Германскиот јазик како оружје во полската предизборна борба
7 август 2023„Вратете им го јазикот на децата", стои на билбордите долж патиштата на југозападот на Полска. И на приватни домови висат плакати со истата содржина. Покрај тоа, на плакатите на кои момче си ја држи раката на уста стои и „Едно не може да биде три, настава по мајчин јазик не е политика“. Целта на оваа акција е да се потсети на намалувањето на обемот на настава по германски јазик за етничките Германци во Полска.
Од три часа неделно, во училишната 2022/2023 година остана само уште еден час. Ограничувањето беше проследено и со соодветно кратење на финансиите во буџетот за 2022 година. Кратењето се однесуваше само на германското малцинство, додека други етнички групи останаа на по три часа неделно. Министерот за образование, Пжемислав Чарнек, по многуте протести вети дека од јануари 2023 година ќе се вратат трите часа неделно. Но, тоа досега не се случи.
Горношлезискиот регион Ополе (на германски Опелн, н.з.), кој од 1945 година припаѓа на Полска, е дом на повеќето припадници на германското малцинство во земјата. Официјално 140 илјади полски државјани се декларираат како Германци.
Според Сојузот на германските социјално-културолошки друштва во Полска, повеќе од 300 илјади полски државјани имаат германски идентитет.
„Политичка пресметаност“ на ПиС
Ако денес во претежно хомогената Полска барате мултикултурен регион, тогаш во Ополе сте на вистинско место. И токму тука намалувањето на обемот на наставата по германски јазик се доживува многу болно. Погодени се 55 илјади деца во регионот, вели Рафал Бартек за ДВ.
„Според мене, основата е тотално погрешна политичка калкулација, дека со деца може да се прави политика”, нагласува тој. Тоа има многу силен политички контекст и е дел од антигерманската реторика на владата во пресрет на парламентарните избори наесен. „Министерот Чарнек сметаше дека тоа ќе може да го погоди Берлин затоа што наводно нема симетрија кога се работи за финансирањето на наставата по германски јазик во Полска и наставата по полски јазик во Германија”, вели 46-годишниот Бартек.
Наводниот нееднаков третман е нешто што владеачката ПиС му го префрла постојано на Берлин. Министерот Чарнек на Твитер објави дека „ако е дискриминација тоа што 120 милиони злоти годишно се даваат за германски како мајчин јазик, како ли се викаат нулата евра од Сојузна Република Германија за полски како мајчин јазик во Германија”.
Разлики во образовниот систем
Ваквите чести обвинувања на полската влада упатени до властите во Берлин, во февруари 2022 година ги коментираше Бернд Фабрициус, ополномоштеник на германската влада за прашањето на иселеници и национални малцинства. Тој посочи дека има разлики во образовниот систем во двете земји.
„Во Полска постојано се тврди дека сојузната влада не ја поддржува наставата, но тоа се должи на фактот дека образованието во Германија е во надлежност на покраините и субвенционирањето се решава на тоа ниво.“ Според Фабрициус, покраините секоја година одвојуваат околу 200 милиони евра за настава на полски јазик.
Според извештајот, „За состојбата со наставата по полски јазик во Сојузна Република Германија” кој ДВ го има на увид, бројот на ученици кои учат полски во годината 2019/2020 изнесувал речиси 14.500 лица. Затоа, обвинувањата на ПиС на сметка на владата во Берлин се базираат на погрешни претпоставки и може да ги доведат во заблуда луѓето во Полска на кои не им е познат германскиот систем.
Полскиот министер во објава на Твитер наведува 120 милиони злоти, односно околу 27 милиони евра, за наставата по германски како мајчин јазик, што е половина од она што порано се издвојувало од буџетот, иако де факто по кратењето во февруари 2022 година е преостаната само една шестина од првобитните средства за оваа намена.
Наставниците по германски јазик во тешка состојба
Наставниците со кои разговараше ДВ се загрижени. Марчин Гамбиец веќе 14 години предава германски јазик во основно училиште во Ополе - и како странски јазик, и како мајчин. Се работи за две различни програми: германски како мајчин јазик започнува уште во прво одделение, а германски како странски јазик дури во седмо одделение.
Откако беше намален обемот на наставата по германски јазик на Гамбиец му недостасувале половината од обемот на часови, но сепак некако се спасил, раскажува тој за ДВ. „Јас бев во подобра положба затоа што порано бев на дополнителни студии и за информатика и така можев да ги надоместам отпаднатите часови. Но моите колеги германисти кои работеа со половина работно време останаа без работа”, раскажува Гамбиец.
Деца како жртви на политиката
Најтешко погодени се децата. „За семејствата со германско потекло е важно подмладокот да го владее јазикот и да го изучуваат и на училиште. Оние кои имаат таква опција, ги праќаат и подолго време во Германија кај роднини за да вежбаат германски”, објаснува наставникот, според кого сето тоа не ги заменува редовните часови по германски јазик.
За Рафал Бартек е веќе нормална појава тоа што ПиС во пресрет на изборите се поставува антигермански. „Откако памтам за себе антигерманскиот џокер е составен дел од предизборните кампањи во Полска", вели Бартек.
„Но, никогаш не било толку страшно како сега, кога 55 илјади деца се директно погодени од политичките игри”, заклучува тој.
Антигерманската карта во предизборието
Околу 15 илјади родители објавија протестно писмо против кратењето на часовите по германски јазик.
Многумина покрај ова испратија писма до министерот со прашања за иднината на германскиот јазик и добија формални одговори дека министерството за образование „ги анализира постоечките регулативи во таа област за темелно да ја уреди наставата по јазиците на малцинствата, како и за етничките и регионални јазици”.
Во наставната година 2023/24, која наскоро започнува, понудата на часови по германски и натаму останува ограничена. За Рафаел Бартек тоа е „дискриминација на сопствените државјани” и тој додава дека е „срамно тоа што се случува и дека ќе влезе во историјата на полската политика”.