1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Нема веќе пасоши за украинските мажи во странство

Еуген Тајзе | Јевхенија Хусиева
26 април 2024

Украина ги ограничува конзуларните услуги за украинските мажи во странство кои се на возраст за мобилизација. Што велат за ова погодените во Германија?

https://p.dw.com/p/4fCj4
Украина пасош бегалци
Киев престанува да издава пасоши на Украинци во странство кои се способни за воена службаФотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

„Добро е што го добив пасошот во Келн минатата година и веќе не морам да одам во конзулат“, вели Олех од Киев, кој сега живее во Германија со сопругата и трите деца. Ова е неговата реакција на изјавата на министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, дека веќе нема да се даваат целосни конзуларни услуги на граѓаните кои се на возраст за мобилизација, а се наоѓаат во странство. Ова особено треба да важи за оние кои не се регистрирани во армијата.

„Живеењето во странство не го ослободува граѓанинот од обврските кон неговата татковина“, нагласи Кулеба на онлајн платформата Х во вторникот (24.04), додавајќи дека наредил мерки за да се обезбеди „фер третман на мажите на возраст за мобилизација во Украина и во странство“.

Во меѓувреме, Киев престана да издава пасоши за мажи на возраст меѓу 18 и 60 години кои живеат во странство. Ова значи дека украинските мажи на возраст за мобилизација можат да добијат пасоши единствено во самата земја. Единствен исклучок е издавањето лични карти за враќање во Украина.

Обврска за пријавување, можни казни и очекувани тужби

Мерката е поврзана со неодамна донесениот закон за засилување на мобилизацијата и има за цел да ги притисне мажите да се вратат во својата матична земја. Предвидено е законот да стапи на сила на 18 мај.

Според новите прописи, машките украински државјани кои живеат во странство ќе мора да се пријават во армијата. „Како тоа да се направи во странство и кои документи треба да се презентираат, е нејасно“, вели адвокатката од Киев, Хана Ишченко. Владата тоа сѐ уште не го утврдила. Единственото нешто што засега е јасно е дека законот се однесува на сите машки граѓани без исклучок - и оние кои ја напуштиле Украина по големата руска инвазија во 2022 година и оние кои живеат во странство од раѓање.

Прописите за задолжителна регистрација предвидуваат дека украинските граѓани можат да користат конзуларни услуги во странство само откако ќе се разјасни дали се регистрирани во армијата. Ако тоа не е случај, покрај одбивањето на конзуларните услуги, тие се соочуваат со парична казна од 510 до 850 гривни (околу 12 до 20 евра) и, за повеќекратни прекршоци, до 1.700 гривни (околу 40 евра).

Адвокатката Ишченко очекува тужби против властите. Судовите треба да разјаснат дали официјалните одлуки се во согласност со принципот на еднаквост на граѓаните пред законот. „Мора да има рамнотежа помеѓу последиците за граѓаните и целите што одредбите треба да ги постигнат“, објаснува таа. Според нејзиното мислење, мерките што ги презема власта не се во согласност со принципот на пропорционалност и покрај воената ситуација.

Олександр Павличенко од украинскиот Хелсиншки сојуз за човекови права дури зборува за дискриминација. Тој стравува дека украинските власти во иднина би можеле да одбијат помош за погодените во итни ситуации. Како резултат на тоа, луѓето ќе бараат друго државјанство, преку статус на бегалец или други процедури за да го напуштат за нив „незгодното“ украинско државјанство. Павличенко, исто така, очекува дека Украинците ќе поднесуваат тужби против новите прописи, повикувајќи се на Европската конвенција за човекови права.

Украина бегалци во Германија
Во Германија прво доаѓаа жени и деца од Украина, а потоа и мажиФотографија: Waltraud Grubitzsch/picture alliance/dpa

Надеж за заштита и помош од Германија

Олех не сака да се пријави во војска. Тој се плаши дека ќе биде распореден во војна, иако, според сегашните прописи, како татко на големо семејство е ослободен од воена служба. „Нема да ја оставам жена ми сама со три деца“, нагласува тој.

Бохдан, кој исто така не сака да го каже своето презиме, илегално ја напуштил Украина, заобиколувајќи ги граничните контроли. Тој преку Молдавија дошол во Германија, каде привремено има заштитен статус. Бохдан дефинитивно не сака да се врати назад, тој се чувствува добро во Германија и учи германски.

Бохдан верува дека казнените мерки против мажите кои не се пријавуват во војска не можат да ги убедат оние кои намерно ја напуштиле Украина за време на војната да се вратат дома. „Кога ќе аплицирам за нов пасош во 2032 година, се надевам дека ќе имам друго државјанство, можеби германско“, вели тој.

На прашањето што би направил доколку неочекувано му треба украински конзулат, Бохдан одговара: „Ништо, апсолутно ништо“. Не очекува никакви проблеми. „Речиси 90 отсто сум сигурен дека Германија ќе го организира тоа за да можеме да ги добиеме сите потребни документи овде без да ни требаат украински. Нема да мораме да контактираме со Украина“, уверен е тој.

Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи, Максимилијан Кал, на владината прес-конференција во средата (25.04) рече дека на постапките на украинските власти гледа „како прашање на конзуларното право, што е единствено во рацете на украинските власти“. Кал нагласи дека тоа нема да влијае на статусот на заштита на бегалците од Украина, „без разлика дали се жени или мажи“.

Единствениот украински барател на азил во Северна Македонија

Пред сѐ жените се враќаат во Украина

Според Сојузниот завод за статистика, во февруари 2024 година приближно еднаков број мажи и жени од Украина на возраст од 18 до 60 години побарале азил во Германија: 5.597, односно 5.772 лица. Две години претходно, две третини од воените бегалци беа жени, а втората по големина категорија беа деца.

Од друга страна, 39 отсто од оние кои моментално се враќаат во Украина се жени на работоспособна возраст. Наспроти тоа, процентот на мажи на воена возраст кои се враќаат дома од Германија е само 23 проценти.