1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нотарските тарифи нема да се зголемат за 10 пати

ДТЗ
31 јули 2024

Министерот за правда, Игор Филков, најави дека ќе ја поништи одлуката потпишана од неговиот претходник, Кренар Лога.

https://p.dw.com/p/4ixcF
нотари, правда, судство
Нотарските тарифи се замрзнуваат, нема да има нивно поскапување за десет пати од 1 септемвриФотографија: Volker Hartmann/dpa/picture alliance

Нотарските тарифи се замрзнуваат, нема да има нивно поскапување за десет пати од 1 септември. Ова го најави министерот за правда, Игор Филков кој вели дека ќе ја поништи одлуката потпишана од неговиот претходник, Кренар Лога. 

Според Филков, неговиот претходник без да ја информира јавноста потпишал одлука со која од септември нотарските услуги требало да се зголемат за десет пати. „Но, ова нема да се случи“, вели министерот за правда, кој иницирал постапка до Владата. 

„Ќе ги повлечам измените за новата тарифа. Вака не се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, односно не смее да се носат одлуки без да има широка дебата, без да слушнеме што мислат за тоа сите засегнати страни“, рече Филков 

Ваквата одлука била донесена уште во февруари месец, но според него, се чекало да поминат изборите, по што на 5 јуни техничката Влада дала одобрение и на 11 јуни новите тарифи биле објавени во „Службен весник“.

По повлекувањето на одлуката, Филков вели дека има намера да отвори дебата и да се разговара што може да се направи, сѐ со цел да не бидат оштетени ниту граѓани, но ниту нотарите. По стапувањето на функција, со поддршка од пратениците иницирал да се направи анализа од страна на Парламентарниот институт, при што ќе се земат предвид нивните, но и аргументите на нотарите.