спиеле на душеци на под во самиот ходник од крилото и користеле заеднички тоалет. Во дел од просториите, по двајца осуденици спиеле во еден кревет или на смени, а некои се одлучувале да преспијат и на земја. 

В однос на увидот во полициските станици, Омбудсманот посочува дека Во Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово има недоволна екипираност на полициските станици со кадар, како и префрлување на полициски службеници на работни задачи за што претходно немале работно искуство, без притоа да поминат обуки за спецификите на работните обврски што треба да ги извршуваат.