1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

Никаде не е лесно да си Ром

27 октомври 2022

Сиромаштија, исклучување, лишување, дискриминација...Извештајот на европската Агенција за основни права открива како живеат Ромите во Северна Македонија и во десет европски земји.

https://p.dw.com/p/4IjZS
Протест на Ромите во Македонија против дискриминацијата во април 2015 година
Протест на Ромите во Македонија против дискриминацијата во април 2015 годинаФотографија: Petr Stojanovski

Во ризик од сиромаштија се 75% од Ромите во Северна Македонија, а 62% од нив живеат во тешки материјални лишувања што е двојно повеќе од процентот за ризик од сиромаштија за општото население во земјата (30%).

Ова се дел од резултатите на истражувањето за 2021 година објавено во Извештајот на европската Агенција за основни права (ФРА), врз основа на околу 8.500 интервјуа со Роми во десет земји членки на ЕУ - Бугарија, Чешка, Грција, Шпанија Хрватска, Италија, Унгарија, Португалија, Романија, Словачка, а за првпат и во две земји кандидатки - Србија и Северна Македонија.

Со оглед дека со претходното истражување од 2016 година не била опфатена РСМ, во извештајот нема споредбени податоци за да се увиди дали во земјата се подобруваат или влошуваат набљудуваните индикатори. Но генерално, оценката за сите земји е неповолна.

„Исклучување, лишување, дискриминација и расизам - ова останува реалност за голем дел од европските Роми во нивниот секојдневен живот. Шест години по последниот извештај Европската агенција за основни права (ФРА), и во новиот извештај наодите покажуваат дека ситуацијата на  Ромите не е многу променета и покрај и покрај целите поставени од Европската унија", се вели во извештајот. 

Улична сцена од скопската општина Шуто Оризари
Улична сцена од скопската општина Шуто ОризариФотографија: DW/P. Stojanovski

Истражувањето е спроведено преку интервјуа со Ромите и/или податоци од националните институции, а резултатот е загрижувачки.

„Ромите насекаде продолжуваат да се соочуваат со шокантни нивоа на маргинализација и дискриминација“, оценува директорот на ФРА Мајкл О’Флаерти, посочувајќи дека креаторите на националните политики треба да ги вложат сите напори за борба со таа неподнослива ситуација.

Не учат и не работат 60% од младите Роми

Зад бројките и процентите се кријат човечки приказни, кои најчесто добиваат внимание и „грижа“ на 8-ми април - Светскиот ден на Ромите. Во останатите 364 дена се е оставено во рацете на предрасудите, стереотипите, тивката или отворена дискриминација, негрижа, неееднаквост, исклученост...

Според податоците на ФРА, во РСМ 46% од ромските деца на возраст од 6 до 15 години посетуваат училишта каде што сите или повеќето деца се Роми. Во последните 12 месеци, 20% од анкетираните Роми се чувствувале дискриминирани во клучните области од животот затоа што се Роми, а од истата причина 10%  биле изложени на барем една форма на вознемирување мотивирано од омраза. Во ризик од сиромаштија се 75% од Ромите, што е за 50% повеќе од процентот за таков ризик на општата популација во земјата (22%). За споредба, освен во Бугарија каде во ризик од сиромаштија се 71% од Ромите, во сите европски земји тој процент е исклучително висок и се движи меѓу 80 и 98%. 

Стипендии за ромски семејства

Според извештајот, 62% од македонските Роми од живеат во тешки материјални лишувања, што е двојно повеќе од процентот за ризик од сиромаштија за општото население во земјата кој изнесува 30%. Меѓу членките на ЕУ овој процент е највисок во Грција (84%) и покажува тренд на влошување во споредба со извештајот од 2016 година (73%). Во РСМ, дури 69% од децата Роми до 17 години живеат во тешки материјални лишувања, (за општата популација податокот е 32%), а 79% од нив се во ризик од сиромаштија. Дури 60% од младите Роми на возраст меѓу 16 и 24 години не работат и не учат, наспроти 20% од општата популација. Од испитаниците, само 2% пријавиле инциденти заради вознемирување затоа што се Роми, а 81% не пријавиле, што е загрижувачки податок, кој може да укажува на големо отсуство на доверба во институционални постапки против таквите состојби.

Недоволен напредок

Според ФРА, 80 отсто од членовите на ромската заедница во ЕУ живеат во ризик од сиромаштија, додека тој процент кај општата популација е околу 17 отсто. Овој податок бил ист и во извештајот за 2016 година. Оттука не е изненадувачки што во Извештајот се констатира „недоволен и премногу бавен напредок“.

На ниво на ЕУ повеќе од половина од Ромите живеат во влажни, темни станбени единици без соодветни санитарни објекти. Само 43 отсто од Ромите во ЕУ имаат платена работа, додека процентот за општата популација во ЕУ е 72 отсто. Очекуваниот животен век за жените Ромки е 71 година а за мажите Роми 67 години, во споредба со соодветните 82 и 76 години за општата популација во Унијата.

Голем број жители на Шуто Оризари и натаму живеат во субстандардни услови
Голем број жители на Шуто Оризари и натаму живеат во субстандардни условиФотографија: DW/K. Blazevska

Во однос на образованието, дури 71 отсто од младите Роми го напуштаат образовниот систем предвреме, наспроти 10 % меѓу младите од 18-24 години во ЕУ.

„Многу земји сè уште не ги достигнуваат етапните цели утврдени во 10-годишниот план на ЕУ за Ромите",предупредува ФРА. Тој треба да заврши во 2030 година, а Агенцијата стравува од последиците од пандемијата и инфлацијата, потсетувајќи дека ранливите групи на населението и особено ромските заедници се „првите жртви".