1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Нетанјаху по шести пат премиер на Израел

СН/агенции
30 декември 2022

Долгогодишниот премиер на Израел сега ја води својата шеста - и секако најконтроверзна - влада. А Бенјамин Нетанјаху би можел и лично да се ослободи од тежок товар.

https://p.dw.com/p/4LZ7l
Бенјамин Нетанјаху се обраќа пред Кнесетот пред гласањето за изборот на неговиот нов владин кабинет
Бенјамин Нетанјаху се обраќа пред Кнесетот пред гласањето за изборот на неговиот нов владин кабинетФотографија: AMIR COHEN/AP/picture alliance

Лидерот на конзервативната партија Ликуд ја предводи најголемата десна и најрелигиозната влада во историјата на Израел, која поради своите цели предизвика критики во земјата и кај меѓународната јавност.

Откако по околу година и половина ја помина во опозиција, 73-годишниот политички ветеран Бенјамин Нетанјаху вчера повторно се врати на власт, со што Израел ја доби 37-та влада - најдесна и најрелигиозната влада во својата историја.

За време на церемонијата на полгање на заклетвата пред Кнестот се собраа околу илјада незадоволни граѓани со знамиња со бои на виножито меѓу кои имаше и пратеници од опозицијата кои скандираа против расизам и корупција, ветувајќи дека ќе ја избркаат „темнината“ на новата влада.

На лидерот на Ликуд, на кому му се суди за корупција, ова му е шести мандат. Нетанјаху веќе беше премиер 15 години, најдолго од сите израелски политичари, и тоа 12 години по ред од 2009 до 2021 година, и 3 години од 1996 до 1999 година.

Пред парламентот во Ерусалим, демонстрант облечен во маска на Нетанјаху потсетува на судскиот процес за корупција против премиерот
Пред парламентот во Ерусалим, демонстрант облечен во маска на Нетанјаху потсетува на судскиот процес за корупција против премиеротФотографија: AHMAD GHARABLI/AFP

Нетанјаху, кого на патот кон повторното освојување на власта го сметаат за „жртва“ на политички изнуди, бидејќи направил премногу отстапки на екстремната десница и партиите на ултраортодоксните Евреи, вчера во парламентот рече дека неговиот кабинет од 31 министер има три национални цели: да спречи Иран да стане нуклеарна сила, да овозможи Израел да добие супербрза железница и да постигне повеќе договори со арапските земји, пред сѐ со Саудиска Арбија.

Додека за време на говорот пратениците од опозицијата му дофрлаа дека е „слаб“ и „расист“, Нетанјаху вети оти ќе ја подобри личната безбедност на граѓаните и ќе ги намали високите трошоци за живот.

И пред објавувањето на коалициските договори многумина во Израел изразија загриженост поради насоката во која новата влада ќе тргне.

„За партнерите на Нетанјаху тоа станува влада од соништата. А, сонот на една страна е кошмар за друга“, вели Јоханан Плесер, претседател на невладиниот Институт за демократија на Израел.