1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не ја оправдавме независноста на Македонија

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
3 септември 2024

За овие 33 години независност никогаш и никој од славениците ниту го постави, ниту одговори на клучното прашање: Дали ја оправдавме самостојноста на државата? Кои стратегиски државни интереси се остварени, кои не се.

https://p.dw.com/p/4kCUn
Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

На 8 септември, во недела, во Македонија ќе се одбележува 33 години од независноста. Веќе ги гледам како и секоја година познатите слики и снимки од прославата на скопскиот плоштад, по референдумското изјаснување 1991 година. Наздравување со шампањ, честитки до граѓаните од првиот претседател на државата Киро Глигоров и од првиот премиер Никола Кљусев. Се разбира, пак ќе има свечени седници. Ќе ги слушаме истите говори, задолжително доделување на награди, медали за заслуги, можна е и некоја амнестија.

Истото сценарио повеќе од три децении, разликите се во зависност од тоа дали ВМРО ДПМНЕ е на власт, или СДСМ со своите коалициони партнери. Досега двете најголеми партии по 16 пати прославуваа и еднаш заедно како припадници на полу експертска, полу партиска коалициона власт. За сите овие 33 години независност никогаш и никој од славениците не одговори на клучното прашање: Дали ја оправдавме независноста на Македонија? Кои стратегиски државни интереси се остварени, кои не се и зошто.

Децата што се родени во првите години на независноста веќе имаат повеќе од 30 години, тие што тогаш станаа полнолетни имаат над 50 години, а тие што биле над 40 години и што имале среќа да го надминат прагот на просечниот живот влегуваат во длабока старост. Тоа се жртвуваните генерации затоа што Македонија со своите погрешни политики не успеа да стане пристојна демократска држава, членка на ЕУ и да го подобри квалитетот на живот на своите граѓани. 

Тоа е најголемото злосторство на неспособните политичари врз својот народ во поновата историја на Македонија. Со своите битки за власт и богатење, со манипулациите и лагите, од граѓаните направија тесто за месење со добри изгледи да го месат до исчезнување, ако не настапи период на освестување да се распознава што е лага, а што вистина. Кои се вистинските интереси, а кои заблудите?  

Кој што направи и не направи за 33 години 

Ако направиме една дури и бегла споредба што направија за 33 години генерациите што ја извојуваа победата во антифашистичката војна да речеме од 1945 до 1978 година и тоа што го направија нивните наследници од 1991 до 2024 година резултатот е катастрофален за тие што независноста ја добија што се вели, на тацна, без испукан куршум и без ни една жртва на територијата на Македонија.

Тие што ја платија слободата со илјадници жртви во големата светска војна од полуфеудална земја, неписмен народ, без никаква инфраструктура за неколку децении прескокнаа векови. Во сојуз со југословенските републики ги поставија темелите на државност, добивме азбука, буквар, литературен јазик, Собрание, донесен е првиот устав, се одредија границите на Македонија, се воспостави собраниски систем, влада, правосуден систем, универзитет, болници, училишта, бројни претпријатија и компании, администрација, и се она што значи побрз развој на една држава. Тоа е периодот кога Македонија го доживеа својот најголем подем во сите сфери и на економски и на културен план. 

Наследниците прво што направија го распродадоа државниот и општествениот имот за бадијала. Го осмислија и спроведоа најголемиот озаконет криминал. Тоа огромно богатство го потрошија за лично богатење не само на поединци, туку и на странски државни компании кои ги купија македонските златни кокошки со сомнителни коруптивни зделки од кои со години остваруваат огромни профити. 

Како успесите станаа порази 

Сето тоа е добро познато на јавноста која веќе одамна е рамнодушна кон тој грабеж. Она што останува необјаснето и несфатливо е како тешко постигнатите успеси се претворија во порази.

Првиот најголем успех по осамостојувањето на државата е приемот на Македонија за членка на Обединетите нации. Тој ден, на 8 април 1993 година, Македонија стана призната суверена држава. Тој датум во Македонија е маргинализиран. Погодете од три пати зошто?

Времената спогодба со Грција со името Поранешна Југословенска Република Македонија го дочекавме со големо разочарување. Пропагандата со „не ме фиромирај" беше страотна од која не ги видовме добрите страни на тој Договор кој предвидуваше членство во сите меѓународни организации вклучувајќи ги НАТО и ЕУ, без да се менува уставното име на државата.

