Олаф Шолц – најнепопуларен германски канцелар
8 декември 2023На другарките и другарите, германските социјалдемократи, веројатно нема да им биде до славје на нивниот партиски конгрес во Берлин од 8 до 10 декември. Зашто, според најновата анкета „Германски тренд“ (Deutschlandtrend), која редовно се спроведува за германскиот јавен сервис АРД, партијата на канцеларот Олаф Шолц, СПД, моментално може да смета само на 14 проценти од гласовите на бирачите. Тоа се два проценти помалку отколку во ноември и најниска вредност од јуни 2021 година.
Партнерите во владата, Зелените, имаат моментална поддршка од 15 проценти (+1 процент), а либералите со 4 проценти би биле под цензусот и не би влегле во Бундестагот (+/-0).
Што се однесува на опозицијата, ЦДУ и ЦСУ моментално би добиле 32 проценти (+2), што е највисока вредност од март 2021 година, а следи Алтернатива за Германија (АфД) со 21 процент (-1). Левица не би била застапена во Бундестагот зашто би освоила само 3 проценти (-2).
Натамошно губење симпатии за Олаф Шолц
Од работата на сојузната влада моментално се задоволни само 17 проценти од гласачите, што е нов минимум. Дури 82 проценти изразуваат критика.
На мета на критики е посебно канцеларот: само 20 проценти од анкетираните се моментално задоволни од работата на Олаф Шолц.Тоа е најниска вредност за сојузен канцелар од кога се врши анкетата „Дојчланд тренд“, односно од 1997 година.
Додуша, речиси секој втор анкетиран (48 проценти, -16 од април 2022) смета дека Олаф Шолц се однесува разумно. Меѓутоа, само една четвртина моментално во него гледа добар кризен менаџер (23 проценти, -14). Само 12 проценти ја потврдуваат неговата способност за убедливо комуницирање (-15), а само 27 проценти моментално сметаат дека е дораснат на канцеларската функција (-20).
Причина за критиките?
СПД, Зелените и ФДП веќе две години ја сочинуваат сојузната влада. Поминаа низ неколку кризи, но ниедна не беше толку длабока како сегашната буџетска криза.
Во средината на ноември Сојузниот уставен суд делумно ја поништи владината финансиска политика. СПД, Зелените и ФДП прераспоредија преку 60 милијарди евра неискористени кредитни овластувања од пандемијата на коронавирус – за заштита на климата. Сега постои огромна дупка во буџетот за 2024 година за која одамна требаше да биде донесена одлука. Штедење или земање нови кредити и повторна суспензија на кочницата за задолжувања? Во коалицијата околу ова апсолутно нема согласност.
Во оваа ситуација од канцеларот се очекува да ја изведе владата од кризата. Но, каде би било решението? Ни граѓаните немаат единствен одговор.
Речиси половина од избирачите (47 проценти) смета на заштеди во трошоците, проекти и инвестиции, додека 35 проценти смета на повторно прогласување на вонредна ситуација, а со тоа и на суспензија на кочницата за долгови. Само 8 проценти од граѓаните се залагаат за повисоки даноци и давачки. Приврзаниците на СПД (59 проценти) посебно се залагаат за суспензија на кочницата за долгови. Гласачите на ЦДУ/ЦСУ (58 проценти) и АфД (69 проценти) поддржуваат јасни мерки за штедење.
Намалување на социјалната потрошувачка и помошта за Украина?
Анкетарите ги прашале граѓаните и каде точно да се заштеди ако се земаат нови кредити: 64 проценти сметаат дека треба да се намалат давањата за невработени граѓани (Bürgergeld). Против тоа се 31 процент. Но, Германците се исто така прилично отворени за намалување на воената помош на Украина (54 проценти) и на давачките за климатска трансформација (41 процент), а за намалување на основната детска заштеда се само 27 проценти.
Клима: Германците мислат дека прават доволно и сега други се на ред
Во Дубаи моментално се одржува 28 Светска климатска конференција на ОН. Очекувањата на германските граѓани од глобалната соработка во таа област се пониски во однос на претходните конференциии во 2018 и 2021 година.
Само 10 проценти од германските граѓани моментално се уверени дека меѓународната заедница може да се справи со последиците од климатските промени, додека 86 проценти не веруваат во тоа. Испитаниците не се скептични само поради зачестеноста на екстремни временски прилики, Германците се сомневаат и во придонесот на другите народи.
Мнозинство германски граѓани има впечаток дека Германија прави многу во борбата против климатски промени и дека останатите земји би требало да направат повеќе (62 проценти).
Мнозинство Германци и натаму ги смета за неопходни ограничувањата во начинот на живот (70, -15), но тоа мнозинство не е толку големо како во 2019 година.
Одговорноста за заштита на климата првенствено му се припишува на стопанството (61 процент), но со 30 проценти помалиот економски раст многу поретко се гледа како неопходност на климатската политика отколку пред две години. Само 36 проценти (есента 2021 биле 42 проценти) поддржува подобро одразување на еколошките трошоци во цените, на пример преку данок на ЦО2.
За ова истражување „Дојчланд тренд“ Институтот за истражување на јавното мислење инфратест-димап спровел репрезентативна анкета меѓу 4 и 6 декември во која учествувале 1.346 Германци со право на глас.