Нов обид за референдум за францускиот предлог
28 септември 2022Нов обид за одржување референдум против францускиот предлог - овојпат преку опозициската Левица. Лидерот на партијата Димитар Апасиев поднесе предлог за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на задолжителен дополнителен референдум на прашање : „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“.
Порача дека „народот мора да го има последниот збор кога станува збор за прашања од национален интерес“. Очекува поддршка од опозициските партии, а доколку претседателот на Собранието, Талат Џафери ја отфрли и оваа иницијатива по примерот на претходната на ВМРО-ДПМНЕ, најави целосна блокада на Собранието.
Очекувања
Апасиев очекува до крајот на неделата да бидат собрани законскиот минимум пописи и ги повикува граѓаните да ги поддржат. Тој очекува веќе идната недела иницијативата да биде пуштена во собраниска процедура, а за 90 дена, односно до крајот на годината да бидат собрани потребните 150.000 потписи.
„Очекуваме веќе следната недела да ја пуштиме во процедура каде што би дошла пред собраниските филтри, без Џафери да изигрува уставен судија“, велат од Левица.
Тие не очекуваат проблеми со прифаќањето на иницијативата, бидејќи сметаат дека е „правно коректно напишана“ согласно член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Сметаат дека Џафери не може да ја прогласи иницијативата за неуставна, оти според нив тој нема такви ингеренции. Но, доколку според некое сценарио тоа се случи, целосно ќе го блокираат собранието.
„Тој нема да се дрзне тоа да го направи. Џафери е надлежен само да ја прими иницијативата, дали има минимум законски потписи и потоа ја проследува до комисии. Толку се неговите овластувања“, вели Апасиев.
Правни замки
ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на септември предложи референдумско изјаснување со прашањето: Дали сте за престанок на важењето на договорот за пријателство со Бугарија. На 13 септември, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.
За разлика од првото прашање на коешто се „лизна“ опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Левица смета дека ќе ги избегне правните замки, со поставување на референдумско прашање, коешто велат дека е „така интелигентно срочено што го следи примерот од Преспанскиот договор и веќе има преседан за тоа“. „Не очекуваме некои посериозни проблеми“, дециден е Апасиев.
Спорни точки
Ако успее референдумот, Собранието има обврска да ги прилагоди заклучоците согласно волјата од изјаснувањето на граѓаните. Тоа би знаело промена на заклучоците коишто ги донесе Собранието.
Според Апасиев, спорни се две точки од заклучоците коишто ги усвои Собранието во јули - точката 1 и 3 Г каде што се вметнати францускиот предлог и преговарачката рамка.
Во точката 1 од заклучоците, Собранието, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, ја задолжува Владата да ги продолжи разговорите со ЕУ со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои Преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми за членство, согласно со спецификите и постигнатите резултати на земјата.
Во точката 3 Г, пак, се наведува дека за одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, согласно предлогот на Француското претседателство со ЕУ, треба да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки.
„Ако помине референдумот тоа практично би значело дека од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка без 'бугарските хегемонистички и ванчомихајловистички барања' кои се инкорпорирани внатре. Тоа значи дека референдумот не е анти-ЕУ, туку бојкотот на референдумот е таков чин, бидејќи демократското изразување на граѓаните не може да биде анти-ЕУ“, дециден е Апасиев.