Со прифаќање на тој Договор денес ќе одбележуваме најмалку 20 години членство во НАТО и во ЕУ. Ќе  ги немавме проблемите со Грција и со Бугарија. Доволен период на една редовна членка во НАТО и ЕУ да се отстрани бесмисленоста во делот на името само за надворешна употреба како поранешна југословенска држава, која не постои. Таа извонредна можност заврши како предавство на националните интереси.

На истиот начин, со лажен  патриотизам и популизам ги одбивме сите компромиси кои во секоја наредна прилика на вечните преговори со Грција стануваа потешки во сооднос на реалната сила и позиција што ја има Македонија во светот на големите интереси.

Никогаш не научивме дека правдата и правото се едно, а интересите нешто друго, што го анулира правото. Политиката на компромиси ја создадоа Западноевропската економска заедница само неколку години по Втората светска војна по најголемите непријателства, разорувања и милионски човечки жртви. Довчерашните непријатели по две светски војни седнаа на заедничка маса и се договорија за компромисите. Од таа заедница денес израсна големата Унија од 27 земји меѓу кои и државите зад железната завеса кои заостануваа зад Југославија,  а имаше и такви кои заостануваа и зад Македонија.

Членството на Македонија во НАТО беше дочекано со „еее", голема работа, така и така ќе бевме примени. Што имаме ние од тоа? Само трошоци. 

Гаранциите за членство во ЕУ одамна се дадени 

Почетокот на преговорите со ЕУ беше дочекан уште пожестоко. На јавноста и се сервираа ужасни пропаганди како велепредавство на националните и државни интереси. Таа голема лага ја голтна македонската јавност. Деновиве на одбележување на 33 годишнината на независноста највисокиот државен интерес се става во втор план со барање на гаранции дека нема да бидеме излажани во преговорите со ЕУ ако го исполниме условот да се донесат уставните промени. Демек нема да бидеме наивни и да наседнеме на една таква лага која ни ја подготвуваат ЕУ и Бугарија. Притоа се премолчува дека гаранциите за прием во ЕУ одамна се познати и ставени како главен предуслов за членство во европското семејство.

Тоа се реформите кои треба да се спроведат. Се работи за истите реформи кои постојат во речиси сите партиски програми кои служат само за предизборни кампањи, почнувајќи од владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, до економски, образовни, реформи во здравството, земјоделството, заштита на човековата околина и уште триесетина предуслови што означуваат прием во ЕУ.  

Македонските влади, институции без партиски консензус не успеаја сами да ги спроведат реформите без финансиска и стручна помош на ЕУ и со тоа да ги зајакнат своите преговарачки позиции. Но, затоа со кампањите и тревогите за предавствата на домашните и надворешните непријатели, ВМРО ДПМНЕ успеа да го запре најголемиот успех во ерата на независноста, а тоа е отворање на преговорите и спроведување на реформите со потпишување на договорите со Грција и Бугарија.

По тие усвоени договори со соседите, за брзината со која овој  најголем стратегиски државен, национален и граѓански интерес ќе  се оствари одлучувавме сами. Избравме да ги блокираме, избравме достоинство и национална гордост. Повеќе не сме сервилни да прифаќаме компромиси и неправди. Се јуначиме дома под јорган планина во подготовките за локални избори наредната година, а Европа нека чека. Толку многу се загрижени во Брисел и во Софија што им се добредојдени нашите одложувања.

Има ли некој во актуелната власт што не е сервилна, туку е горда и достоинствена, и што и поставува услови на ЕУ и на соседите со политика на ем шуто ем боде, за гаранции без да ги спроведува реформите кој има некаква визија што ќе се случува кога до 2028 -2030 во ЕУ ќе влезат Србија, Албанија и Црна Гора. Тоа придвижување на овие соседни земји кои се во преговори со ЕУ се најавува се погласно и поконкретно. Ќе стасаат ли и нивните фактури кон Македонија како на Грција и на Бугарија. Не верувате. Не бидете сигурни. Некои наредни влади и во тие нови членки на ЕУ ќе ги достават своите државни интереси и побарувања.

Колку државјанства ќе земат тогаш граѓаните на Македонија ако веќе земале над сто илјади бугарски. Да речеме албански и српски. Тврдам најмалку двојно повеќе албански и српски од бугарските. А, што друго би избрале граѓаните ако Македонија остане сама, изолирана на Балканот, како мала обиколница на скопските улици. 

Тоа е нашиот избор кој станува се пореален откако станавме горди и достоинствени и ги збришавме сервилните и предавниците. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat