1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Ненамерното убиство на тројца заложници го потресе Израел

ЕМФ | агенции
16 декември 2023

Ненамерното убиство на тројца заложници во Појасот Газа од страна на израерлската армија предизвика голема потресеност во Израел.

https://p.dw.com/p/4aEzD
Израел Тел Авив демонстрации протести заложници
Демонстранти во Тел Авив бараат брз нов договор за ослободување на преостанатите заложнициФотографија: AHMAD GHARABLI/AFP

Ненамерното убиство на тројца заложници од страна на израелската армија, според премиерот Бенјамин Нетанјаху, претставува „неподнослива трагедија“:

„Целата држава Израел е во жалост оваа вечер“, рече премиерот. Тројцата мажи киднапирани од радикалната исламистичка група Хамас беа застрелани од израелски војници за време на борбите во Шуџаија, на северот на Појасот Газа.

Израел Бенјамин Нетанјаху
Нетанјаху: Неподнослива трагедијаФотографија: Ronen Zvulun/AP Photo/picture alliance

Армијата изрази „најдлабоко жалење за трагичниот инцидент“. Отворена е истрага и од инцидентот се извлечени „итни лекции“ кои се пренесени на сите израелски единици. Портпаролот на армијата Даниел Хагари вети „транспарентна истрага“. Според него, војниците „ненамерно ги идентификувале тројцата заложници како закана“. Војниците потоа пукале во заложниците „и тие биле убиени“. Според Хагари, израелската армија се сомнева дека тројцата заложници или избегале од Хамас, или биле ослободени од киднаперите. „Сè уште не ги знаеме деталите“, рече портпаролот на армијата.

Според армијата, телата на тројцата заложници се донесени во Израел. Израелските сили ги идентификуваа случајно убиените како 26-годишниот Алон Лулу Шамрис и 28-годишниот хеви метал тапанар Јотам Хаим, двајцата киднапирани од кибуцот Кфар Аса, како и 25-годишниот бедуин Самер Ел-Талалка од кибуцот Нир Ам.

По веста за ненамерното убиство на тројцата заложници, стотици демонстранти се собраа на протести пред Министерството за одбрана во Тел Авив. Меѓу нив имало и роднини на заложници. Демонстрантите побараа брз нов договор за ослободување на преостанатите заложници. Во текот на демонстрациите се вееја израелски знамиња, а се носеа и плакати со портрети на заложници.

Тел Авив Израел протести
Протести во Тел Авив по веста за ненамерното убиство на израелските заложнициФотографија: Violeta Santos Moura/REUTERS

Како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, во текот на една недела на крајот на ноември беа ослободени околу стотина заложници. За возврат, Израел ослободи од затвор 240 палестински затвореници. Договорот беше постигнат со посредство на Катар,Египет и САД.

Порталот „Аксиос“ во петокот вечерта (15.12) објави дека директорот на израелската тајна служба Мосад, Давид Барнеа, викендов во Европа ќе се сретне со катарскиот премиер Мохамед бен Абделрахман Ал Тани. Притоа треба да се разговара околу втор прекин на огнот за ослободување на заложниците. „Аксиос“ не дава информации за точната локација на средбата или за бројот на заложниците кои би можеле да бидат ослободени.

Хамас, класифициран како терористичка организација од ЕУ и САД, киднапираше околу 250 луѓе како заложници во Појасот Газа по неговиот голем напад врз Израел на 7-ми октомври. Борците на Хамас влегоа во израелските градови и извршија злосторства врз цивили. Според израелските податоци, убиени биле повеќе од 1.130 луѓе. Како одговор на тоа, израелската армија оттогаш бомбардира цели во Појасот Газа и започна копнена офанзива. Според последните информации на Министерството за здравство под контрола на Хамас, кои не можат да се проверат од независни извори, досега се убиени околу 18.800 луѓе, меѓу кои околу 8.000 деца.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема