Од март нема гарантирани цени - кој ќари највеќе од мерките?
27 февруари 2024Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецот. Министер Крешник Бектеши најавува дека ќе се чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој треба да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“, изјави Бектеши за МИА.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во декември 2023 година беше усвоен од Владата и доставен до Собранието. Бектеши вели дека законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи, се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието.
Дали е надмината кризата со храната?
Гарантираните цени на производите беа една од антикризните мерки коишто ги воведе Владата со цел да се заштити стандардот на граѓаните во услови на вртоглав пораст на цените. Пикот на ценовниот раст беше постигнат во октомври 2022 година, кога индексот на трошоците на живот порасна за рекордни 19.8%. Оттогаш до денес, инфлацијата постепено забавуваше и се сведе на 3.2 проценти во јануари 2024 година. На светските пазари на храна настана релативна стабилизација уште порано во текот на 2023, а стабилизација постои и на пазарите на енергенти, иако тие остануваат со поголема волатилност. Според тоа, на почетокот од 2024 година, може да се смета дека кризата со цените на храната и енергијата е во голема мера надмината.
Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк (ФТ) анализира колку владините мерки за справување со кризата со цените на храната и енергијата ги заштитија граѓаните. Укажувањата на економските експерти се дека мерките спасиле значаен дел од доходот особено на посиромашните домаќинства - особено мерките од последниот пакет кои се во сила. Гледано како удел во вкупниот доход, најголемо позитивно влијание овие мерки имале кај најсиромашните домаќинства.
„Меѓутоа, со тоа што значаен контингент од мерките беа нетаргетирани – најмногу мерките кои се однесуваа на цените, како замрзнати цени или профитни маржи, намалување на стапката на ДДВ, субвенционирање на цената на струјата и парното греење, тие во голем обем помагаа и на подоходовните домаќинства, кои тој товар можеа да го сносат самите“, посочуваат од ФТ.
Но, земајќи го како валиден аргументот дека замрзнатите цени на производите имаат за цел да спречат нефер трговски практики кои се во корист на производителите и трговците, сепак оваа анализа покажува дека, во обем, овие мерки повеќе им користат на подоходовните слоеви од населението.
Ризик од зголемено буџетско оптоварување
Дополнително, анализата покажува дека најмалку две од мерките во третиот пакет носат ризик од зголемено буџетско оптоварување кога ќе се споредат со слични мерки од минатото.
„Особено, финансиската поддршка за пензионерите останува со релативно широко таргетирање и, според тој дизајн, наликува на предизборна мерка“, велат од Институтот. Дополнување на пензиите, освен кај најниските пензии, надвор од предвиденото законско усогласување, според анализите, претставува ризик за пензискиот фонд и за буџетот.
Од ФТ посочуваат дека Владата треба да продолжи со процесот на намалување и елиминирање на нетаргетираните мерки. Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки.
„Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производиот процес или на цените од увоз е значајно намален, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата“.
Антикризни мерки
За да се спречи недостиг од струја и парно во текот на зимата 2021/22 година, Владата прогласи состојба на „енергетска криза“ што овозможи да се префрлат дополнителни средства од централниот буџет кон компаниите за производство на електрична енергија и на централно греење. Овој чекор може да се смета за прв од серијата владини мерки за справување со кризата со цените на храната и енергијата.
„Енергетската криза“ беше продолжена во текот на 2022 година, а беше донесен и план за зголемување на домашното производство на електрична енергија за 20% и се воведоа мерки за заштеда на електрична енергија во јавниот сектор за 15%.
Последователно на овие први чекори за справување со ефектите од кризата со цените на храната и енергијата, Владата во текот на самата криза донесе три пакети антикризни мерки, и тоа во март и октомври 2022 и во ноември 2023 година. Првиот пакет мерки од март 2022 содржеше 27 мерки, со проценет финансиски обем од 400 милиони евра.
Вториот пакет мерки од октомври 2022 содржеше 19 мерки со проценета вредност од 360 милиони евра, иако само 5 од овие мерки беа нови, а останатите 14 повторување на мерките од првиот пакет кои сѐ уште беа во сила за време на објавувањето на вториот пакет. Непосредно по објавувањето на вториот пакет, тој беше надополнет со уште една мерка за повластена цена на електричната енергија на прехранбените фирми.
Третиот пакет антикризни мерки од ноември 2023 содржеше 24 мерки и тежеше 662 милиони евра, но покрај овој буџет, како дел од пакетот беа претставени и три системски мерки за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и на пензиите, со вкупна вредност за 2023 и 2024 година од 516 милиони евра.