Нов скок на трошоците за живот - инфлацијата не попушта
7 август 2024Најновите статистички податоци укажуваат на нов скок на трошоците за живот во Северна Македонија, што влијае и на инфлацијата. Во екот на летото, изгор цените во рестораните и хотелите, високите трошоци за транспорт, лекување и домување само го одржуваат високото ниво на инфлација.
Трошоците на животот во јули годинава, во однос на јули лани, бележат зголемување за 3.0 %, а цените на мало за 3.9 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во јули во однос на јуни 2024 година, изнесува 0.7 %. Цените на мало, пак, во јули во споредба со претходниот месец забележале раст од 1.5%.
Рестораните се поскапи
Зголемувањето на инфлацијата е резултат на растот на трошоците на животот во групите: ресторани и хотели за 5.8 %, транспорт за 4.9 %, рекреација и култура за 1.2 %, здравје, разновидни стоки и услуги за 0.6 %, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.3 %, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1 %.
Во јули 2024 година, во однос на јуни 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: облека и обувки за 0.5 %, храна и безалкохолни пијалаци за 0.2 %, комуникации за 0.1 %.
Трошоците на животот во групите: мебел, поќукнина и одржување на домаќинствата и образование останале на исто ниво како и во претходниот месец.
Статистиката само ги потврди пресметките коишто неодамна ги објавија синдикатите. Во текот на јули, минималните трошоци на едно семејство пораснале во однос на претходниот месец за 245 денари. Ако во јуни, според пресметките на Сојузот на синдикатите, на едно семејство му биле потребни 60.325 денари за да ги помират најосновните потреби, во текот на јули не им биле доволни ниту 60.570 денари.
Најмногу пари за храна
Вообичаено, најмногу пари се потребни за храна за што во јули за основните потреби биле потребни 22.008 денари, додека за режиски трошоци биле потребни 6.014 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април годинава изнесува 41.085 денари и е за 13,7 отсто повисока отколку во истиот месец од минатата година.